Митрополит Струмички Наум: За магискиот пристап кон животот

(за баењето, гатањето, курбанот и некои други слични нешта)

Еднаnaum од најголемите пречки за обнова на духовниот живот кај нашиот православен народ, колку што забележав откако станав епископ на нашава помесна Црква, е присуството и делувањето на најразновидни бајачи и гледачи. Многу негативно влијание имаат и некои, иако народни но, сепак, магиски и идолопоклонички обичаи, како и суеверието и верувањето во соништа. Православната Црква и нејзините пастири особено внимание треба да му посветат на исцелувањето на последиците од овие негативни појави, кои веќе подолго време земаат замав кај нас. Со таа цел се напишани следниве редови:

Човекот никогаш не бил без проблеми, било од духовна или од материјална природа, било да произлегуваат од самиот него или од светот што го опкружува. Современиот, самољубив начин на живот и постоење сè повеќе и повеќе ги зголемува постоечките, а создава и нови проблеми. Природно е да се тежнее кон нивно разрешување.

Првиот човек Адам, посака со само едно каснување од забранетиот плод, значи одеднаш на еден автоматски, магиски начин, да ги разреши сите свои проблеми, да стане Бог. Истиот овој магиски пристап за разрешување на проблемите од денешницата му се нуди и на нашиот, во многу оддалечен од вистинското предание на Црквата, православен човек.

Множеството бајачи, гледачи во Македонија како и зачестените посети и барањето помош и совет од нив е најверодостоен показател на горенапишаното. Сè позачестено е дури и нивното телевизиско претставување.

Ги има најразновидни. Бајат и гледаат на карти, на кафе, на рака, на грав, на шеј (дел од облека), на фотографија и на многу друго. Најчесто се постари жени, но има и мажи. Како такви се појавуваат и некои оџи. Во Светото Евангелие се вели дека и ѓаволот може да се претвори во ангел на светлината (2Кор 11,14). Така има и такви бајачи и гледачи кои вршејќи ја својата штетна дејност, а со цел полесно да ги привлечат луѓето, користат и објекти на православната Црква (манастири, храмови), како и икони, крстови и други свештени предмети. Ги испраќаат своите посетители да отвораат цркви, да палат свеќи, да носат лепчиња во црква, да им се читаат молитви, да вечераат пред иконите во храмот и друго, а сето тоа извршено со еден магиски пристап и на еден магиски начин. Се случува и да ги посоветуваат луѓето дека треба да постат и да се молат, или пак и самите држат пост. Свето Евангелие и книги напишани од светите отци не читаат, и не препорачуваат да се читаат. Некои од нив одат дотаму па тврдат дека ги мачат светците, кои им се јавуваат или на сон или во состојба на транс (припаѓање) – состојба демонска и сосема непозната на православниот живот и духовност.

rsz_apple-adam-and-eve-graphic-painted

Сите пак, тие заедно, научени од паднатиот ангел – ѓаволот, понекогаш зачудуваат со своето познавање на минатото (но никогаш и на иднината). Потпомогнати од него само привремено и привидно разрешуваат проблеми, исцелуваат од болести и прават некои други чуда. Некои од бајачите и гледачите ова го прават свесно и оттука извлекуваат материјална полза, а други измамени од ѓаволот (прелест) мислат дека вршат Божјо дело, и овие најчесто не бараат никаков материјален надоместок. Некои од нив прават магии а други ги разрешуваат. Сето тоа со помош на ѓаволот. (Под дејство на магии, т.е. ѓаволска енергија, потпаѓаат оние луѓе кои се одделени од живиот живот на Црквата, кои не постат, не се молат, не се причестуваат редовно со телото и крвата Христови…)

Од лични средби, како и слушајќи за нив, дознавам дека многу од нив се душевно болни а некои дури и сексуално настрани. Честопати се служат со закани и застрашувања.

По совет на бајачите (гледачите) луѓето се принудени да прават едно чудо неверојатни, трагикомични и понижувачки работи, познати само на оние кои низ тоа поминале. Притоа треба да се знае дека дејствијата што се преземаат и самите предмети што се употребуваат при баењето и гледањето во суштина немаат никаква сила или значение. Ѓаволот на кого во суштина му веруваме и под чие дејство потпаѓаме слушајќи ги бајачите и гледачите, е тој што привремено разрешува проблеми и прави привидни чуда сакајќи да не оттргне од вистинскиот духовен живот на Црквата. Луѓето фатени во оваа замка се навикнуваат на дејството и „причестувањето“ со создадената ѓаволска енергија или злодет и навикнувајќи се така да живеат во една друга „духовна“ атмосфера, не можат да ја препознаат па и сосема се лишуваат од Божјата несоздадена благодат со која се обожуваме и спасуваме во Црквата.

Така послушувајќи ги советите на бајачите и гледачите луѓето стануваат заробеници во еден лавиринт на магиски, неличносни односи и страв, т.е. на ѓаволот.

Страв, затоа што тоа на ѓаволот му е најлесен начин да ги задржи луѓето во своја власт. Така може да се објасни стравот кај оние кои се плашат ако не го послушаат бајачот, а не се плашат затоа што не постат, не се молат, не се причестуваат редовно, не се венчаваат во Црква и воопшто не учествуваат во светотаинскиот и добродетелен живот на Црквата.

Магиски и неличносни, затоа што кога е во прашање растењето и развојот на личноста и личносните односи, што е и секогаш нашиот суштински проблем, никогаш не станува одеднаш, магиски. Вистинската вера и надеж и барање помош од Бога се поистоветува со вистинското барање на лична благодатна заедница со Него. Ова полесно можеме да се разбере со еден пример од секојдневниот живот: ако бараме помош од човек кого што не го познаваме, можно е и да не ја добиеме, но ако со него оствариме присен, личносен однос, истиот човек ќе се обиде да ни помогне дури и над своите можности. Затоа отпаѓа секој магиски, неличносен пристап кон Бога во случај кога бараме помош од Него. Човекот живеејќи во соборниот живот на Црквата, што значи во заедница со Бога и своите ближни и учествувајќи во Светите Тајни и светите Добродетели на Светиот Дух, постепено но сигурно расте и созрева како личност и заедница. Најнапред се очистува, ги преобразува своите страсти, потоа доаѓа до просветлување на умот и на крај целосно се обожува. А за сето тоа е потребно многу време, и слободен и љубовен подвиг. Покрај тоа потребно е и раководење од еден искусен духовен отец кој го има минато овој пат на духовно восовршување, кој е верен сведок на Христа Богочовекот, сведок на Неговата љубов кон Бога Отца, и кон секој човек.

Сduhovnikпоредувајќи го овде односот помеѓу духовниот отец и духовното чедо од една, и бајачот (гледачот) и неговиот посетител од друга страна, ви сведочиме дека тоа се суштинско различни односи. Духовниот отец со многу страдања и жртви го раѓа за нов живот своето духовно чедо. При нивната средба се раѓа благодатен личен однос што ќе продолжи во Царството небесно и кој е автентичен сведок на истото, во овој свет и век. Духовниот отец (или старецот) и неговото духовно чедо живеат едниот во срцето на другиот, едниот за спасение на другиот. Во тој меѓусебен однос и двајцата растат како личности заедно со соборниот раст на целата Црква. Тоа не е средба за пет минути во која се бара некое магиско и брзо решение на проблемот, а потоа сè се заборава, како во случај кога се оди кај бајачи и гледачи. Средба предизвикана само од овоземни интереси, а не барање на живиот и вистински Бог, единствен Лекар на нашите души и тела.

И на крај кога би сакале целиот овој проблем да го опфатиме со еден збор би рекле: ѓавол не се истерува со ѓавол, туку во заедница со Бога.

Одењето кај бајачи и гледачи е голем грев кој треба да се исповеда пред да се прими Светата Причест. Бајачите и гледачите и оние кои одат кај нив според 61-то правило на Шестиот Вселенски Собор се одлачуваат од Светата Причест, што значи од Црквата, а оние кои нема да се покајат за тоа се анатемисуваат:

„Оние коишто се обраќаат кај гатачи или кај таканаречените стоначалници и ним слични, за да го узнаат од нив она што тие ќе сакаат да им го откријат, по силата на поранешните за нив уредби од отците, нека подлегнат на правилото кое определува шестгодишно одлачување од Светата Причест. На истата казна треба да подлегнат и оние коишто водат мечки или други животни за забави и соблазни на неуките луѓе, и кои претскажуваат среќа, судбина, родослов, и многу други ним подобни нешта. А таканаречените облакогонители, бајачи, поставувачи на амајлии (талисмани) и гатачи коишто остануваат упорни во тоа, и не сакаат да се одвратат и оттргнат од таквите штетни и незнабожечки измислици одлучуваме сосем да се изгонат од Црквата како што и светите правила наложуваат, бидејќи: Што заедничко има светлината со темнината?, како што рече апостолот, или: Каква согласност има Црквата Божја со идолите?, или: Кој е уделот на верниот со неверниот?, или: Каква согласност има меѓу Христос и ѓаволот?“.

(продолжува)

митрополит Струмички Наум

Извор: Слово од Елеуса, Библиотека Домострој, Скопје 1996.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *