Отец Патрик Рирдон: Елисеј Чудотворецот

rsz_elisej

Во книгите Царства не е тешко да се забележи како пророците Илија и Елисеј приличат на великиот Мојсеј. Навистина, нагласувајќи ја таа сличност, во контекст на целта: авторот имал намера да ги претстави двајцата како современи нему Мојсееви преемници, и како секој од нив придонесува во некоја мера да се исполни Мојсеевото пророштво, дека ќе биде наследен од пророк сличен нему (5Мојс 18,15-18). Исто така, оваа перспектива е дел од најглавната грижа на Библијата: да го гледа пророчкиот корпус како соодветен редослед на Законот. Всушност, изразот „Законот и Пророците“ понекогаш се користи едноставно за да се означи целата еврејска Библија.

Илија приличи на Мојсеј во неколку моменти од неговата сторија: чудесното снабдување со месо и леб во пустината (3Цар 17,4-7), 40-дневниот пост додека лутал по пустината закрепнат од чудесно добиените леб и вода (19,4-8) и средбата со Господа на планината Хорев, исполнета со сите звуци и призори кои се поврзуваат со самиот опит што Мојсеј го имал на истото место. Илија ги прима неговите пророштва на истата планина, каде што Мојсеј го примил Законот. Како и Мојсеј, така и Илија си го сокрива лицето при опитот на врвот од планината (19,9-13). Потоа, кога доаѓа времето за Илија да го напушти овој живот, тој го повторува Мојсеевото дело на разделување на водите и потоа исчезнува источно од Јордан, каде што и Мојсеј исчезнал (4Цар 2,8-18).

Можеби посуптилно, но сличноста што Елисеј ја има по однос на Мојсеј исто така се забележува, и се гледа во службата на чудотворството. Мојсеј и Елисеј очигледно се двајцата најголеми старозаветни чудотворци. Не велиме дека Елисеј е прикажан како чудотворец, со цел да биде налик на друг Мојсеј. Напротив, ја положуваме спротивната претпоставка. Да претпоставиме дека овде Библијата го претставува Елисеј сличен на Мојсеј чудотворецот, бидејќи тој творел чуда исто како и Мојсеј. Во секој случај, поентата е јасна, сосема е разумно да се претпостави дека авторот на Царства ја раскажува приказната, на таков начин што ја потенцира сличноста помеѓу двајцата мажи во врска со чудата. Во врска со ова, вреди да се истражи контекстот на настаните во 4Цар 2-6 одблизу.

Прво, пророчката служба на Елисеј започнува онаму, каде што Илија ја оставил; имено, со чудесното разделување на водите (2,14); ова повторување на чудото ни напомнува на Мојсеј и Исус Навин. Потоа, како нестрплив одговор на упорното барање од „синовите пророчки“, Елисеј ја овластува потрагата по телото на Илија. Знаејќи што се случи со Илија, Елисеј воопшто не е изненаден што тие не успеале да го пронајдат (2,15-18), а внимателниот читател ќе запомни дека, покрај последните запишани факти за Мојсеј, се вели дека „никој не знае каде му е гробот до ден денес“ (5Мојс 34,6).

Ваков е контекстот, во кој Елисеј ја започнува својата служба како чудотворец. Последново мошне бргу ни напомнува на десетте казни на Мојсеј (врз Египет). Исто како казните на Мојсеј, и запишаните чуда на Елисеј се десет на број: очистувањето на изворот во Ерихон (2,19-2), ефективното проколнување на неговите непријатели (2,23-25), чудесното истекување на вода (3,16-20), чудесното произведување на масло (4,1-7), воскреснувањето на мртвото момче (4,18-37), очистувањето на котелот со чорба (4,38-41), умножувањето на храната (4,42-44), очистувањето на лепрата на Нааман и нејзиното префрлање на Гиезиј (5,1-27), испливувањето на секирата (6,1-7) и ослепувањето и прогледувањето на сириските војници (6,8-23).

Како пророк и чудотворец, Елисеј фигурира во Светото писмо како особена праслика на Христос. Навистина, освен Мојсеј, никоја друга старозаветена личност не ги соединува толку совршено овие две обележја на нашиот Господ, како што тоа го прави овој пророк од 9 век (пред Христа), кој, исто така, бил и исцелувач на лепра, дарител на храна и вода, и воскреснувач на мртви. Според ова, сосема е соодветно тоа што Елисеј се појавува како илустрација на првите забележани јавни зборови на Исус, беседата во назаретската синагога. Во оваа беседа Господ си спомнува дека „многу лепрозни имало во Израил, во времето на пророкот Елисеј, но никој од нив не се очистил, освен Сириецот Нааман“ (Лк 4,27).

отец Патрик Хенри Рирдон

Fr. Patrick Henry Reardon

Од книгата: Christ in His Saints

Г.Г.

 

 

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *