Отец Сава Дечански: За причестувањето

Евхаристијата не е награда за добро држење

rsz_zaednica_crkva

Најпрво да се потсетиме на зборовите од апостол Павле кон Коринтјаните:

 А јас го примив од Господа она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб, и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас; правете го ова за спомен Мој!“ По вечера, исто така, зеде и чаша, па рече: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!“ Оти, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат. Оти, ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме осудени. Но судејќи нè, Господ нè накажа, за да не бидеме осудени заедно со светот. (1Кор 11,23-32)

Недостојно се причестува оној што не го разликува Телото Господово. Тука е важно да се има предвид дека Причеста не е некаков „витамински“ додаток за нашето здравје, помошно средство за подобро да се подвизуваме, коешто одвреме-навреме треба да го земаме, но коешто можеме и да го прескокнеме. Оние што не го разликуваат Телото Господово имаат ваков магиски пристап кон причестувањето или, од друга страна, моралистички расудуваат дали се достојни за него или не, во зависност од тоа дали заслужуваат или не заслужуваат награда. Евхаристијата не е награда за добро држење. Господ зел леб и вино, бидејќи овие две материи имаат колективен карактер. Лебот се добива од пченицата која е собрана од многу полиња и која само доколку се сомеле, измеша со вода и закваси со квасец, станува леб. Исто така и виното се добива од многу гроздови кои згмечени во преса даваат сок, којшто низ ферментација станува вино. Значи, ни лебот ни виното не настануваат природно, туку се добиваат со човечки труд и се содржат од материја која е собрана и соединета, од многу во едно. Затоа евхаристискиот леб и вино ја символизираат заедницата на христијаните, Црквата во која многумина стануваат едно. Црквата, во која сме повикани и собрани од многу народи и краишта, како многуте класови во еден леб и многуте гроздови во чашата вино (оваа асоцијација ја наоѓаме во ранохристијанските молитви на анафората). Затоа Црквата не се символизира со Евхаристијата, туку и непосредно се остварува и потврдува на секој литургиски собир. Евхаристијата е есхатолошкото собрание на верните и залог на конечното остварување на Црквата во Царството Небесно.

Сево ова е многу важно да се има предвид, за да дојдеме до она што претставува недостојното причестување. Ако живееме одвоено од заедницата, ако сме заробени од такви страсти и гревови што нè прават слепи и нечувствителни за другите во заедницата т.е. Црквата, ако во другиот не гледаме конститутивен дел на својата личност, туку се движиме по патот на постојаното одделување и претворање во индивидуа, ние всушност не знаеме што земаме и се задржуваме на магискиот и моралистички пристап кон Евхаристијата, што не е ништо друго, туку недостојно причестување. Практично и поедноставно кажано, доколку не живееме во љубов со останатите членови на Црквата, не сме достојни за причестувањето, бидејќи иако ги примаме Телото и Крвта Христови, со својот живот суштински и практично ја негираме заедницата која се манифестира во тоа исто Тело и Крв. Во тајната на Евхаристијата, не само што принесените материи стануваат Тело и Крв Христови, туку и ние самите преку примањето на осветените Дарови повторно и повторно се актуелизираме како Тело Христово – Црква. Поаѓајќи од ова, можеме да замислиме колку е апсурдно заедничкото учество во Литургијата без примање на Телото и Крвта Христови, зашто не примајќи ги светите тајни најчесто од емотивни причини на личната недостојност или привидно смирение, ние всушност Му свртуваме грб на Бога Кој нè повикува на Трпезата на вечниот живот. Во древната Црква, оние што биле заробени од страсти и гревови, кои подразбираат прекин со заедницата едноставно не можеле да присуствуваат на Приносот, освен во посебни случаи одредени со покајната дисциплина (т.н. συνεστωτες, лат. consistentes, т.е. оние што смееле да присуствуваат на Литургијата до крај, но не смееле да се причестат).

Ова значи дека оние што не живеат евхаристиски начин на живот или барем не се трудат да се вратат на правилниот начин на постоење не се достојни за Светите Тајни. Значи, тука не говориме за морализам и одредени правила што мора да се извршат за да би се причестиле достојно. Самата идеја на формални предуслови за Причест нè воведува во сферата на моралистичките празнословија, кои и довеле до тоа под видот на наводното смирение и покајание, причестувањето да се изгуби од фокусот на православната Литургија во текот на последните векови. Ние на Телото Господово му приоѓаме со вера, свесни за своите немоќи и падови, но истовремено знаејќи дека се спасуваме не како поединци, туку како Црква. Нема поединечно спасение, зашто Бог Отец единствено преку Светиот Дух може да нè види и препознае во Вечноста во Својот Единороден Син, ама како Црква. Затоа одвојувањето од Црквата е најголем грев што одвојува од вечното спасение и затоа оние што не живеат како активни членови на Црквата и не ја препознаваат својата Црква како мајка, туку бараат вистина во „продупчени садови“, причестувањето со Телото и Крвта Христови им е за суд и осуда.

Кои гревови нè прават недостојни? Секој грев, бидејќи секој грев нè оттргнува од заедницата во Христа на патот кон вечната смрт, но Причеста не е за безгрешни, зашто кој би можел да ја прими. Во литургиската молитва кон Христа што свештеникот ја чита тивко за време на херувимската песна, ова посебно се нагласува: „Никој од оние што е врзан од телесните похоти и сласти не е достоен да пристапи, или да се приближи, или да Ти служи (Литургија) Тебе, Цару на славата. Зашто, да Ти се служи тебе е големо и страшно и за самите Небесни Сили. Но сепак, заради неискажаното и неизмерно Свое човекољубие, непроменливо и неизменливо си станал човек, и Архиереј си ни бил, и како Владика на сите си ни го предал свештенодејствието на оваа литургиска бескрвна жртва…“ Значи, никој не е достоен да пристапи, но сепак пристапуваме зашто Синот Божји стана човек по Своето неискажливо човекољубие. Оној што приоѓа на Бога со ваква свест, свест за бескрајната лична недостојност и бескрајното Божјо човекољубие, нема да биде отфрлен. Од друга страна, ова значи дека недостојно се причестува оној што не ја чувствува и не ја исповеда својата лична недостојност и кој не верува во Божественото човекољубие. Таквото причестување со сигурност е за суд и за осуда, зашто оној што го прима не знае што прима.

архимандрит Сава Јањиќ

Превод: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *