За свети Павле Препрости (4/17 октомври)
Блажениот Павле имал дар на прозорливост. Во една прилика, влегувајќи во еден манастир, застанал покрај црквата и набљудувал со какви мисли влегувале луѓето во неа. Имало вечерна служба и сите влегувале во црквата со ведри лица и светли души, и со секого од нив радосно влегувал и ангелот пазител. Но, еден брат одел во црквата со мрачно лице, потемнета душа, опкружен од демони, при што секој го влечел при себе, а неговиот ангел пазител одел по него оддалеку, тажен и расплакан. Откако го видел тоа, светиот се ожалостил и многу тагувал за загубениот брат, од голема тага не влегол ни во црквата, туку седел надвор и плакал. Кога завршила црковната служба, сите браќа излегувале онакви како што и влегле, озарени со Божествена светлина. Преподобниот Павле го здогледал и оној брат што при влегувањето во црквата бил мрачен и потемнет, а сега неговото лице било светло како на ангел, благодатта на Светиот Дух го осенувала, ангелот пазител радосно го држел за рака, а демонот оддалеку ридал и не можел ни најмалку да му се приближи.
Забележувајќи ја оваа брза промена кај братот, блажениот се зарадувал, го сопрел и пред сите раскажал што видел, па го прашал оној брат за причината на оваа ненадејна промена кај него. А тој, гледајќи дека е разоткриен преку Божјо откровение, пред сите раскажал сè за себе:
„Јас сум многу грешен: многу години сè до денешниов ден поминав во нечистотија. Но, кога влегов во црквата, слушнав како го читаат пророкот Исаија, или подобро – Бог Кој преку него говори: Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; научете се да правите добро. Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели (Ис 1,16.17.18). Откако го слушнав тоа, мојата душа се потресе, ми се отворија духовните очи и јас, согледувајќи ја својата беда и погибел, воздивнав во своето срце и Му реков на Бога: Ти, Господи, Си дошол во светот да ги спасиш грешниците, како што сега ми кажа преку Својот пророк; направи го тоа навистина со мене грешниот. Зашто, еве, ветувам дека отсега, со Твоја помош, не само што нема да правам никакво зло, туку ќе го отфрлам и секое беззаконие и ќе Ти послужам Тебе, Господи, со чиста совест; само Ти мене, што се каам, прими ме и не отфрлувај ме мене, што паѓам пред Тебе. Со вакви ветувања, продолжил тој, излегов од црквата, решавајќи во своето срце да не грешам (повеќе) пред Бога“.
Откако го слушнале ова, сите со силен глас Го прославиле Бога, Кој го прима секого што Му приоѓа со покајание.