Отец Стефан Санџакоски: За гревот

rsz_1monks-prayer-botsanos-2001

Веќе две седмици живееме со радоста заради празникот на великиот пасхален пост. Во оваа седмица премудриот ум на Црквата Божја си спомнува на прекрасната и незаменлива личност од свештената историја на Црквата, великиот татко на гораздите и свети исихасти, свети Григориј Палама, архиепископот солунски. Големото значење на теологот на исихазмот за денешните христијани ќе го дознаеме ако ја проследиме содржината на денешното евангелско собитие. Во него се вели дека Христос посетил еден дом во Капернаум. Откако луѓето дознале за тоа, се собрале и ја опколиле куќата. Нивниот број бил толку голем што домот на домаќинот бил малечок да ги собере сите што дошле да Го видат Христа Бога. И додека Христос разговарал со насобраните, дарувајќи ги со надеж и утеха и ставајќи им мелем на раните од нивните тела и души, надвор од домот се случувала мошне драматична случка. Еден човек, тешко болен, паралитик (фатен, одземен), бил носен на одар од четворица силни мажи. Тие дошле пред куќата каде што Христос отседнал, со намера да дојдат до Него и да испросат исцеление за болниот. Меѓутоа, поради големиот народ, Христос им бил недостапен. Тогаш, верата нивна го направила своето. Се качиле на покривот од куќата и го раскопале. Низ раскопаниот покрив го спуштиле фатениот точно пред Спасителот Христос и побарале утеха и исцеление. Во Светото писмо е речено дека Христос не можел да не ја забележи верата и љубовта на тие луѓе. Уште повеќе не можел да ја одбие нивната молитвена прозба изречена со сето срце: Господи, спаси го нашиот брат. И Христос тогаш ги изговорил зборовите толку утешни за нас, толку битни за перидов на великиот велигденски пост: Синко, ти се проштеваат гревовите твои. Овие зборови, од устата Христова изречени и упатени до болниот, ги соблазниле книжниците собрани во куќата: Што хули овој на Бога? Кој друг може да проштева гревови, освен едниот Бог? Христос, пак, како вистински познавач на срцата човечки, како вистински срцеведец, со Духот узнал за нивните мисли и им рекол: Зошто го помислувате тоа во срцата свои? Полесно ли е на болниот да му речам: стани, земи го одарот свој и оди си, или нека ти бидат простени согрешенијата твои. Но, за да дознаеме дека Синот човечки има власт да ги проштева гревовите, му рекол на паралитикот: Тебе ти велам: стани, земи го одарот свој и оди си дома. И би, по силата на логосот на Богочовекот Христос. Болниот бил исцелен. Насобраниот народ се воодушевувал и Го славел Бога, велејќи: никогаш вакво чудо не сме виделе.

Зошто кажувањето на Светото писмо го доведовме во врска со таткото на паламитите, свети Григориј Палама? Затоа што сите ние, некој помалку, некој повеќе, сме болни. Повеќе или помалку сме болни во зависност од напластените гревовни талози во нас. Сте се прашале ли некогаш што значи зборот грев? Што означуваме со овој термин? Без да си го поставиме прашањето и без елементарна теолошка едукација, дрско заземаме став кон гревот. Ставот подразбира беспримерен срам од самиот збор, кој е сметан атавизам на примитивните граѓански слоеви. И модерната медицина се срами од овој збор. Зборот грев го заменила со зборот болест. Но, што значи вистински тој збор? Кое е неговото вистинско значење? Промашување, возљубени мои! Како кога со стрела целите цел што не ќе ја погодите, па велите дека сте ја промашиле. Истото тоа се случува и кога правиме грев. Тогаш ја промашуваме целта и смислата на историското постоење. Тогаш се движиме скраја од патот што води до целта. До вистинскиот живот, до изворот на животот, до богочовекот Христос и Неговото Царство. Неговото време и простор се просторот беспросторен и времето невремено на небесниот и вечен град Ерусалим. А свети Григориј Палама, целиот свој живот, со севкупната теолошка теорија и практика, нè учеше како да ја погодиме целта на животот. Тој нè научи, подобно на болниот спуштен низ покривот пред Христа, со умот да го пробиеме покривот на нашето историско битие и со силата на умносрдечната молитва да слеземе до бескрајните длабочини на срцето. Таму во беспросторните одаи од срцето да стапи во мистичен брак душата наша, невестата Христова, со Христос, нејзиниот жених. Свети Григориј Палама, цели шест столетија пред европскиот философски егзистенцијализам, нè соочи со стварноста дека егзистенцијата (ипостасот, личноста) ѝ претходи на есенцијата (усија, суштина), и со дистинкцијата меѓу личностите, природата и енергиите на Бога. Знаејќи дека агиоритските исихасти, паламитите, како духовно и интелектуално движење, покрај Света Гора, за своја втора татковина ја имале Македонија, нивните завети нè обврзуваат нас, нивните духовни потомци. Да се спасиме од гревот и смртта, по наукот и по молитвите на гораздиот архипастир солунски Григориј Палама.

Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè грешните. Амин.

отец Стефан Санџакоски

Од зборникот: Беседи од Калишта, Струга: Рубљов 2000.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *