Свети Пантелејмон и неблагочестивиот лекар
Нашата презвитера имаше тумор и ја оперираа. Штом го извадија туморот, му дадоа едно парченце на нејзиниот сопруг, отец Евангелос, да оди на биопсија и веднаш да ги донесе резултатите. По добивањето на резултатите од испитувањето, докторите не ѝ дадоа ниту шест месеци на болната. Ќерката на отец Евангелос се онесвести, додека тој самиот се изгуби. Сепак, во своите раце ја стискаше раката на свети Пантелејмон, која ја донесе со себе и се молеше.
Презвитерата се врати од операција. Со голема надеж, отец Евангелос ја положи раката на светителот врз едни завои, на местото каде што се изврши операцијата на градите на презвитерата, па падна на колена во молитва. Во тој момент влезе хирургот со ставена маска. Здогледувајќи ја сцената, тој почна да вика:
„Каква е оваа коска, оче? Изнеси ја надвор и носи ја дома“.
На кутриот свештеник почна да му се врти во главата; тој ги зеде светите мошти и ја побара вратата. Иако му се вртеше, тој ја слушна сестрата како го вика докторот на телефон, велејќи му дека неговата сопруга го бара.
Приквечер еден автомобил застанал надвор од домот на свештеникот. Изненаден, отец Евангелос го видел докторот како се појавува. „Леле, леле!“ – си помислил – „докторот ме прогонува и дома“. Исто така, во ужас видел како од автомобилот излегува и едно младо изобличено момче; неговата уста била изместена до неговото уво.
Докторот му пристапил на свештеникот и рекол:
„Оче мој, онаа коска, ја имаш ли? Прости ми, бев понесен. Во моментот кога те исфрлив надвор, мојата сопруга ми се јави и ми кажа дека мојот син, додека имал испит, одеднаш се срушил на земја со оваа парализа. Сфатив дека јас сум виновен и затоа многу те молам да ни прочиташ молитва. Твојата презвитера ми ја даде твојата адреса, овде до селото“.
Отец Евангелос одговорил: „Секако, чедо мое. Дојди во црквичката. Синко, земи ја раката на светителот и клекни“.
Отец Евангелос подоцна ни објасни што следело потоа, велејќи: „Го положив епитрахилот врз главата на момчето и почнав да ја читам молитвата. Додека читав, слушнав звук: крак, крак! Си помислив, што ли ќе е? Завршив и кога момчето стана, што да видиме, устата на детето си дошла на место! Таткото и синот ми се нафрлија“.
„Оче мој, како да ти се заблагодарам?“ – прашал таткото на детето.
„Не мене, чедо мое“ – одговорил свештеникот – „туку заблагодари Му на Бога и на светителот“.
Оттогаш тие многу често доаѓаа да се поклонат и да донесат масло за кандилото на светителот.
А за презвитерата – поминаа повеќе од дваесет години откога таа потполно оздраве, без никаква додатна терапија. Таа ги израсна нејзините деца и живее во селото, грижејќи се за малата црквичка со нејзините многубројни мошти, кога отец Евангелос не е веќе тука.
Докторот честопати ќе му речеше на отец Евангелос: „Ние, отец, треба да си ги запалиме книгите“.
Извор:www.johnsanidopoulos.com
Г.Г.