Сабота пред Месопусна недела: Задушница

rsz_zadusnica

Следната недела се нарекува Месопусна затоа што за време на седмицата што следи, Црквата пропишала делумен пост – воздржување од месо. Овој пропис треба да се разбере во рамки на она што веќе го рековме за важноста на подготовката. Црквата сега почнува да ја завршува подготовката за подвигот што го очекува од нас за време на следните седум дена. Таа постепено нè воведува во тој подвиг, знаејќи ја нашата непостојаност, предвидувајќи ја нашата духовна слабост.

Во предвечерието на тој ден, во Месопусната сабота, Црквата нè повикува на молитвено сеќавање на сите оние што се упокоиле со надеж на воскресение и за живот вечен. Ова е навистина голем ден на молитва за упокоените членови на Црквата. За да можеме да го разбереме значењето на оваа поврзаност меѓу постот и молитвата за упокоените, треба пред сè да си спомнеме дека христијанството е религија на љубовта. Христос не им оставил на Своите ученици некакво учење за индивидуално спасение, туку им дал нова заповед да се љубат еден со друг. И додал: По ова ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе. Љубовта преставува основа и суштина на животот на Црквата, којашто, според зборовите на св. Игнатиј Антиохиски е единство од верата и љубовта. Гревот секогаш е отсуство на љубов, одвоеност, изолираност, војна на сите против сите. Новиот Живот, којшто ни е даден од Христа и којшто ни е пренесен од Црквата, е пред сè живот на помирување, собирање на расеаните, повторно воспоставување на љубовта, разнебитена од гревот. Но, како можеме да го поставиме почетокот на враќањето кон Бога, на помирувањето со Него, ако самите не се вратиме кон единствената нова заповед на љубовта? Молењето за умрените е суштински израз на Црквата како љубов. Ние Го молиме Бога да си спомне за оние што ги спомнуваме, а ги спомнуваме затоа што ги љубиме. Молејќи се за нив, ние се сретнуваме со нив во Христа, Којшто е Љубов и Којшто, затоа Што е Љубов, ја победи смртта, таа највисока форма на разделеност и недостаток на љубов. Во Христа нема разлика меѓу живите и мртвите, оти во Него сите се живи. Самиот Тој е Живот, а тој Живот е светлина за луѓето (Јн 1,4). Љубејќи Го Христа, ние ги љубиме сите што се во Него, а љубејќи ги оние што се во Него, ние Го љубиме Христа. Ова е закон на Црквата и јасно објаснување на нејзините молитви за мртвите. Нашата љубов кон Христа ги одржува живи затоа што ги држи „во Него“, и колку грешат, колку безнадежно грешат оние западни христијани коишто молитвата за упокоените ја сведуваат или на јуридичко учење за некакви „заслуги“ и „награди“, или едноставно ја отфрлаат како нешто бесполезно. Службата за упокоените во Месопусната сабота, е образец на сите други служби за спомнување на мртвите. Тие се совршуваат уште и во втората, третата и четвртата сабота од Великиот пост.

протопрезвитер Александар Шмеман

Извор: Великиот пост, Скопје 2004.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *