Клајв С. Луис: Моралот во областа на полот

Прв дел од написот во три дела

rsz_moralot2

А сега треба да видиме каков е односот на христијанскиот морал кон сексуалните односи и што е тоа што христијаните го нарекуваат целомудрие. Христијанското целомудрие не треба да се меша со општествените правила на скромност, пристојност или добро однесување. Правилата на пристојност определуваат до кој предел е допустливо да се разголува човечкото тело, какви теми можат да бидат допирани при разговор, какви изрази се соодветни со обичаите на одреден круг. Нормите на целомудрието се едни и исти за сите христијани во сите времиња; правилата, пак, на пристојност се менуваат. Девојка од пацифичките острови, едвај покриена со облека, и викторијанска леди во долга облека, затворена до врвот на вратот, можат во ист степен да бидат пристојни или скромни според стандардите на општеството во кое живеат. И двете, независно од облеката што ја носат, можат да бидат еднакво целомудрени (или развратни). Зборовите и изразите со кои се служеле целомудрените жени во времето на Шекспир, во 19 век можеле да се слушнат само од жена, којашто се загубила себеси. Кога луѓето ги нарушуваат правилата на пристојност, прифатени во општеството, со цел да распламтат страст во себе или кај другите, тие извршуваат престап против моралноста. Ако ги нарушуваат тие правила од невнимание или поради незнаење, тогаш се виновни само за лоши манири. Ако тие ги нарушуваат овие правила намерно, како што често се случува, за да ги шокираат или збунат другите, тоа не секогаш говори за нивната развратност, колку за нивната злоба.

Само лошиот човек чувствува задоволство кога ги поставува другите во незгодна ситуација. Јас не мислам дека прекумерно високите строгости и норми на пристојност служат како доказ за целомудрието и му помагаат, па затоа денешното упростување и олеснување на тие норми го пофалувам, а не го осудувам. Сепак, тука постои и една непријатност: луѓето од различна возраст и различен вид имаат различни стандарди на пристојност. Се појавува недоразбирање. Мислам дека старите луѓе или старомодните луѓе треба многу претпазливо да судат за младите. Не треба да мислат дека младите или „еманципираните“ се изопачени, ако (според старите стандарди) тие се однесуваат непристојно. И обратно, младите не треба да ги нарекуваат старите нетолерантни или пуританци, ако овие не можат да ги прифатат новите стандарди. Ако ние би посакале кај другите да го видиме сето добро што тие го имаат и ако правиме сè што можеме, за тие „другите“ да се чувствуваат колку што може полесно и поудобно, ќе се решат многу проблеми.

Целомудрието е една од најнепопуларните христијански добродетели. Тука нема исклучоци; христијанското правило гласи: „Или жени се и запазувај апсолутна верност кон сопругата (сопругот), или запазувај потполно воздржание“ (види 1Кор 7,8-12). Тоа е толку тешко и толку им противречи на нашите инстинкти, што се појавува заклучокот: или Христијанството не е во право, или со нашите сексуални инстинкти во нивниот сегашен вид нешто не е во ред. Или ова, или другото. Секако, како христијанин мислам дека нешто не е во ред со нашите сексуални инстинкти.

Но, имам јас и други основи. Биолошката цел на сексуалните односи се децата, како што биолошка цел на хранењето е одржувањето на организмот. Ако јадеме кога сакаме и колку сакаме, тогаш, најверојатно, ќе изедеме навистина многу, но не катастрофално многу. Еден човек може да јаде за двајца, но не и за десетмина. Апетитот ја преминува границата на биолошката цел, но не прекумерно. Но, ако младиот човек му даде слобода на сексуалниот апетит и ако од секој акт се раѓа дете, тогаш за десет години тој млад човек ќе може да насели еден мал град со свои потомци. Тој апетит несразмерно излегува од границите на своите биолошки функции. Да го разгледаме ова од друга страна. Вие лесно можете да соберете огромна толпа на претстава со стриптиз. Секогаш ќе се најдат такви што ќе сакаат да погледнат како се разголува жена. Да претпоставиме дека сме дошле во некоја земја, каде театарот може да се наполни со гледачи, кои се собрале заради една чудна глетка: на сцената стои јадење покриено со салфета, потоа пополека го креваат, постепено откривајќи ја салфетата за погледите; и, пред да се изгаснат театралните огнови, секој гледач ќе види дека таму има јагнешки бут или парче шунка. Нема ли да ви дојде на ум, дека жителите на таа земја имаат проблем со апетитот? А ако некој воспитан во друг свет види стриптиз, зар нема да помисли дека нешто не е во ред со нашиот сексуален инстинкт?

Спорејќи со мене, еден човек забележа дека, ако пронајде таква земја, тој би заклучил дека народот во таа земја гладува. Тој сакаше да каже дека привлечноста кон стриптизот не е подобно на сексуално извратување, туку попрво на сексуален глад. Се согласувам дека, ако во некоја земја луѓето пројавуваат жив интерес кон разголувањето на бут, тогаш едно од објаснувањата е – гладот. Но, да појдеме понатаму и да ја провериме нашата хипотеза, дознавајќи дали многу или малку јадат жителите во таа земја. Ако набљудувањата покажат дека тие јадат многу, ќе треба да се откажеме од првата хипотеза и да побараме друго објаснување. Така и со односот меѓу сексуалниот глад и интересот кон стриптизот: треба да се види, дали сексуалното воздржание од нашиот век го надминува сексуалното воздржание од другите векови, кога немало стриптиз. Не, не го надминува. Контрацептивните средства остро го намалија ризикот поврзан со сексуалните прекумерности и со одговорноста за нив и во бракот и надвор од бракот; општественото мислење стана многу пофлексибилно кон незаконските врски, па дури и кон перверзиите споредено со сите други векови по паганските времиња. Затоа хипотезата за „сексуален глад“ не е единственото објаснување. Секој знае дека сексуалниот апетит, како и секој друг, се стимулира со прекумерности. Веројатно гладниот многу размислува за јадење. Но многу размислува и стомакоугодникот.

(продолжува)

Клајв Стејплс Луис

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *