Отец Лоренс Фарли: Друг Исус

a-different-christ-620x350

Некој би можел да биде искушан и да ја слушне сирената на нашето релативистичко и плуралистичко општество, па да заклучи дека сите христијански цркви веруваат речиси исто. Сепак, постојат разлики: некои имаат владици, а некои немаат, некои Евхаристијата ја сметаат за вистинско Тело и Крв Христови, а некои не. И секако, католиците го имаат папата. Но, покрај овие случајности (како што светот ги поима), сите луѓе што се нарекуваат христијани ја имаат истата вера и почит кон истиот Исус. Штом Го исповедаме истиот Христос, тогаш да не ситничариме за малите нешта.

Овој пристап не бил преземен од св. Павле. На пример, неговиот пристап кон неговите јудаистички опоненти. Ова биле луѓе што го преследувале, го клеветеле неговиот лик, го омаловажувале неговиот апостолски авторитет. Во црквите на Галатија, тие проповедале дека, за човек да се спаси, ќе му треба повеќе од Крштение и вера во Христа. Потребно е и обрезание – со други зборови, човек треба прво да стане Евреин, за потоа вистински да биде христијанин. Галатјаните биле импресионирани од нивните аргументи, па макар што не презеле конечен чекор да бидат обрезани, сепак почнале на некој начин да живеат како Евреи, пазејќи го јудејскиот календар за празниците, месеците, времињата и годините (Гал 4,10). Истиве учители насекаде ги следеле Павловите чекори и му правеле неволји во Коринт.

Тука треба да расчистиме: и јудаистите, и луѓето на кои тие им проповедале биле крстени христијани, членови на Црквата, христијани што Го исповедале Христа. Според нашиот модерен модел, зар Павле не би требало едноставно да ги прифати нив и да се согласи да не се согласува со „ситните нешта“? Конечно, и тие и тие го исповедале истиот Исус.

Ама не и според Павле. На Галатјаните тој им пишал, дека таквите „христијани“ проповедаат „друго Евангелие“ (Гал 1,6). Тие биле „отсечени од Христа“, „отпаднати од благодатта“ (Гал 5,4). Тие проповедале „друг Исус“, поинаков од Оној што Павле Го проповедал и нуделе „друг Дух“ во нивните лажни крштенија (2Кор 11,4). Сево ова, затоа што некои христијани инсистирале на обрезанието како неопходно за спасение! Толку од екуменизмот на првиот век.

Но, Црквата не „ситничарела“ само во првиот век и не само тогаш изјавувала дека ваквите девијации од чистотата на верата претставуваат отпадништво од Христијанството. Во 4 век, св. Атанасиј исто така настојувал дека неговите противници проповедаат поинаков Исус. И презвитерот Ариј, и ѓаконот Атанасиј Го исповедале Исуса од Назарет како Син Божји, и двајцата би можеле да потпишат некаков вид на вера во Света Троица. Но, тие се разликувале во еден малечок детаљ, за тоа што всушност значи титулата „Син Божји“. Атанасиј велел дека тоа го означува совршеното и неразводнето Божество на Исус; Ариј велел дека тоа едноставно значи, дека Исус бил создаден од Бога како прво и најблагородно Негово создание, и дека преку Словото Бог ја создал целата останата Своја твар. Зар не можеле да се согласат на несогласност? Покрај сè, и двајцата се сметале себеси за христијани, и двајцата можеле да Го исповедаат Исус како Син Божји. Дури и императорот Константин првично мислел дека расправата е само вербална, и сметал дека тие треба само да оладат и да не се расправаат за ваква дреболија. Но, за Атанасиј овој диспут не бил за дреболија, туку за основните нешта, и изјавил дека застранувањето во оваа област на христологијата, значело дека Ариј го изгубил правото да се смета себеси за христијанин. Според тоа, Атанасиј него и неговите следбеници не ги нарекувал „христијани“, туку „аријани“. Етикетата на Ариј од страна на Атанасиј значела дека тој го негира него како христијанин. Се разбира, Ариј се сметал себеси за христијанин, но токму ова Атанасиј му го негирал.

Сега доаѓаме до 20 и 21 век. Линијата на фронтот сега е преместена од христологијата на антропологијата, и ние расправаме околу областа на полот. Во 4 век, прашањето било: „Дали Христос Словото е целосно Божествен како Отецот?“ Во наше време, прашањето е: „Дали хомосексуалната активност е за благословување или за осудување? Дали е тоа нешто што треба да се пофалува и прифаќа, или нешто за што треба човек да се покае? Дали тоа е легитимен дел од Божјата волја за Неговите созданија или, пак, мерзост?“ Или, поинаку да го поставиме: „Дали Исус ја благословува хомосексуалната активност?“ Нашите медиуми и фејсбук постови во Северна Америка се исполнети со културолошка војна, бидејќи луѓето даваат различни и спротивставени одговори на ова прашање. Некои цркви и деноминации одоговараат позитивно и велат: „Да, Исус ја благословува хомосексуалната активност и не гледа ништо лошо во неа.“ Други цркви одоговараат: „Не, Исус не ја благословува хомосексуалната активност, туку ги повикува Своите ученици да се покаат за неа како за грев.“

Секако, во оваа долга и комплицирана дискусија за полот се поставуваат и други прашања, како што и други прашања можеле да бидат поставени за природата на еврејскиот Закон во 1 век, и за христолошките дебати во 4 век. Да, сè е премногу сложено. Но, основните прашања сè уште остануваат: Дали Исус инсистирал Неговите ученици да се обрезуваат за да се спасат? Дали Исус е помалку Божествен од Отецот? Дали Исус ја благословува хомосексуалната активност? Позитивниот одговор на првите две прашања резултирало со тоа што Црквата изјавувала дека ти не си христијанин во 1 и 4 век. Претпоставувам дека позитивниот одговор на третото прашање резултира со губење на веродостојно право да се биде христијанин сега. Бидејќи, во сите три случаи, кога човек одговара позитивно, тој притоа исповеда друг Исус.

Спомнете си, на пример, за ереста на николаитите, едно „христијанско“ движење во Азија на крајот од 1 век, коешто го толерирало јадењето храна принесена на идоли и блудот. Ситна работа, нели? Сепак, нема причина да се мисли дека нивната христологија била чудна. Исто како и св. Јован, и тие Го исповедале Исус за Син Божји. Но, Самиот Христос во книгата Откровение изјавува дека Он ги „мрази“ делата на николаитите (Откр 2,6) и дека ќе „стапи во војна со нив“ со мечот од устата Своја (Откр 2,15-16) – т.е. ќе објави суд против нив. Се разбира, николаитите мислеле дека не прават ништо лошо и сметале дека Исус нема проблем со луѓето што јадат храна принесена на идоли или, пак, со сексот од забава. Но, всушност, Исус имал проблем со тоа. Вистинскиот проблем бил тоа што николаитите проповедале друг Исус.

Оние што го поздравуваат хомосексуалниот културолошки бран, исто така, објавуваат друг Исус – таков кој го благословува секое сексуално единство сè додека партнерите се сакаат еден со друг. Се претпоставува дека овој Исус нема време за прописите во Законот што ја отфрлаат хомосексуалноста како „гнасотија“ (3Мојс 21,13); ниту пак би му се заблагодарил на св. Павле за тоа што во своето послание напишал дека хомосексуалната активност била „противприродна“ (Рим 1,26) и дека хомосексуалците во пракса се меѓу оние што нема да го наследат Царството (1Кор 6,9-10). Напротив, Неговиот гнев и негодување ќе биде обратено кон оние што ја отфрлаат оваа активност и одбиваат да ја поздрават. Овој Исус е фин и љубезен Исус, безопасен, сладок, категорично отворен, сеприфаќачки и неосудувачки. Нема ништо грешно што би ја предизвикало Неговата осуда, со исклучок, се разбира, на фундаменталистите и десничарски настроените луѓе. Овој Исус, секако, е во расчекор со размислувањето на раната Црква и Отците; и Тој никако поинаку туку со подбив би се однесувал кон традиционалниот став којшто го осудува хомосексуалното однесување. На тој начин, овој Исус е радикално некомпактибилен со Исус Кого Црквата Го објавувала веќе два милениума, и во најмала рака е поинаков од Него, исто како што бил николаитскиот Исус и јудаистичкиот Исус од 1 век, и аријанскиот Исус од 4 век. Доколку Црквата го вреднува своето традиционално минато, тогаш таа кон овие групи што го исповедаат овој нов Исус би требало да се однесува како што таа се однесувала некогаш кон јудаистите, николаитите и аријаните – имено, како кон нехристијански групи.

Ако е така, тогаш тоа би требало да има непосредни последици за екуменските црковни дијалози. Групите што проповедаат друг Исус и друго Евангелие со право од нас сега се сметаат за еретични нехристијани, и на тој начин Православната црква нема официјален екуменски дијалог со Мормоните (барем колку што знам) или со Јеховините сведоци. Нашата порака кон нив е едноставно „Покајте се и верувајте“; ние не се среќаваме со нив, на вино и сирење, за да ја дискутираме христологијата на конференции или да прозведуваме научни статии на симпозиуми за мислата на Џозеф Смит или Чарлс Тејз Расел. На истиот начин, секоја црковна група или деноминација, која официјално се обврзува себе да ја благословува хомосексуалната активност или хомосексуалниот брак, проповеда друг Исус и Православната црква треба да го прекине секој официјален екуменски дијалог со нив. Ние погрешно ја толкуваме хомосексуалната дебата, ако ја сметаме неа само како уште едно морално прашање (како абортусот) и како дебата за тоа дали некоја конкретна активност е грешна или не. Работава е подлабока од ова. Тоа не е само морално прашање, туку и христолошко. Ако го продолжиме дијалогот со групи што ја благословуваат хомосексуалноста, како минимум си го трошиме времето. Како максимум, му даваме кредибилитет на она што Павле го нарекол „друго Евангелие“.

Секако, овој проблем е долгогодишен. Во секое поколение, има христијани што прават компромис со стандардите на нивното време и вредностите на светот ги прифаќаат како свои. Таквите луѓе честопати се нарекуваат себеси „христијани“ и ги осудуваат оние што не се согласуваат со нив како ригидни и заблудени. Но, оној Христос што тие го проповедаат не е вистинскиот Христос. Всушност, тие погрешно го претставуваат и проповедаат Христос што е измислен од нив самите, онаков што повеќе се прилагодува на нивното секуларно време. Св. Павле, св. Јован и св. Атанасиј ги одмаскирале таквите во свое време и им ја негирале титулата „христијанин“. Време е Православната црква да ги следи нивните постапки и да го стори истото со оние што нудат лажна вера и друг Исус.

отец Лоренс Фарли (Fr. Lawrence Farley)

Извор: myocn.net

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *