Петар при огништето
Грчкиот збор anthrakia (сп. со англискиот дериват „anthracite“, вид на јаглен) којшто значи разгорен јаглен, само двапати се среќава во Новиот завет, и двата случаи во Евангелието според свети Јован. Првиот случај е во 18,18 и го означува огнот во внатрешниот двор, каде војниците и слугите на првосвештеникот седеле и се топлеле во текот на студената ноќ на Христовото судење пред Синедрионот. Симон Петар исто така дошол на тоа место и застанал до роднината на Малх, слугата на првосвештеникот. Токму покрај огништето Симон трипати се одрекол дека воопшто Го познава нашиот Господ, одејќи дотаму што одрекувањата ги потврдил со заклетва.
Најзабележлив со сигурност е фактот, дека настанот кој е толку засрамувачки за главниот на дванаесетте апостоли, во детали е раскажан во секое од четирите канонски Евангелија, и на тој начин засекогаш е утврден во меморијата на светата Црква. Од оваа сторија сите верници од сите векови треба да научат две лекции, кои никогаш не смеат да ги заборават.
Прво, секој може да падне, во секое време. Ако Симон Петар можел да се одрече од Христа, секој од нас може да го стори истото. Секако, Симон не верувал дека е способен за такво нешто. Дури и сите да се соблазнат – се фалел тој – јас не (Мк 14,29). Толку бил потполно уверен во тоа, што кога војниците дошле да Го уапсат Исуса во градината, Симон ги нападнал нив со сила. За жал, тој не бил ни првиот, ниту последниот кој ги смешал човечката возбуда со Божествената сила, или кој го смешал напумпувањето со адреналин со продирањето на благодатта. За кратко време, откога мавнал со мечот кон изненадениот Малх (сп. Јн 18,10), го гледаме Петар како се повлекува засрамен пред укажаниот прст на слугинката. Светиот Дух особено се погрижил христијаните низ историјата никогаш да не заборават, дека падот останува реална можност за секого од нив. Според зборовите на уште еден обратен грешник, затоа оној што мисли дека стои, нека гледа да не падне (1Кор 10,12).
Второ, христијаните исто така треба да се поучат од оваа сторија дека, сè додека се живи, покајанието и возвратот кон прошката се секогаш живи опции. Во врска со ова, покајанието на Симон Петар е во контраст со очајот на Јуда. Така што, евангелските стории ни кажуваат дека, сè до нашиот последен здив, никогаш не е доцна да се обратиме кон Бога како одговор на повикот на Неговата благодат. Најверојатно Евангелието според Лука ни дава најтрогателен опис на ова (пре)обраќање: И Господ се сврте и го погледна Петра… И Петар излезе надвор и плакаше горко (22,61-62). Овој настан е претворен во молитва во една древна латинска песна, компонирана да се пее при пеењето на петлите, во самиот час на одрекувањето: Jesu, labantes respice / et nos videndo corrige / Si respicis labes cadunt / et fletu culpa solvitur (Исусе, погледни кон оние што паѓаат и исправи нè со погледот. Нашиот грев отпаѓа од Твојот поглед и вината се раствора во плачот).
Второто огниште во Евангелието според Јован е она во неговата последна сцена, огнот запален од Самиот Господ, врз кој подготвил појадок за Неговите потиштени апостоли (21,9). По појадокот, при овој оган, Исус кон истиот Симон Петар ќе го постави трикратното прашање: Ме љубиш ли? Секако, апостолот разбрал зошто прашањето било поставено трипати, зашто тоа е бројот на неговите одрекувања. Од овој момент очистениот Петар, не верувајќи си повеќе себеси, се потпира целосно на Господовото познавање на неговото срце (21,17).
Но, има уште нешто во оваа приказна. Трикратното исповедање на Симон Петар е проследено со референца на неговото идно мачеништво, кое веќе се случило кога овој текст бил запишан во првиот век. Најверојатно, авторот на Јн 21 очигледно ја претпоставил запознатоста на неговите читатели со мачеништвото на Петар. Сторијата за распнувањето на апостолот на Ватиканскиот рид во Рим, во средината на 60-тите, било толку распространето меѓу црквите, што Јован можел само да спомне за раширувањето на рацете на Петар, за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Бога (21,18-19). Поентата нема потреба од понатамошно објаснување.
Раните христијани биле толку добро запознати со околностите на Петровото мачеништво во Рим, така што при крајот на векот Климент Римски (До Коринтјаните 5,4), пишувајќи од Рим, и Игнатиј Антиохиски (До Римјаните 4), пишувајќи до Рим, немале потреба да ги објаснуваат деталите и околностите. Дека овој пасус кај Јован (ќе ги рашириш рацете… за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Бога) навистина укажува на Петровото распнување во Рим, било сосема очигледно за Тертулијан, кој пишувал во Африка нешто по 200 година. Цитирајќи го овој Јованов стих, тој напишал: „Тогаш Петар беше опашан од други, кога беше врзан за крстот“ (Scorpiace 15,3).
отец Патрик Хенри Рирдон
Г.Г.