За Сирната седмица
Минуваат овие подготвителни денови на Великиот Пост и доаѓа, се разбира, Сирната седмица (рус. Масленица). Масленицата е чудесно време. Од една страна велат, дека тоа се денови со паганско потекло, старословенско. Можеби, можеби… Но, знаете, една од карактеристиките коишто, за жал, современото општество речиси ги загубило, но кои во традиционална Русија биле живи до минатиот век, и кои воопшто сè уште ги има во Црквата, е умешноста да се организира времето. Знаете, времето е простор во кој живее човекот. Еве, човекот доаѓа во нов дом. Сте дошле во нов дом и треба со својот здив да го загреете него. Дури и да ви се допаднал тој дом со целиот мебел, вие сепак ќе уредите нешто по свое, за отпечатокот на вашата домаќинска душа да лежи на тоа живеалиште. Истото се случува и кога на работа ќе добиете некој нов кабинет или ќе ве постават на некое ново биро. Не се чувствуваш удобно, ако само влезеш во кабинетот, едноставно се населиш, а сè си остане на своето место. Барем нов пепелник да донесеш и толку. Ќе го очовечиш, одомиш, свој отпечаток над сè ќе ставиш.
Така и времето – тоа не е едноставно време, кога се движат соѕвездијата, планетите летаат итн. Времето е време на човекот. Човекот треба да живее во човечко време, а не во космичко. И за да оставиш своја трага на времето, човекот создал календар. За секој ден да има свое име, за секој ден да има свое лице, за деновите да не бидат слични еден на друг. И затоа се вели: овој ден е Ѓурѓовден, на Георгиј Победоносец, ова Николин ден, на Марија Египетска, ова е Страдалната Седмица. И секој ден со нешто се разликува во Црквата. Тие престануваат да бидат она, се сеќавате, како што во советските календари од 30-тите години пишувало? „6 ден од десетдневието“ – целосно губење на секоја човечност. Сè било претворено во гол механизам. Прекари наместо имиња. Броеви, логорски броеви наместо имиња.
Значи, традиционалното општество умее така да го очовечи времето, што се појавува ефектот на контраст. Работни денови и празник. Има работно време – време на труд. А има и „саботен ден“ или неделен – ден на празник, кога човекот си спомнува дека не е само трудбеник, тој не е едноставно роб на своето парче земја, туку уште нешто друго. Тој ден треба да Го гледа Бога лице в лице. Се сепнала душата и човекот почувствувал, дека тој не е само граѓанин на мало провинцијално кнежество, туку е син Божји, граѓанин на Вселената. Така, таа умешност – способноста констрастно да се устројува времето – денес е загубена. И современиот човек ги разликува деновите, барем според принципот: Ох, денес ли е квизот „Поле на чудеса“ или утре е „Поле на чудеса“? Како се устројуваат нашите денови: Пред вестите ли е или по нив ќе го даваат?
Така, црковниот календар, во таа смисла е човечен и се гради на контрасти.
Масленица. Бунт на бои. Дури и бунт на телото во некоја смисла. На Масленица се случуваат карневали. Во католичкиот свет, во Латинска Америка „карневал“ потекнува од зборот „месо“. Тоа се поклади со месо, бидејќи последните денови поминуваат, а потоа следи Великиот Пост. Дали знаете барем еден новинар, кој би ви го кажал ова? Дали би кажал дека по карневалот започнува Великиот Пост? Јас никогаш не сум слушнал нашите телевизиски репортери да спомнат за тоа. Чудно нешто: раскажуваат за тоа како луѓето грешат. Хм, а за тоа, како се каат, не сакаат да раскажуваат. Најверојатно, потешко е тоа да биде снимено на камера.
И, еве. Ние ја имаме Масленицата и, во ред, прошетавме малку. Потоа тука е Великиот Пост, кој без пауза веќе започнува. Сосема поинакво чувство на душата, поинаков опит. И потоа радоста на Пасха. Нешто како ова: еве ја радоста на Масленица, а еве ја радоста на Пасха. Колку се различни, тие радости… Радоста на телото, радоста на стомакот – радоста на Масленица исполнета со палачинки, и светлата, т.е. духовната радост на Пасха.
ѓакон Андреј Кураев
Г.Г.