Светите тајни во Православната црква (1)
Византиската теологија ја отфрла западната дистинкција помеѓу „светите тајни“ и „свештените обреди“ и никогаш формално самата не се обврзала на строго ограничување на бројот на светите тајни. Во патристичкиот период немало технички термин за да се означат „светите тајни“ како специфична категорија на црковни дејствија: терминот мистерион првично се употребувал во поширока и генерална смисла за „тајната на спасението“, а само во помошна смисла се употребувал за да се означат конкретни дејствија, што ни го даруваат спасението. Во оваа вторична смисла, тој се употребувал паралелно со такви термини како „обреди“ или „осветувања“. Теодор Студит во деветтиот век дава листа од шест свети тајни: свето „Просветлување“ (Крштение), „синаксис“ (Евхаристија), Миропомазание, Свештенство, монашки постриг и служба на погребение. Учењето за „седумте свети тајни“ за прв пат се појавува, што е многу карактеристично, во Исповеданието на Верата од папата Климент IV, побарано од императорот Михаил Палеолог во 1267 год. Исповеданието, се разбира, било подготвено од латински теолози.
Очигледното западно потекло на ова строго набројување на светите тајни не било спречено да биде широко прифатено помеѓу источните христијани по тринаесеттиот век, дури и помеѓу оние кои жестоко ја отфрлале унијата со Рим. Како што изгледа, прифаќањето не било толку резултат од влијанието на латинската теологија, колку од необичната средновековна византиска фасцинација од символичните броеви: бројот седум, конкретно, предизвикал поврзување со седумте дарови на Духот кај Исаија 11,2-4. Но, помеѓу византиските автори кои ги прифатиле „седумте свети тајни“ наоѓаме различни паралелни листи. Монахот Јов (XIIIвек), автор на дисертација за светите тајни, го вклучува и монашкиот постриг во листата, како и Теодор Студит, но Покајанието и Помазанието (Маслосветот) на болните ги соединува во една света тајна. Симеон Солунски (XV век), исто така, го признава светотаинскиот карактер на монашкиот постриг, но го класифицира заедно со Покајанието, сметајќи го Помазанието како одделна тајна. Во меѓувреме, Јоасаф, ефескиот митрополит, современик на Симеон, изјавува: „Верувам, дека светите тајни на Црквата не се седум, туку повеќе“ и дава листа од десет, вклучувајќи го и осветувањето на црква, погребалната служба и монашкиот постриг.
Очигледно, византиската Црква никогаш формално не се обврзала со конкретна листа; многу автори ја прифаќаат стандардната серија од седум свети тајни – Крштението, Миропомазанието, Евхаристијата, Свештенството, Бракот, Покајанието и Помазанието на болните (Елеосвештение, Маслосвет), додека други даваат подолг список, а додека трети ја нагласуваат исклучителната и истакната важност на Крштението и Евхаристијата, основното христијанско воведување во „новиот живот“. Така, Григориј Палама тврди дека „во овие две (тајни) целото наше спасение е вкоренето, бидејќи целиот Домострој на Богочовекот е сублимирано во нив“. А Никола Кавасила ја сочинува познатата книга за Животот во Христа како коментар на Крштението, Миропомазанието и Евхаристијата.
Крштение и Миропомазание
Во Источната црква, Крштението и Миропомазанието (последното се извршува со помазување со „свето миро“ осветено од епископ) обично се извршуваат заедно. Веднаш по примањето на Крштението и Миропомазанието, детето се приопштува кон евхаристиската заедница. Затоа не постои практична разлика помеѓу приопштувањето на дете или возрасен кон членството на Црквата; во двата случаи, човечкото битие коешто припаѓа на „стариот Адам“ преку природното раѓање, се воведува во „новиот живот“ преку Крштението, Миропомазанието и светата Причест. Христијанското воведување е еден неделив акт: „Ако некој не го прими мирото, тој не е совршено крстен“, пишува Симеон Солунски.
Како што видовме, светоотечкото учење за спасението не се базира на идејата на вина наследена од Адам и од која човекот е ослободен во Христа, туку на поегзистенцијално разбирање и на „паднатото“ и на „искупеното“ човештво. Од „стариот Адам“, преку неговото природно раѓање, човекот ја наследува повредената форма на живот, ограничена со смртноста, неизбежно грешна, без фундаментална слобода од „кнезот на овој свет“. Алтернативата на оваа „падната“ природа е „животот во Христа“, којшто е вистински и „природен“ човечки живот, дар од Бога даруван во тајната на Црквата. „Крштението – пишува Никола Кавасила, не е ништо друго, туку повторно раѓање според Христа и примање на нашето вистинско битие и природа“.
Византиската традиција ја има задржано древната христијанска пракса на Крштение преку трикратно потопување. Всушност, потопувањето некогаш се сметало за суштинско за валидноста на светата тајна и некои екстремни антилатински полемичари ја доведувале во прашање дејственоста на западното Крштение, врз основа на неговото извршување преку попрскување. Потопувањето навистина е самиот знак на она што Крштението го означува: „Водата уништува еден живот, но покажува друг; го дави стариот човек и го подига новиот“ – пишува Никола Кавасила. „Давењето“ не може смисловно да се означи поинаку, освен преку потопување.
протоереј Јован Маендорф