Денот на свети Валентин (1)
Еве веќе 10 години како во средината на февруари во црковниот печат и во парохиските проповеди се појавува една особена тема: темата на претпазливост од празнувањето на „денот на свети Валентин“. Тоа не е наш празник, велат…
Чудно: самиот празник не е наречен ни „ден на вештерките“, ниту „ден на дрвото“. Тој носи црковен назив и напомнува за христијански светија, а Црквата повикува да не се празнува…
Прво, да го разгледаме формалниот повод за овој празник. Поводот којшто и е одразен во неговото именување.
Дали, воопшто, постоел таков светија?
Да, свети Валентин живеел во италијанскиот град Терни во III век и бил казнет на 14 февруари 270 година.
„Наш“ ли е овој светец или католички?
Наш. Сите светии, кои својот подвиг го извршиле во западна Европа до 1054 година, т.е. до датумот на разделбата на Православието и католицизмот, се наши, православни светии.
Но, можеби, иако живеел во православни времиња, само католиците ја осознале неговата светост и тој е свет само според католичките, но не и според православните критериуми?
Не, Валентин во соборот на светиите бил прославен многу пред разделбата на Западот и Истокот. Обично се тврди дека канонизацијата ја извршил римскиот папа Геласиј во 494 година.
Би можело Валентин, кој се спомнува на 14 февруари, веќе да е познат на нашиот календар како свештеномаченик Валентин Интерамски (или Италиски); неговиот спомен се твори на 12 август според новиот стил (30 јули според стариот).
Но, може потполно да испадне дека станува збор за друг човек, за кого ние до денес ништо не сме знаеле.
Нема ништо чудно во тоа: дури во почитувањето на најзнаменитиот светител, Николај Чудотворец, се случило „додавање“. Во текстот на неговото житие се соединети епизоди од животите на двајца, несомнено, разни луѓе, од кои едниот живеел на границата помеѓу III-IV век, а другиот во средината на VI столетие. Првиот страдал при паганскиот император Диоклецијан и веќе, во многу зрела возраст, присуствувал на Првиот вселенски собор во 325 година. Но, тој не можел да ја посети црквата Света Софија во Константинопол (изградена во VI век), иако авторот на житието го принудува својот херој на таква благочестива постапка[1].
Недостоверен е и житијниот расказ за патешествието на светителот Николај Мирликиски во Светата Земја. Блажениот Симеон Метафраст во X век вака го опишува неговото поклоничко патување во Палестина: „Светиот се упати кон гробот Господов и кон чесната Голгота, каде заради нас е вкопан спасителниот крст. Ноќта отиде кон светото крсно дрво и свештената врата сама се отвори пред него“[2].
Уште во XIX век, истакнатиот руски истражувач на блискоисточните црковни старини, архимандритот Антонин (Капустин), напишал: „Од оној кој со внимание го читал житието на светителот Николај, ставено во нашите Чети-Минеи[3], не може да се сокрие една историска несообразност што се среќава во него. Таму се вели дека великиот Божји угодник, уште како презвитер, отишол во Палестина на поклонение на светите места, се качил на Голгота и еднаш влегол во светата црква (секако, на Воскресението) низ вратата, која нему сама му се отворила. Потоа, по враќањето дома во Ликија, тој е поставен на архиепископскиот престол на градот Мира и дури после сето тоа постанува исповедник на Христовата вера при царевите Диоклецијан и Максимијан. Но, светите места на Ерусалим општо стануваат познати при императорот Константин и црквата на Воскресението е осветена дури на 13 септември 335 година, т.е. 30 години по владеењето на Диоклецијан и Максимилијан“[4].
Бидејќи патешествието на светителот во Палестина секогаш се датирало околу 300 година, т.е. во времето кога Крстот сè уште не бил пронајден од светата царица Елена, а храмот на Господовото Воскресение не бил изграден, хронологијата на житието на архиепископот Николај стапувала во очигледна противречност со црковната историја.
Оваа ситуација станала јасна по откривањето на древните текстови од житието на светителот Николај Пинарски, кој станал архиепископ на ликискиот град Пинара при императорот Јустинијан I и кој се упокоил на 10 декември 564 година. Во нив, на најдетален начин, се опишуваат неговите две патешествие во Светата Земја. Испаднало дека поклоничкото патување на свети Николај Пинарски во Палестина, целосно било пренесено во житието на светителот Николај Мирликиски.
„Смешувањето на житијата на двајцата светители (Николај Пинарски и Николај Мирликиски) и довело до укажаната историска несообразност… Дополнувањето на житието на светителот Николај Мирликиски со епизоди од животот на Николај Пинарски се случило во првата половина од X век од некои анонимни автори („Смешано житие“, „Ликиско-александриско житие“ и др.). Верзијата на блажениот Симеон Метафраст се основа на канонското житие на светителот Николај, составено во VIII-IX век од архимандритот Михаил, во кое се додадени фрагменти од житието на Николај Пинарски (историчарот А. Ј. Виноградов открил пример на такво соединување пред Метафраст во Mosq. GIM gr. 378, XI век., л. 36-54). Високите литературни достоинства на метафрастовото житие на свети Николај ја направиле неговата верзија најпопуларна и најавторитетна и со тоа тој ненамерно го ’озаконил‘ погрешното смешување на житијата на двајцата Николаевци за едно илјадалетие“[5].
Како што покажале истражувањата на архимандритот Антонин (Капустин), спроведени од него од 1869-1873 година, имено, и имињата на родителите, Теофан (Епифаниј) и Нона, како и на чичкото на Николај, се позајмени од житието на светителот Николај Пинарски.
Најстарите текстови од житието на Николај Пинарски датираат од VI век. Првиот од нив е пронајден во Ватиканската библиотека уште во XVII век од кардиналот Фалкони. Делата и чудесата на Николај Пинарски биле различни од тие во житието на Николај Мирликиски. Сепак, во животописот на Николај Пинарски се зборувало за неговите родители со имиња Епифаниј и Нона, за чичкото на епископот Пинарски Николај, кој го изградил Сионскиот манастир. Оттаму е родум и епизодата за тричасовното стоење на младенецот Николај во крштелниот купел[6].
Укажаните совпаѓања го привеле Фалкони кон неправилни заклучоци. Кардиналот решил дека постоел само еден светител – Николај Мирликиски во VI век при императорот Јустинијан. Дури после 200 години, архимандритот Антонин (Капустин) ја воспоставил вистината за постоењето на двајца Николаевци, ликиски светители. Тој пишувал: „За восхит е тоа како две лица, и двајцата знаменити, се слиле во народната претстава, а потоа и во црковната меморија, во еден почитуван и светоублажуван лик, иако фактот не може да се одрече… И така, постоеле двајца светители Николаевци Ликиски“[7].
И во случајот со почитувањето на свети Валентин е можно, споменот на попознат подвижник да ги собрал во себе спомените за другите светии, кои имаат исто име со него.
Почитувањето на светиите е различно – може да биде вселенско, а може да биде и локално. Ние не ги знаеме сите светии, кои се почитуваат во еден или во друг манастир во Грузија…
Освен тоа, ако навистина папата Геласиј го назначил споменот на свети Валентин на 14 февруари, тогаш таа постапка се случила во времето на раздор во односите на Римската црква и Константинополската црква (484-519 година). Тоа биле годините на така наречената „Акакијанска шизма“. Вистината во тој раскол била на страната на Рим, факт што, на крајот на краиштата, го признал и Константинопол[8]. Така што решенијата што се примиле во тоа време во Рим, едноставно не достигнувале до христријанскиот Исток. Но, со тоа тие не престанувале да бидат решенија на православни.
ѓакон Андреј Кураев
[1] Красовский А. Установление в Русской Церкви праздника 9 мая в память перенесения мощей св. Николая в Бар. // Труды Киевской духовной академии. 1874, дек., стр. 538-542.
[2] Цит. по: Бугаевский А. В., архим. Владимир (Зорин). Святитель Николай, архиепископ Мирликийский, Великий Чудотворец. Его жизнь, подвиги и чудотворения по древним греческим, латинским и славянским рукописям. М., 2001, стр. 15.
[3] Великите Чети-Минеи на митр. Макариј е ракопис. Тоа е голем зборник, во 12 томови, каде се собрани житијата на сите руски и грчки светии, но заедно со нив се ставени и многу други дела – творенија на светите отци на Црквата, книги на Светото Писмо, зборникот „Пчела“, легенди за светиите или духовни повести и сл.
[4] архим. Антонин (Капустин). Святой Николай, епископ Пинарский и архимандрит Сионский // Труды Киевской духовной академии. 1869, июнь, стр. 445.
[5] Бугаевский А. В., архим. Владимир (Зорин). Святитель Николай, архиепископ Мирликийский, Великий Чудотворец. Его жизнь, подвиги и чудотворения по древним греческим, латинским и славянским рукописям. М., 2001, стр. 15 и 8.
[6] архим. Антонин (Капустин). Святой Николай, епископ Пинарский и архимандрит Сионский // Труды Киевской духовной академии. 1869, июнь, стр. 449; види ги уште и другите негови трудови: Еще о свят. Николае Мирликийском // Труды Киевской духовной академии, 1873, декабрь, стр. 241-288; Перенесение мощей святитея и чудотворца Николая из Ликии в Италию // Труды КДА, 1870, май.
[7] Види: Бугаевский А. В., архим. Владимир (Зорин). Святитель Николай, архиепископ Мирликийский, Великий Чудотворец. Его жизнь, подвиги и чудотворения по древним греческим, латинским и славянским рукописям. М., 2001, стр. 7. А еве и историјата за шамарот даден на Ариј од страна на Николај отсуствува во древните верзии на житието и се среќава почнувајќи од XVI век – со новогрчкото житие, составено од студускиот монах Дамаскин (на истото место, стр. 28). Текстот од житието на св. Николај, составен од Симеон Метафраст, не ја содржи таа случка, за што рускиот читател може да се убеди публикациите на интернет: http://www.portal-credo.ru/site/?act=lib&id=419.
[8] Во тоа време спорот не бил за предметите кои по половина милениум ќе ги разделат Грција и Рим. Иако уште на 13 мај 495 година за прв пат во историјата римскиот папа бил поздравуван како “Христов намесник на земјата”(Задворный В. История римских пап. Т.2. От св. Феликса II до Пелагия II. М., 1997, стр. 21). И тоа бил истиот папа Геласиј во чие време се случило прославувањето на св. Валентин. На тој начин бил направен уште еден чекор на патот кон догматот за папската непогрешливост, којшто ќе биде возгласен во Ватикан во 1870 година.
Подготвил: Георгиј Глигоров