Отец Владимир Санџакоски: Беседа на Рождество Христово

rsz_nativity

Возљубени во Богомладенецот Христос, браќа и сестри,

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Денес ја rsz_vladimirславословиме силата на Трисолнечниот Бог што крми со законите на природата, но и силата на љубов Божја со која човекољубивиот Бог го прегрнува човекот и светот. Зашто Творецот создавајќи го козмосот, природата ја дарувал со закони, кои, заради нивниот богослужбен карактер, биваат вградени во Божествениот Домострој на спасението на човекот и на светот.

Денес го празнуваме натприродното рождество на вотеловениот и вочовечениот Логос Божји, бессемено од Пречиста Дева Марија. Иако натприродноста на Рождеството не ги укинува законите на природата, тоа го саштисува (шокира) умот на човекот. Та тоа е чудо на чудесата заради премудрата сила Божја која стои над козмичките закони и повела со нив. Таа релација помеѓу Творецот и тварта смирено и смерно ја потврдиле познатите природонаучници Њутн, Паскал, Тесла и уште бесчислено многу други ним соподобни умножувачи на научното скапоцено азно и чувари на животворната вера во живиот Бог на Авраама, Јакова и Исаака. Нивната благоговејност ја изразувале така што при спомнувањето на Бога, станувале симнувајќи ја шапката.

„Денес Дева Го раѓа Оној, Кој постои пред тварта“.

Возљубени христијани, Господ, Црквата Своја, со ова натприродно собитие ја сочува од преди векови, еда би останала несомнена и верна тогаш кога ќе се исполни времето за остварување на однапред благовестеното свештено собитие.

Не ли е чудо тоа што Бог од ребрата на првородителот Адам ја создаде Ева, прамајката наша, без да му наштети со било што? Та и Спасителот наш Го роди Дева, неискусомужно и бессемено, бидејќи Бог ѝ ја заварди девственоста и после рождеството. Севозможно Му е на Оној Кој ја создал природата. Сполај Му Нему Кој ја дарувал природата со закони, со кои во беспрекорна послушност исполнувајќи ги, таа постои за да Го слави Создателот.

Човекот на верата, не сомневајќи се во чудесата Божји, не чувствува потреба од скептично преиспитување на начинот на нивната пројава во светот. Ќе биде ли оправдано нашето барање да се преиспитаат чудесните дела Божји, кои се израз на теофаниските надсуштествени и ни од што ограничени сили, доколку сме свесни за ограниченоста на нашите умни сили? Оној пак, што ќе посака да ги обестајни тајните Божји, така што ќе мора да го допре со својот ум безданото дно на Сèтајната, ќе се соочи со еден Сизифов проблем, имено ќе треба да го пробие неробојниот ѕид што меѓу Бога и човекот се испречува на онтолошки план. Таквиот човек лукиферски посакува да се обожи, според природата. Последиците што ќе ги предизвика гордиот човек, во желбата истоветен со Лукифер, ќе бидат идентични со оние на Деница, црниот, паднат и смртоносив ангел.

Не, ние верните и непотребни слуги, но и деца на нашиот Владика и Татко, не стоиме зад страстните желби на расчовечениот човекобог. Евклидовскиот ум на гордиот кончовек се сопнува од Христос, зашто Неговата Тајна се испречува како карпа од која се одбива неговиот бесплоден напор. Надсуштествените дела Божји не им подлежат на природните експерименти. Токму затоа пак, Бог за да го приведи Народот Божји пред дверите на „Чудото над сите чудеса“, го подготвуваше со помош на други чудеса: Како предверие на Голгота, семилостивиот наш Сотир благоизволи да се случи великото чудо на бессеменото рождество од Дева и после раѓањето. Подобно на тоа, воочи избавувањето на еврејскиот избран народ Божји од Стариот Завет, од физичкото ропство на фараонот, Господ благоизволи да му се открие на Светиот Пророк Мојсеј во капината што гореше но не согоруваше. Наопалимата Капина веќе во Стариот Завет ја оиконува тајната на Богородица Дева, која неискусомужно и бессемено ќе Го роди вотеловениот Син Божји. Во првиот случај на вештествениот оган му се одзема природната сила да ја изгори капината, а во вториот случај рождеството е оневозможено да ѝ ја одземе девственоста на Приснодева Марија. Невештествениот и несоздаден, благодатен оган Божји ѝ соответствува на приснодевствената утроба на Богородица, која зачна со силата на Сèсветиот и Животворен Дух. Затоа братја, во литургиските песни се пее: „Како што капината гореше а не согоруваше, така и Дева роди и Дева остана“. Откако Логосот Божји се вочовечи, Бог во Богочовекот Христос во ништо не се намали. Христос Е совршен Бог и совршен Човек.

Мирен а не жесток, и тивок а не застрашувачки бесен пламен ја обзеде капината. Тивкоста ја има за пандан љубовната плирома која го одреди кроткиот и благ характир на Спасителот, роден од Најправедната и Сèсвета Негова Мајка и нашата Сèмајка. Пламенот на Неопалимата Капина, тивко и спокојно му се покажа на Мојсеј за да го поштеди од уплав и шок. Тивкиот динамизам на нетлениот оган го охрабри и го смири Мојсеја, го зарадува и го развесели духот негов благовестејќи му го избавувањето на еврејскиот народ од египетското ропство. И нам Христос, Младиот Бог, ни се роди кротко за да нè зарадува со Својата тивка човекољубива посета. Влезе тивко во историјата на светов, во животот на секој човек посебно, и на сите луѓе заедно, за со Своето спасително дело да нè утеши. Преку утробата на Дева како Човек ни се даде, еда би и ние, луѓето, во Него живеејќи да заедничариме со Него како Негови сотелесници, браќа, пријатели и другари, како луѓе со Човек. Бидејќи Бог е Љубов, а човекот е плод на Љубовта, Бог не ќе може на човекот да му се наметне вршејќи насилство врз човекот. Само на човекобогот му импонира застрашувачкиот омјаз на Диктаторот. Слободата благовестена од Богомладенецот Христос е слобода за живот. Таа како таква е уприличена во евангелскиот повик „Кој сака“ да оди по Мене… Вистински, во Христа, слободниот човек е разбременет од тешкиот и несакан јарем на богоборните повелби и закони.

Тcrossing_the_red_sea_by_hiraku_kun-d57a8t7огаш пак, кога Јахве, требаше да го исполни заветот што му го беше дал на Свети Пророк Мојсеј во врска со спасението на Старозаветниот избран Народ Божји, повторно благоизволи натприродно собитие. Со тоа чудо Сиј го подготвуваше човечкиот род за со вера да се прими идното најголемо чудо во историјата на човештвото и на светот – натприродното бессемено и неискусомужно рождество на воплотениот Логос Божји, од приснодевствената утроба на Марија Богородица. Во што се состои спомнатото свето и чудесно собитие? Во тоа што Бог повела да се разделат водите на Црвеното море, подготвувајќи сув пат по којшто поминувајќи, ќе го преведе еврејскиот народ од египетското ропство во ветената земја палестинска. Според природните закони, поточната особеност на водата со ништо не може да се спречи ниту за миг. А Бог повелал водата да стои во вид на два водени ѕида од обете страни на патот кој ја сечел срцевината на Црвеното море. И тоа траело сè додека и последниот човек на Старозаветниот Лаос бил изведен од канџите на ропството. После оваа пасха  на еврејскиот народ на истиот тој пат се нашол фараонот придружуван од колесници и коњаници и многубројна одлично вооружена војска. Но, авај, какво чудо на Божјата промисла! Господ над војските повторно ги соединил дотогаш разделените води, за да му постанат гробница на фараонот и неговите војски. Природата, браќа, воѓето ги чини течни а не стојни. Ама бивајќи послушни кон волјата Божја, природните закони отстапуваат пред силата Божја и ги исполнуваат Неговите повеленија. Еве што вели за тоа прекрасниот црковен поет во чудесната песна: „Откако премина Израилот, морето постана непреодно (какво што беше пред преминот), и откако се роди Емануил, Безгрешната остана Дева (каква што и беше пред рождеството)“.

Според природата своја ѕверовите напаѓаат и јадат луѓе, но кога Светиот Пророк Даниил богоборците го фрлиле среде изгладнети лавови, останал неповреден. И како што лавовите му се уподобиле на Божјото повеление, така и бессемено зачнатиот и родениот Логос Божји во Тело, не ја повреди Дева, чувајќи ѝ ја девственоста и после раѓањето.

Тројцата отроци, од Навуходоносор во седумпати вжештуваната фурна фрлени не изгореа, зашто, природата на огнот да пече и согорува беше преиначена. И како што огнот ја изгуби силата да ги изгори отроците, така и несоздадениот оган на Светиот Дух не допушти да се повреди утробата на Пречиста Дева.

Со вакви и на нив слични натприродни чудеса Бог на живите, благовремено го подготвувал човештвото, без сомневање и со вера да го прими бессеменото и безмужното зачатие со силата на Светиот Дух во утробата на Светата Дева.И после сето тоа созреа времето да се исполни ветеното. Ни се роди Синот Божји од Марија Дева во Витлеем на денешен ден, на полноќ, во студени овчји јасли и во темна пештера. Рождеството на Богомладенецот го објавија ангелските хорови, чии химни го славеа Домостројот Божји на спасението: „Слава на Бога во висините, мир на земјата, добра волја меѓу луѓето“.

Луѓето пак, што се прашуваат дали е можно Дева да зачне безмажно и несемено, да роди и повторно да остане Дева, нека го слушнат истото прашање изречено од устата на Пречиста Дева и упатено до благовесниот Архангел Гавриил. Кога Марија Дева ја чу благата вест за тоа дека ќе Го роди Иисуса, го прашала Архангелот: „Како ќе се случи тоа, кога јас не знам за маж?“ (Лука 1,34). Гавриил ѝ одговорил: „Светиот Дух ќе слези на тебе и силата на Севишниот ќе те осени“ (Лука 1,35). Та, според тоа браќа, да научиме од Архангелот како се случило тоа и со безмолвие, покорност, побожност, и силна вера, да го примиме кажувањето на архистратигот, без да го испитуваме собитието што ги надминува нашите сили.

Браќа, кој го спаси еврејскиот народ од ропството на фараонот? Силната вера на Пророк Мојсеј! Кој го спаси Свети Пророк Даниил од лавовите, и трите јуноши од огнот? Нивната моќна вера во Бога! И ние, крстените во Иисуса Христа, да веруваме во силата Божја, и со страв Божји и благоговение да му се поклониме на рождеството Христово. Зашто Господ и нас ќе нè избави како што го избави Мојсеја од дјаволската воденица на смртта; Даниила од ѕверството на истјазанијата на овој свет, трите отроци од огнот на страшните искушенија во светов. Во идниот век ќе нè дарува со она што око човечко не видело, што уво човечко не слушнало, и со она што е немислено за умот човечки.

Овој Новороден и необичен Владика и Цар, владичествува евангелски со срцата човечки. Луѓето жеднеат по Него и Го примаат како свој единствен Човекољубец, Миротворец и Спасител. Заради Своето човекољубие се облече во тело, соединувајќи ги неслеано во Себе духовниот и вештествениот свет; се роди натприродно од Дева; легна во ладните јасли; во темната пештера; надвор од вревата на телесните луѓе – за луѓето да ги стопли со Својата неограничена љубов; да ги просвети со светлината на неизмерната наука Своја; да им донесе спокојство во срцата, мир во душите, радост духовна, благодат и спасение вечно на светот и луѓето.

Затоа, возљубени браќа, не бојте се од верата во Новородениот Богомладенец Христос. Исповедајте Го Источникот на нашиот мир, благодат и спасение. Не плашете се децата ваши да ги воспитувате во духот на спасителната наука Христова. Да не нè прелестат паганските клеветења дека Христос ќе ни ги отуѓи децата од модерните природни науки и дека ќе ни ги фрли во заостанатост. Тоа се големи обмани, заради богослужбениот карактер на природните науки. А тоа значи дека, онака како што Христос го благословил нивното постоење, така тие постојат за да Го потврдат и да Го прослават Христа. Таквиот Христос, очевидно е, не само што не е сопирачка за науките, туку е нивни гарант и образовател на научниот и моралниот лик на нашите деца. Светот на науката ќе биде дотолку поприемчив, доколку верата Христова и христијанскиот морал му постанат почва на никнење живот. Денешниов свет има насушна потреба од учени луѓе, но неспоредливо поголема е потребата од воспитани луѓе во Духот Христов. Затоа без страв ќе им благословиме на децата наши во училиштето да ги изучуваат природните науки, но доколку сакаме целосно да зреат, покрај образование ќе им овозможиме и воспитание. Во неможност воспитанието да се стекнува во нашиот школски систем заради прогонот што го врши врз Христа, ќе се погрижиме родителски да ги згрижиме децата свои така што ќе ги доиме со млекото на евангелските повеленија, читајќи им лекции од Светото Евангелие и внесувајќи ги во рајот и вечното време на Светиот Литургиски Живот на Црквата Божја.

Имајќи во вид дека Христос најмногу ги сакал невините деца, чувствуваме света должност децата наши да Му ги даруваме на Дарителот на Животот, Христос. Овој Божествен им биде единствен и вистински Учител. Нека им биде Татко и Воспитувач на секое добро.

Најголемо злосторство е браќа, да се откажеме од Бога и да се сомневаме во силите Негови. Злосторство е да не Му се поклониме благоговејно на Новородениот Спасител наш Кој ни е сотелесник, и нè дарувал со добра волја а светов со мир. Ваков Владика не се родил ниту ќе се роди, зашто само Христос бескрајно почитувајќи ја од Него нам даруваната слобода, наликува на Просјак, Кој смирено и смерно стои пред враќето на сечие човечко срце и тропа да Му се отвори. На овој наш Сèсакан и тивок Гостин да Му ги отвориме враќето на срцата наши, враќето на нашите домови, враќето на нашите градови, села и училишта. Нека влези и нека посее мир и благослов. Нека Го примиме со радост за вечно а не времено да пребива во нас и ние во Него. Нека нè благослови нас и нашиот пород. Нека Го прегрнеме Оној Кој од преди векови нè прегрнал. Нека вдахне во нас од Својот Дух Свет, Кој ќе нè исполни и ќе нè внеси во полнотата од времето невремено на Вечниот и Небесен Град Иерусалим. Амин!

отец Владимир Санџакоски

протоереј-ставрофор

Во Струга, на Рождество Христово,

25/07 – 12/01   1964 лето Господње

Извор: Домострој бр. 3/4    ’93

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *