Човекот и неговиот компјутер или компјутерот и неговиот човек? (1)

rsz_kuraev1

Проблемите на црковниот Интернет. – Дали може да се сокрива сопственото име? – Компјутерот и идолот. – Дали е реален електронскиот контрационен логор? – Молитва за компјутерот [интервју за списанието «Upgrade»август, 2000]. 

– За читателите на списанието, можеби, многу е необично тоа што православен свештеник, и не едноставно свештеник – богослов, има сопствен сајт на Интернет. Како Ви дојде во глава идејата да отворите сајт?

– Мојата глава не е така устроена, за во неа да доаѓаат такви идеи… Едноставно, прво дојде еден човек и токму во него се вртеше таква идеја. Бидејќи во тоа време ниту еднаш не бев се нурнал во Интернет, на почетокот се одвратив. Кога таквите предлози почнаа да доаѓаат регуларно – зборовите преминаа во обиди. На крајот се најде еден провајдер (групата Vinchi), кој можеше да го направи тоа професионално. Можеби на почетокот тој имал некаков свој, нерелигиозен интерес за појавата на мојот сајт, но на крајот испадна дека работата во Интернет ништо не ме чини.

– Значи, провајдерот самиот Ви создал сајт?

– Да, провајдерот ми создаде сајт www.kuraev.ru и ја плати мојата работа на Интернет.

– А колку долго постои Вашиот сајт?

– Од 1998 година…

– А Вашето началство, зашто Вие имате началство, како Вашите началници реагираа на појавата на тој сајт на Интернет?

– Едноставно, кај никого не возникнуваа некакви збунувачки прашања и затоа таа тема никогаш не била расудувана со моето црковно началство.

– Вашиот форум постои веќе неколку години, сега тоа е раширен систем на комуникација, една од најблескавите тематски простори на рускиот интернет. Вие од самиот почеток се појавувавте поретко од постојаните посетители. Ви се допаѓа ли тоа што форумот го носи Вашето име и за колку свое го сметате тоа што се случува таму?

– Јас немам никакви сопствени чувства по однос на тој форум.  Своето учество таму го ограничувам од многу мотиви. Таму има таков обем на информации, таква количина на разгранувања и дискусии и, за во него да работам адекватно, треба да го посветам целиот свој живот. Во некоја смисла, јас форумот го пуштив да тече по свој сопствен тек, предложувајќи им на православните да се самоорганизираат. Јас сум подготвен на секој православен, богословски образован човек, да му го предадам правото на модераторство. Но, самиот не го злоупотребувам тоа право: ако погледнете во дневникот на модерирање, којшто е на форумот, ќе видите дека нема такви што сум ги отстранил. Кога форумот работеше првата година, сфатив дека ги читам сите тие пораки, од кои поголемиот дел не го заслужуваат тоа да бидат читани, или продолжувам да ги читам книгите што ме опкружуваат, вклучувајќи ги и светите отци. И јас решив да останам во традиционалниот режим на работа и да не станувам интернет-пастир.

– Со што е поврзано воведувањето на системот на модерирање? Многу корисници останаа крајно незадоволни од тоа.

– Интернетот е како трамвај, во кој еден ќе се разурла и ќе ги истера сите други. Требаше да се воведат ограничувања. Да речеме, еден човек не може да отвори повеќе од три теми по ред, затоа што активните сектанти без мера почнаа да го користат мојот форум за да ја водат својата пропаганда, а тоа не влегуваше во моите планови.

– Го воведувате ли во животот т.н. форумско среќавање, кое спроведува регуларни средби во реалниот живот, заедничкопиење на чај, прошетки, поклоништва?

– Не. Јас, секако, не можам да им забранам на другите луѓе да комуницираат. Но, самиот бев на првата таква средба и повеќе не одев, пред сè, поради тоа што не сакам да давам повод за сплетки на тема за тоа, дека Кураев создал своја сопствена интернет-секта. Неодамна имав една „средба“ со еден од учесниците на форумот. Ноќта пред Божик служев во храмот во Адлер. И, излегувајќи од храмот, видов како некое момче се обидува да влезе таму, но Козаците не го пуштаат. Момчето, најверојатно, не беше сосема трезно и се гураше да влезе во храмот со кловновска капа. И, еве, ме виде и почна да вика: „Отец Андреј, барем Вие кажете ми, зошто не ме пуштаат? Како тоа, јас со Вас преку Интернет се допишував!“.

– Со каква цел Вие обично го користите Интернетот, што најчесто барате?

– Освен пребарувањето на вестите, имам неколку своеобразни поводи за да се обратам кон ресурсите на Интернет.

Како прво, сметам дека Интернетот е незаменливо „инквизиторско оружје“. Кога ти треба да добиеш информација за некој човек, издание, центар, тогаш со помош на Интернет можеш да откриеш многу интересни нешта.

На пример, пред две години многу весници и списанија, вклучувајќи и некои црковни провинцијални изданија, опубликуваа информација дека во градот Приозерск локалните парохјани поднеле тужба на даночната инспекција по повод воведувањето на даночните броеви. Од судот била ангажирана независна научна експертиза, која изјавила дека во бар-кодот го има бројот на ѕверот. На почетокот мене ме смути тоа што „независниот световен експерт“ Алексеј Ипатов беше претставен како „главен на лабораторијата на енерго-информациони активности“. Веднаш стана јасно дека станува збор за банален екстрасенс, но јас се обратив за помош кон Интернет и почнав да барам кој е тој. И се изјасни дека лабораторијата на Ипатов, конкретно, се занимавала со тестирање на рацете на Алан Чумак и дури востановила, дека краевите на неговите прсти „пуштаат енергии, непознати за науката“. Чуден заклучок за научна лабораторија!

Втор мотив за моето нурнување во Интернет е кога има неопходност да се разобличи лага за Црквата, која возникнува од време на време на некои форуми или сајтови. Да речеме, сега јас водам полемика на нормален научен астрономски сајт за Коперник, Џордано Бруно и Галилеј.

И, конечно, трет повод за обраќање кон Интернет е потрагата по обратна реакција. Преку Интернет лесно може да се види јасната слика за тоа какво ехо останало во локалниот печат, на локалните форуми, по мојот престој во некој град, по некоја работа во него. Понекогаш дури е неопходно и возможно нешто да се откорегира, да се појасни.

А и пополека почнувам да се навикнувам на електронските библиотеки. Со нив јас, како правило, не се користам за читање, туку со цел да побарам и да копирам цитат, веќе познат за мене, од некоја книга, прочитана порано во хартиен вид.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *