Св. Никодим Светогорец: Прв приговор против честото причестување
Има некои побожни луѓе кои, не познавајќи го Писмото, кога ќе видат некој христијанин да се причестува често, му попречуваат и го прекоруваат велејќи дека така можат да постапуваат само свештениците. Па ако сакаш да се причестуваш често, тогаш и ти стани свештеник
На ваквите луѓе им одговараме не со наши сопствени зборови, туку со зборови од Светото писмо, светите Собори и светите учители на Црквата. Ние велиме дека служењето на свештениците се состои во принесување на Божествените Дарови и преку нивно посредство, како органи на Светиот Дух, преку Неговото наитие, да се извршува осветување на тие Дарови. А исто така, да се застапуваат пред Бога за народот и да исполнуваат други свештенодејствија, коишто не можат да бидат извршувани од оние што не се посветени во чин. Кога настапува времето за Причестување и тие пристапуваат да се причестат, тогаш свештениците воопшто не се разликуваат од мирјаните или монасите, освен по тоа што свештениците ги предаваат (Таинствата), а мирјаните ги примаат, а исто така по тоа што свештениците се причестуваат во олтарот и непосредствено, без света лажица, а мирјаните и монасите – надвор од олтарот и со помош на света лажица.
Дека ова е вистина и дека за време на Причестувањето свештениците по ништо не се разликуваат од мирјаните, нека сведочи божествениот Златоуст, кој вели: „Еден Отец нè родил. Сите ние сме поминале низ едно раѓање.“ Т.е. сите се родивме од една мајка – светиот Купел. „Едно исто Питие на сите се подава.“ Т.е. Крвта Господова на сите е дадена: и на свештениците, и на мирјаните. „И не само едно и исто (Питие), но и од една Чаша. Бидејќи Отецот, сакајќи да нè приведе кон нежната љубов, промислил да пиеме од една Чаша, која претставува символ на возвишена љубов.“ И на друго место вели: „Во некои работи свештеникот по ништо не се разликува од мирјанинот. На пример, кога доаѓа причестувањето со Страшните Тајни, сите ние подеднакво се удостојуваме со истото, не онака како во Стариот завет: едно јадел свештеникот, а друго – непосветениот. Зашто Законот не дозволувал народот да го јаде она што го јадел свештеникот. Сега, пак, не е така, туку на сите им се предлага едно Тело и една Чаша.“ Со други зборови, сега под благодатта на Евангелието, за сите на Светиот Престол се покажуваат подготвени едното и исто Тело Господово и едната и иста Чаша.
Симеон Солунски пишува: „Треба да се причестуваат сите верни. Тоа не е служба само на архиереите, но неговото служење се состои во свештенодејствување на тоа Сесвето Тело Христово и Крвта, и на сите верни да им ги подава во Причестувањето, зашто единствено за тоа тие и се предназначени.“
Јов Амартол пишува во книгата „За Светите Тајни“: „Целото совршенство и целта, и делото (на Литургијата) се состои во Причестувањето со живототворните и страшни Тајни и Светињи. Затоа тие најпрвин им се даваат на свештениците во олтарот, а потоа и на подготвениот народ што се наоѓа надвор од олтарот.“
Од ова несомнено следи дека први со Приносот треба да се причестуваат свештениците, а потоа – целиот народ, согласно со свештеномаченикот Климент, кој вели: „Нека се причестува епископот, потоа – презвитерите и ѓаконите, и ипоѓаконите, и чтеците, и певците, и подвижниците, а од жените – ѓаконисите, девиците, вдовиците, потоа – децата, и потоа веќе – целиот народ по чинот, со стравопочит и тивко.“
Претходно споменатиот Јов уште вели, дека на дојстојните им е дозволено да се причестуваат секој ден, без разликување, исто како и на свештениците, така и на мирјаните, мажите и жените, младенците и старците – едноставно кажано, на сите христијани од секоја возраст и чин.
Оние свештеници, коишто не ги причестуваат христијаните што пристапуваат кон Божествената Причест со стравопочит и вера, од Бога се осудуваат како убијци, согласно напишаното кај пророкот Осија: „Свештениците го сокрија патот Господов, го убија Сихем и извршија беззаконие.“ Со други зборови, свештениците ги сокрија патот и волјата, и заповедта Божја, и не ја објавија неа, го убија Сихем и извршија беззаконие во Мојот народ.
Се чудам и не разбирам како може да има такви свештеници коишто ги изгонуваат оние што пристапуваат кон Тајните. Бидејќи тие дури не ни помислуваат дека зборовите, што самите ги говорат, испаѓаат лага. Зашто самите тие на крајот од Литургијата гласно возгласуваат и ги повикуваат сите верни, велејќи: „Со страв Божји, вера и љубов пристапете.“ Т.е. дојдете кон Таинствата и причестете се. А потоа повторно самите се одрекуваат од своите зборови и ги прогонуваат оние што пристапиле. Не знам како би можеле да го наречеме ова бесчиние.
преподобен Никодим Светогорец
митрополит Макариј Коринтски
Извор: Книга душеполезнейшая о непрестанном Причастии Святых Христовых Таин, Издательство «Псалтирь» 2004.
Подготвил: Георгиј Глигоров