Монахиња Јулијанија: Смислата и содржината на иконата
Прв дел од написот во три дела
Во наше време многу е голем интересот кон древните икони. Специјалистите ги изучуваат нивните историски, уметнички, стилски особености, се публикуваат брошури, се издаваат научни трудови, се издаваат мноштво книги, посветени на древната уметност.
Но, за многу верни древната икона сè уште останува загатка, многу во неа предизвикува недоумица. На основа на запознавањето со древната икона, некои доаѓаат до неочекуван заклучок, дека тогаш сé уште не умееле да сликаат.
Но не треба да се заборави, дека уште четири векови пред Раѓањето Христово, уметниците од големата паганска култура вешто цртале слики. Со доаѓањето на земјата на Богочовекот, на почвата од таа култура паднало зрно, кое израснало и го дало стеблото на новата уметност, христијанската, особена по својата природа и надворешните форми.
Древната икона е составен дел од животот на Црквата, основана на земјата од Христа Спасителот. Христос, пак, Главата на Црквата, за Себе рекол: Царството Мое не е од овој свет (Јн 18,36). И Црквата Христова не е од овој свет; нејзината природа е поинаква за разлика од земниот свет. Суштината на Црквата Христова е духовна, возвишена, нејзиниот живот и здив е Господ и Небесната Црква, нејзиното назначување е продолжувањето на Христовото дело, а Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното (Мт 18,11). Спасението на светот и неговата подготовка за идното Царство Божјо е мисијата на Црквата на земјата.
Таквата трансцедентност на нејзината суштина и цел им ја предале и особените форми на сите надворешни пројави на нејзиниот живот, сосема неслични на формите и образите светски, почнувајќи од надворешниот вид на храмот и завршувајќи со најмалите предмети од црковниот круг. Сè во Црквата е приведено соодветно на нејзината натсветска природа и сè е усогласено да послужи на нејзината конечна цел – спасението на светот.
Затоа и уметноста на Црквата, а особено ликовната уметност (а таа зазема значајно место во храмот), добила особен правец, сосема особена содржина, а содржината условила и сосема поинакви форми, т.е. нејзина надворешност. Веќе со необичноста на своите форми, Црквата му служи на спасението на човекот, напомнувајќи му дека постои друг свет и дека нашиот сегашен живот е само мал степен кон идниот живот што нè очекува. Со сите свои установи, Црквата уште овде ја приоткрива таинствената завеса на вечноста и води кон благодатно општење со Бога, Кој е живот и здив, храна и напиток на блажена вечност. Но, почетокот на другиот живот треба да биде поставен овде на земјата. Една од таквите установи на Црквата е црковната сликарска уметност.
За појасно да се почувствува разликата помеѓу црковната и световната уметност, прво да видиме и проанализираме со што и како живее световната уметност. Пристапувајќи кон тоа, да ги земеме предвид основните ставови: дека ликовната уметност е основана на видот, на нашата способност да гледаме; дека секое уметничко дело може да се разгледува од различни страни, а пред сè, од страна на неговата содржина и надворешна форма.
За да може сликата од која било тема да предизвикува доволен впечаток врз оној што ја гледа, уметникот треба да помине тежок пат: пред сè, тој неопходно треба да го оспособи и воспита својот вид, да се научи не само правилно да ги гледа предметите што нè опкружуваат, туку да придобие методи и начини за изобразување на виденото. Кога таа етапа ќе се помине, кај уметникот, според мерата на неговото трудољубие и талeнт, сама по себе возникнува способноста да се проникнува зад надворешноста на сè видливо, да се постигнува она што е недостапно за обичното гледање, и не само да го постигнува, туку и да се пресоздаде тоа во светли и силни образи: такви се карактерот на луѓето, духот на епохата, различните расположенија, жалостите или радостите на природата, различните годишни времиња, привлечната сладост на свежите овошја и сл.
Притоа, за уметничкото творештво надворешниот свет претставува непресушлив и совршено неопходен извор на видливи впечатоци, на многуобразни неповторливи слики, живописни задачи и најдобри помагачи во трудот. Она што од сето тоа богатство најсилно ќе вдахнови, најдлабоко ќе ја нурне чувствителната душа на уметникот, тоа најсилно и ќе се одрази во неговото дело. Толку светло и силно, што и гледачот ќе го разбере и почувствува она, со што била преполнета душата на авторот.
Восхитот, огнот на мајсторот е жариштето на уметничкото творештво, без тој оган не возникнуваат творби на уметноста, поради што таа и го носи на себе неизбришливиот печат на вкусовите, расположенијата, симпатиите и антипатиите на својот генијален автор.
И така, што во сликата претставува нејзина автентична содржина? Темата, несомнено, влегува во поимот на содржината, имено темите ги делат сите уметнички творби на видови (жанрови): пејзаж, портрет, мртва природа итн., сепак, ние знаеме дека секоја тема може да биде разбрана и разработена од различни уметници на различни начини. Уметноста на мајсторот не му поставува никакви рамки. Тој е потполно слободен во решавањето на поставените задачи. Тој слободно разработува теми, и световни, и религиозни: значи, автентична и вистинска содржина на сликата како световна уметност претставува расположението, поимањето на авторот, коешто е неговата неповторлива индивидуалност, неговата душа. Дури и пристапите и манирите во сликањето кај секој мајстор се сопствени, на сите е печатот на неговата личност, како што и велат: „Тој си има свое лице“.
Во уметноста на сликата тоа е најценетото. Секако, човечки, сообразно на поставеноста на својата душа, уметникот не сè од виденото може правилно да оценува, на многу од животните појави тој може да гледа тесно, еднострано и дури искривено, поради што и не секоја слика може да биде еднакво прифатлива за сите. Ние се насладуваме со вештите творби на уметноста, но некои во нас можат да предизвикаат непријатни, дури и одвратувачки чувства.
Двојната субјективност на творештвото на секој мајстор ја условува неопходноста од потпис на неговото дело, и тоа е потполно природно, бидејќи само тој така го разбрал она што го насликал. Таква е содржината на световната уметност.
Од надворешна страна, пак, од аспект на формата, секоја слика е прозорец во материјалниот свет што нè опкружува, којшто е просторен, со добро нам познати форми, предмети, природа, лица. Како одраз на душата на мајсторот, која постојано трага, се стреми кон сè понови и понови достигнувања, изменлива во своите расположенија, како огледало на нашиот живот воопшто, уметноста на сликата е извонредно непостојана, како по својата содржина, така и во своите надворешни форми.
Да преминеме кон црковната уметност. Како што е забележано погоре, таа е дел од животот на Црквата. А природата на Црквата е натсветска, нејзиниот живот тече над сè земно, коешто е колебливо, себељубиво и страсно; и со таа величествена натсветскост, од самите први денови на постоењето на Црквата Христова, почнале постепено да проникнуваат сите надворешни пројави на нејзиниот живот, а особено, ликовната уметност.
Духовниот свет е нематеријален, невидлив, недостапен за обичното восприемање и разбирање. Ниту плотскиот, ниту душевниот човек не можат да проникнат во таа таинствена област, а уште повеќе да црпат од неа некакви форми за своето творештво.
Меѓутоа, и овде ликовната уметност се заснова на гледањето. И, ако обичниот уметник неопходно треба да се научи да гледа, за да изобрази нешто, тогаш и иконописецот некако треба да проѕре во духовната област, да оживее во неа, да ја почувствува нејзината реалност, за задиши со нејзиниот воздух – со молитвата, да го почувствува нејзиниот мир и бестрастие, да биде пленет од красотата на нејзината чистота, од радоста на благоговејното претстоење пред Лицето Божјо.
иконописец монахиња Јулијанија (Соколова)
Г.Г.