Литургијата не треба да се „отстои“, таа треба да се живее (3)
Трет и последен дел од интервјуто
– Ако зборуваме за честотата на причестувањето – како може да се оцени праксата што денес постои? Колку е честа таа во Црквата? И колку Вие сте согласни или не со таа пракса?
– Најтешко е да се согласиме фактот, кога свештениците наместо да го поттикнуваат човекот кон почесто причестување, тие го попречуваат. Зашто, што значи „често“? Секоја недела, на пример – дали тоа е често или не? Во времето на свети Василиј Велики (втората половина на 4 век) многу христијани се причестувале 4 пати во неделата – во средите, петоците, саботите и неделите, и светителот не го сметал тоа за „често“.
Исто така, веќе во времето на Златоуст (границата на 4 и 5 век) имало и доволно такви што ја напуштале Литургијата, без да го дочекаат причестувањето. Така што и стремежот кон „интезивен“ христијански живот, и разбирањето и непосакувањето на таквиот живот постоеле и тогаш, а и денес ги има. Треба да се стремиме кон височините, а не кон падовите.
Еве, на пример, само што заврши Светлата Седмица. Во големите храмови секој ден на Светлата Седмица се служеше Литургија, во другите храмови – само во понеделник, петок, сабота или уште некој ден. Свештениците во врска со тоа често го слушаат прашањето: може ли да се причестува во тие денови? За ова постои канонско правило – 66-то од Трулскиот собор (правилата на тој собор се распоредени во нашата Книга на правила под името на Шестиот Вселенски собор), кое не само што дозволува, туку на сите верни им пропишува во текот на целата Светла Седмица секој ден да се причестуваат!
Сепак, дури и денес во Киев има луѓе што учат, дека без претходен неколкудневен пост не може да се причестува, а на Светлата Седмица се причестуваат само деца. „Со вашето предание ја укинавте Божјата заповед“ – тие зборови на Спасителот упатени кон фарисеите се исполнуваат и на нас…
Постои уште едно прашање во врска со ова: кој решава колку често да се причестува човек? Како правило, кај нас решава свештеникот. Но, зар тоа треба да биде норма? Да, во првата етапа, кога човекот само што дошол на исповед и причест за првпат или по долг прекин, свештеникот може и треба да препорача, кога да пријде следниот пат. Но, така не треба да биде засекогаш!
Не треба да се става на свештеникот одговорноста за својот христијански живот. Кога човекот води сознателен христијански живот, т.е. се труди да ги исполнува заповедите, редовно се моли, ги запазува востановените пости, тој може да се исповеда по потреба, а да се причестува секогаш кога доаѓа на Литургија. Тоа е нормално, не треба да се плашиме од тоа, ако луѓето станат зрели.
– Прашањето за честотата на исповедта звучи… неочекувано. Зар честата исповед е лошо?
– Честото покајание не е лошо, туку лоша е профанацијата на светите тајни, кога таа се сведува на „пропусница за Причест“. Исповедта и Причеста се две различни свети тајни, кои се соединиле во една трајна „врска“ не толку одамна – во епохата кога основната маса на христијани престанала да се причестува често.
Ако честото причестување за Црквата во древноста било традиционално, тоа не можеме да го кажеме за исповедта. Исповедта била ретка и се извршувала само во случај на многу сериозни, „смртни“ гревови, при што по исповедта следувал подолг период на покајание, епитимија.
Такви смртни гревови Црквата, пред сѐ, Црквата ги сметала трите гревови: убиството, прељубата и одрекувањето од верата. Оној кој направил некој од овие гревови отпаѓа од Црквата и може да се врати во неа, откако ќе помине одреден покајнички пат. Слава Му на Бога, со слични гревови христијаните и денес ретко доаѓаат.
Денес под исповед ние го разбираме, пред сѐ, она што се родило во монашката традиција како форма на духовно раководство – т.н. „откривање на помислите“. Младиот послушник или монах секој ден му раскажувал на својот духовен наставник за она што му е на срце – ги откривал своите помисли, за да добие совет. Тоа не било света тајна Исповед: наставникот-монах можел и да нема свештенички чин. Таквата форма на односи се устројува како резултат на личниот избор на таквиот особен пат. Но, не секој свештеник може да биде наставник за сите од таков вид.
На почетокот младите свештеници сѐ уште немаат опит, а ним им наметнуваат улога на „старец“ (а некои и самите своеволно ја земаат на себе). Исто така, луѓето се различни, и не секој свештеник со сигурност ќе ги пронајде потребните зборови за секого… Освен тоа, при честата исповед таа често се превратува во формалност: ако неколку дена човекот не ги направи сериозните гревови, тој започнува да се кае барем за нешто, на пример, за „недостатокот на љубов“ и сл. Исповедта, наместо да биде света тајна на исцелување, возродување и обновување, се претвора во рутина…
– Честотата често е поврзана со проблемот на навикнување на црковниот живот. Со навиката. Со формализацијата. Реално, можат ли тие нешта да бидат победени?
– Да се навикне и олади може кон што било: не само кон црковниот живот, молитвата, причестувањето, ами и кон светските нешта. Но, јас често среќавав оладување или рамнодушност кон црквата токму кај оние што се причестуваат ретко. Редовната Литургија и причестување задава нормален животен ритам, во кој влегува и молитвата, и читањето на Писмото, и задолжителното чувствително однесување кон луѓето што нѐ опкружуваат, итн.
Мене, на пример, многу ми помага читањето на Библијата – не по некаков строг план, туку по желба. Читај со свеж поглед, потруди се да видиш, за што овде Господ ти говори тебе денес…
Формализацијата навистина убива. Токму и затоа е потребно да се причестува не по план, туку според повикот на срцето, според жедта и потребата. Го посакуваш Христа – оди во храмот на Литургија и причести се. Литургијата не треба да се „отстои“, таа треба да се живее.
протоереј Андреј Дудченко
Подготвил: Георгиј Глигоров