Обраќањето на свети Павле

rsz_road_damascus-1800

Ние не сме слободни да ја избереме рамката и формата на нашето покајание – ова со сигурност е едно од најјасните учења на Библијата. Исус налеа вода во сад – вели свештениот текст – и почна да им ги мие нозете на учениците (Јн 13,5). Господ го избрал садот, средството кое ѝ дало особена контура и димензии на формата на Неговата очистителна вода. Тогаш Он пришол кон секого од учениците, еден по еден, и тие разбрале дека треба да ги стават нозете во тој сад, за Он да може да им ги измие.

Со други зборови, Господ Самиот го избира начинот и образецот на нашето очистување; како се очистуваме преку Христа не е одлука на нашиот личен избор. „Еве го садот“ – се потврдува дејствието на Господа – „ставете ги нозете овде, токму овој сад и Јас ќе ве измијам и ќе бидете чисти, зашто ако не ве измијам, нема да имате дел во Мене“.

Оваа вистина била една од најважните што Савле од Тарс требало да ја научи и Бог особено се погрижил тој добро ја научи. Како што честопати со жалење напомнувал за време на неговиот подоцнежен живот, Саул бил гонител на светата Црква (1Кор 15,9; Гал 1,13.23; Филип 3,6; 1Тим 1,13). А Саул – ни се вели – ѝ пакостеше на Црквата, влегувајќи во секоја куќа, извлекувајќи мажи и жени и затворајќи ги (Дела 8,3). Така што, кога Господ го обратил Саул на патот за Дамаск, Он направил јасна поента со обврзувањето на овој гонител да се потчини на Црквата, на која ѝ нанесувал зло.

Некои модерни христијани мислат дека можат да дојдат до Бога „само преку Христос, а не преку организирана религија“, но Бог ќе го подложи Павле во таква ситуација, та тој да не си дозволи таква илузија. Напротив, во обраќањето на Павле Исус најексплицитно Се идентификува Себеси со Црквата: Савле, Савле, зошто Ме гониш?… Јас сум Исус, Кого Го гониш ти (9,4.5).

На тој начин, Савле никогаш нема да може да каже дека дошол до Бога „само преку Христос, а не преку организирана религија“. Всушност, откако Исус се идентификувал Себеси на Савле, Он не му кажал ниту еден друг збор како понатамошно директно упатство. Кога Савле Го прашал: Господи, што сакаш да сторам? – Исус едноставно го упатил да го постави истото прашање на Црквата: Стани и влези во градот, и ќе ти биде речено што треба да направиш (9,6).

Така да речеме, дури ни на апостолот Павле, во моментот на неговото обраќање, не му било дозволено да соочи со Исус „еден на еден“ (насамо). Контурата и формата на неговото покајание треба да биде определена од конкретна „организирана религија“. Павле би немал никаков „личносен однос со Исус како Господ и Спасител“, освен преку покорност кон учењето, дисциплината, светотаинското богослужение и корпоративниот живот на Црквата; тој не може да има „личносен однос со Христос“, според негови услови. Одделно од Црквата, спасителното познание на Бога во Христа не било возможно дури ни за свети Павле. Напротив, тој бил ограничен понизно да го потчини своето срце и совест на Божествениот овластен авторитет на тоа исто тело на христијаните, коешто тој дотогаш го прогонувал.

6238777253_757cd81409_z

Гревовите на Павле не биле оттргнати едноставно со негово „барање Исус да влезе во неговото срце“. Нема нешто во библискиот текст што би претпоставило дека тој направил такво нешто на патот за Дамаск. Напротив, гревовите на Павле биле оттргнати со неговото слободно потчинување на црковната светотаинска дисциплина: Стани и крсти се, и измиј ги гревовите, повикувајќи Го името Господово (Дела 22,16), зашто оној кој поверува и се крсти, ќе биде спасен (Мк 16,16). Павле бил обврзан да се придржува на истата процедура како и секој друг верник, на советот (рецептот) објавен на најпрвата проповед на Црквата: Покајте се и секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа, за простување на гревовите (Дела 2,38). На Павле му биле простени гревовите на сосема истиот начин, којшто се бара од секој друг – со присоединувањето кон единствената организација во светот што има власт да простува гревови (сп. Јн 20,23).

Со сигурност, токму во опитот на своето обраќање Павле го примил семето на сите негови подоцнежни учења за Црквата, која тој ја идентификува како столб и тврдина на Вистината (1Тим 3,15). Павле не знаел за никакво неинституционално Христијанство. Тој не знаел за никаков друг Христос, освен за Христос на Црквата, на онаа востановена и организирана заедница на верни, која толку интимно е идентификувана со Христос, што се нарекува и Негово Тело (Ефес 1,22; 4,15-16; 5,23; Кол 1,18.24).

отец Патрик Хенри Рирдон

Г.Г.

4 коментари

Напиши одговор на Goran Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *