Резолуција на АКМПЕ

rsz_---_---_resized

Следејќи ја будно и со загриженост севкупната состојба во нашата Татковина – Република Македонија, Генералното собрание на Американско-канадската Македонска Православна Епархија, на своето редовно заседание, што се одржа на 14-ти мај 2016 година, во МПЦ „Свети Кирил и Методиј“ – Њу Џерси, од име на Македонските православни цркви во нејзината диецеза, како и македонската дијаспора во САД и Канада, ја донесе следнава

Р Е З О Л У Ц И Ј А

1. Апелираме до сите релевантни фактори, политички партии и невладини организации во Република Македонија, до политичките лидери и до сите чинители на општествениот живот, придржувајќи се на начелата на демократијата и владеењето на правото, раководени од принципот на братољубие и човекољубие, да покажат доблест, да ги надминат личните и партиските интереси во служба на општото добро – зачувувањето на мирот, слободата, стабилноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. Тоа е од посебно значење не само за нашата држава туку и за поширокиот регион. Нашите македонски браќа и сестри во Татковината – да се сплотат и да не дозволат поделби и, не дај Боже, меѓусебно крвопролевање, обезбедувајќи соживот и почитувајќи ја слободата на сите околу нив, без оглед на нивната национална, верска и политичка припадност.

Република Македонија веќе некое време е исправена пред големи предизвици, при што се доведени во прашање нејзината безбедност, интегритет, уставниот поредок и, уште повеќе – нејзиниот суверенитет и опстанок. Последните настани во нашата Татковина го окупираат вниманието на домашната и на светската јавност. Немирите и протестите се инспирирани и раководени од лични, теснопартиски и теснополитички цели и интереси на поединци. Заложник на сето тоа е македонскиот народ.

Така, за жал, демократијата во Република Македонија по нејзиното осамостојување, бележи најнизок пад во последно време. Наместо во институциите на власта, каде се креираат демократските процеси, таа се изли на улиците во главниот град на Република Македонија – Скопје, како и во поголемите градови на државата. Демократските средства на протест и незадоволство од состојбите, се заменети со вандализам, насилство и сквернавње на спомениците и општествениот имот. Всушност, тоа е сквернавење на историјата, културата, идентитетот, па дури и духовноста, на македонскиот народ. Ваквите средства на таканаречената „шарена револуција“, чии двигатели се јароста и пакоста, подобро би било да бидат заменети со – спектар на конструктивни идеи и дејства за надминување на политичката криза, премостување на јазот и за залечување на раните предизвикани од ваквите состојби. Шарените, или обоените револуции, досега на светот му донесоа само немири, деструкции, политички хаос, несреќи, раселување на народи и распад на држави. Да не дозволиме тоа да и` се случи на нашата Македонија и на древниот македонски народ!

Оние кои се на власт, и оние оние кои се аспиранти тоа да бидат во иднина, нека не ја злоупотребуваат, зашто „секоја власт е од Бога дадена“, и уште повеќе, нека не го потценуваат својот народ, бидејќи во една демократска држава, само тој е што дава и одзема власт. А, гласот на народот, пак, речено е, е глас Божји.

2. Претставниците, пак, на меѓународната заедница во државата, не само декларативно, туку принципиелно и прагматично да се заложат во праведно разрешување на политичката криза, почитувајќи го суверенитетот и интергритетот на Република Македонија и безусловно да помогнат за нејзиното скорешно прифаќање во евроатланските организации.

3. Медиумите во Република Македонија, информирајќи ја македонската и светската јавност за состојбите, во духот на новинарската етика, должни се објективно и непристрасно да ја информираат јавноста. Излегувањето од кризата, во голема мерка зависи и од нивната совесна работа. Слободата, пак, на информирањето подразбира – одговорност, благовременост и точност.

Уште еднаш, апелираме до сите: – Не дозволувајте неред во Македонија, не дозволувајте распад на Македонија, не делете го древниот македонски народ! Да живее Македонија!

Резолуцијава да се достави до сите релевантни фактори во Република Македонија.

ЕПАРХИСКО СОБРАНИЕ НА АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКАТА МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА

Њу Џерси, 14-ти мај 2016 година

Еден коментар

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *