Матрикс: Reloading со теологија (3)

matrix99065

Покајанието е болка од самиот себе. Во покајанието се случува преориентација на волјата. Каде е сега главното во мојот живот? Каде е вистинскиот јас? Најважното познанство во животот на човекот е запознавањето со самиот себе

Една од најглавните болести на душата, со јазикот на аскетиката, се нарекува плот. Зборот „плот“ во црковните текстови има две смисли. Во догматските, вероучителни текстови плотта е тело. Во овие случаи никакви негативни асоцијации со овој термин не се поврзуваат (Словото стана плот – вели Евангелието за раѓањето на Христос). Но во аскетските, монашки текстови, плотта не е тело, туку тоа се ниските слоеви на нашата психика, поврзани со нашата физиологија. Токму со овие слоеви треба да се бориме. Нив треба да ги дисциплинираме. Плотта е распламтениот животински принцип во нас. Во таа смисла, плотта приличи на рак. Ракот е нешто повеќе од болест… Иронијата и ужасот на оваа болест е тоа, што ракот се состои од здрави клетки. Клетки што не умираат и не можат да го спречат своето растење…

Плотта е рак на душата. Кога нешто само по себе добро, но ниско, почнува да ја притиска душата. Да напоменам, Православието го смета за нешто добро сексуалниот нагон во човекот. Но, една работа е – кога кучето ми е врзано во дворот, а друга – истото куче со четирите шепи да биде на мојата трпеза и да го јаде моето јадење, наместо мене. Е, тука треба да се викне: „Оди на место!“.

И така, човекот кој сфатил дека има душа, потоа треба да реши: „Каде сум? Со што да се идентификувам? Кој е вистинскиот јас? Дали јас е мојата социјална маска? Или моето тело? Или мојата душа? Или мојот дух?“. Инаку, дух е она што е устремено вон пределите на човекот, она што го устремува човекот кон Бога. Така што, трудот на самопознанието е труд на самоосознавање, самоидентификација. А потоа самодисциплинирање во правец на главната цел.

Но, сè започнува со бунт. Како што велел Борис Пастернак, „вечноста, можеби, е најопасниот бунтовник“. Дека бунтот во „Матрикс“ носи религиозен карактер, се гледа уште од називот на дружината на востаниците – Сион (Zion)… И ова е уште една директна референца на Библијата.

009

Сион е рид во центарот на Ерусалим. Тоа е местото на Тајната Вечера, местото каде се упокоила Божјата Мајка, местото на погребение на Давид. Имено, во Давидовиот псалтир Сион станува символ на верност и спротивставување. Една империја по друга го „асфалтирала“ и „чистела“ Израил, но споменот за заветот со Бога го враќал израилскиот народ во историјата. И тој спомен за својот Бог, поробените го поврзувале со Сион – На реките вавилонски, седевме и плачевме, кога ќе ни го спомнеа Сион (Пс 136,1). Оној што се надева на Господа е како гората Сион, нема да се помести, туку ќе пребива вечно (Пс 124,1)…

Но, во првата епизода овие укажувања на Библијата остануваат речиси случајни, па дури и провокативни, речиси богохулни (името на љубовницата на Нео – Тринити – значи Троица).

Првата епизода е снимена со очигледно будистички акценти. Иако нејзината основна теза („Разбуди се и погледај!“) е општорелигиозна, но постои типично будистичка радикалност во ангажирањето на оваа теза. Да, сите религии во светот зборуваат дека не треба да им се доверуваме на обичните сетила. Но, мерата на нашата заблуденост е различна според претставите на различни религии. Христијанството смета дека човекот може многу сериозно да се измами, но самиот човек не е измама. И светот не е илузија. Уште на првата страница од Библијата читаме дека Бог виде дека сè што создаде е многу добро.

Во будизмот, напротив, нашата заблуда е целосна. Во првиот дел на „Матрикс“ се движи идејата на тотална заблуда. Целиот свет, во кој Нео живеел, е измислен од почеток до крај. И тој целиот треба да биде уништен. Во таа смисла, првата епизода на „Матрикс“ носи во себе попрво будистички мотиви, отколку христијански. А, исто така, и гностички.

neo_matrix_code

Гностиците се првите еретици во христијанската историја (првите три века). Гностиците го наследиле античкото убедување дека космосот е поредок. Зборот „космос“ доаѓа од глаголот „космео“ – украсувам (оттука – козметика)… Гностиците се согласиле и со Христијанството, дека човечката личност е уникатна. Човекот не е едноставно збир од космички влијанија. Гностиците, заедно со христијаните, му напомнувале на човекот: „Ти не си родум од космосот!“. По однос на целиот космос, ние сме вонземјани. Но, запазената од гностиците античка идеја за космосот како поредок го менува својот вредносен знак. Гностиците велат: „Да, космосот е поредок, но тоа е поредок на зандана. Тоа е концентрационен логор. Во овој поредок, човеку, за тебе нема место. Ти треба да избегаш од овој космос, уништувајќи ги неговите окови!“.

Христијаните, пак, велат дека космосот не треба да се уништи, туку да се преобразува. Христос не доаѓа во светот, за да не извлече нас од светот, туку за да фрли тука зрно, кое ќе го преобрази овој свет. Патосот на гностиците е патос на бегство. Патосот на канонското Христијанство е патос на преобразувачки историски труд, патос на распространувачко Богочовештво.

Така што, во првата епизода на „Матрикс“ има многу силен импулс на разорување и негирање на светот, и затоа религиозниот мотив на првиот „Матрикс“ треба да се окарактеризира повеќе како гностички, отколку христијански.

Сепак, во втората епизода акцентите почнуваат да се менуваат…

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *