Шестодневот и науката, човекот – образ Божји
Библијата започнува со расказот за Создавањето на светот и човекот. Според ова, Бог го создава светот постепено во шест дена, етапи.
Небо |
I ден | 1.акт | Светлина | IV ден |
5.акт |
Светила |
Земја |
II ден |
2.акт |
Свод: небо и вода |
V ден |
6.акт |
Птици и риби |
III ден |
3.акт |
Земја |
VI ден |
7.акт |
Животни |
|
4.акт |
Растенија |
8.акт |
Човек |
Деновите тука тешко дека треба да се сфатат како обични денови од 24 часа, астрономски, оти сонцето се појавува дури во четвртиот ден. Во библискиот јазик денот (јом) може да означува и подолг период. Исто така, за седмиот ден не се вели „и би вечер и би утро“, тој не е завршен, ние живееме во седмиот ден – ова време, очекувајќи го осмиот, кој е времето на Царството небесно и ќе следи по историјата.
За Духот се вели дека лебдел над водите; во еврејскиот јазик се употребува истиот збор како кога птица квачи јајца. Духот со своите енергии ја затоплувал, оживотворувал првосоздадената материја што била хаотична, без форма. Бог ѝ дава сила на материјата сама да се развива (еволуција?): нека израсте од земјата… (1,11).
Постои ли спротивставеност меѓу она што го говори Библијата и гледиштата на науката? Веднаш мораме да кажеме – не, затоа што тие не даваат одговор на исто прашање. Ако науката дава одговор на прашањата: што, како? – Библијата се занимава со повозвишените нешта: Кој, зошто?
Ова треба да го знаеме: Библијата не е научна книга, таа е Откровение и има други задачи и цели, коишто не се научни. Сторијата може да се прифати и така како што е напишано, но доколку некој има проблем со помирувањето на научните теории и библиското раскажување за потеклото на светот, добро е да се знае дека Библијата воопшто нема за цел да укаже на начинот како е создаден светот и човекот, туку дека овој свет има свој Творец – тоа е главната цел. За да ги искаже богооткриените вистини, таа понекогаш користи јазик којшто е символичен, од времето и просторот, како и културата каде што е пишувана, јазикот на древните митови (со тоа се објаснува сличноста меѓу паганските митови за создавањето и библиската повест). Сепак, да не се разбереме погрешно, таа не е мит, туку го користи тој јазик и првично е упатена против таквите митови, соседни на Израил – месопотамските, египетските, ханаанските, и нивните учења за светот и човекот. Библискиот расказ полемизира со митовите и паганските претстави за светот, тој е упатен против дуализмот, пантеизмот, политеизмот итн. (светот е создаден и целиот е добар, природата, како и сонцето и месечината не се богови како што верувале паганите, туку само созданија – тоа го кажува Библијата). Геоцентризмот во неа (каде земјата се доживува како центар на Вселената) не е научен, туку духовен, бидејќи во центарот на целото создание стои човекот.
Познавачите на еврејскиот јазик препознаваат поетски стил во овој расказ, тоа е песна во која се објавува богооткриената вистина за светот. Тоа е поетска, литургиска слика на создавањето, а не научна. Владиката Иларион Алфеев вели: „Во Библијата сè е вистина, но не треба сè да се разбира буквално“ – во груба смисла. На крајот на краиштата, Библијата не нè учи како е устроено небото, туку како да се искачиме на него.
Човекот – образ Божји
Според Библијата, Бог го создава човекот од „правот земен“ т.е. материјата и му вдахнува „животен дух“ т.е. душа. Во таа смисла, човекот претставува смеса (микс) од двата света, материјалниот и духовниот.
Човекот е создаден според образ (икона) и подобие Божјо. Што значи тоа? Образот Божји во човекот, според библискиот контекст, е во господарењето над светот: Да создадеме човек според Нашиот образ (и) според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар… над целата земја (1Мојс 1,26), (потоа, тој им дава и имиња на животните – да дадеш име, според библискиот јазик, значи да бидеш супериорен кон она што го именуваш). Некои образот Божји го гледале во тоа што човекот е способен за творештво, креативност (Бог е Творец, нели), други во тоа што тој поседува разум, логика (нешто што го разликува од животните). Но, некогаш бесловесните животни подобро ги познаваат (и следат) законите на овој свет, а човекот честопати се противи на природната логика дури до самоуништување, што доаѓаме до заклучок дека клучно обележје на човекот е неговата слобода (светите отци токму во слободата го гледале образот Божји). Човекот слободно треба да одбере дали ќе се приклони кон доброто или кон злото, иако Бог му дава одредени патокази, но не го принудува. Образот е она што му е дадено, а подобието – она што му е зададено, можноста да се уподобува на Бога. Човекот по својот потенцијал е богочовек.
Жената се создава од реброто на мажот (од срцето, таа е понаклонета кон чувствата), но со тоа се покажува и фактот дека мажот и жената имаат иста природа, тие се рамноправни по достоинство. Што вели Писмото: и Бог го создаде човекот според образот Свој: машко и женско ги создаде (1,27). Образот Божји може да се види и во ова: Бог не создава еден, туку двајца, двоица. Егоцентрична личност не е способна за љубов, таа мора да излезе од себе за да се оствари како личност, затоа Бог создава двајца. Бог е Троица, па затоа образот Божји може да се види во заедницата меѓу мажот и жената, затоа во црковното сознание бракот и семејството се доживуваат како икона (образ, одблесок) на Троичниот Бог.
Според библиското-христијанско учење, човекот е составен од душа и тело; личноста е носителка на двете нешта и само во единството на овие две човекот е човек. Отец Георгиј Флоровски вели: „Душата без тело е фантом, а телото без душа е труп“. Според Христијанството, освен оваа двојна поделба: душа и тело, понекогаш се употребува тројна (ап. Павле): тело, душа и дух. Дух или ум (грч. нус) е разумниот принцип кај човекот, „честица од Божеството“ (св. Григориј Палама).
Во Христијанството се гаи еден возвишен поглед кон човекот: тој е круна на созданието, господар на сè, икона Божја и потенцијален бог по благодат. За разлика од паганството, каде неговото достоинство е на ниско ниво (месопотамскиот мит говори дека човекот е создаден да им служи на боговите, за будистите и хиндуистите кои веруваат во инкарнација, човекот можеби во минатиот живот бил бесловесно животно итн.), додека за атеистите тој е само поразвиено животно…
Г.Г.