Искупувањето (Спасението) во Христа

Трет и последен дел од написот

rsz_1crucifixion-icon07

Според исповеданието на древната Црква, Словото стана тело, т.е. Бог Синот Божји стана Син Човечки за на крајот и човекот да може да стане син Божји (св. Иринеј Лионски). Св Атанасиј Велики го дообјаснува ова: „Бог се вочовечи, за ние да се обожиме“. Во Господ Исус Христос, преку Воплотувањето, е остварено единство меѓу несоздадената и создадената природа, повторно се воспостави заедница меѓу Бог и човекот. Самото тоа значеше и спасение (исцеление) и возобновување на паднатата природа. Христос се воплоти и помина низ смрт и Воскресение, за да го спаси човекот. Но, бидејќи конечната цел на создавањето беше токму таа заедница меѓу Бог и човекот, затоа св. Максим Исповедник ја пласира тезата дека и да не паднеше човекот, Бог сепак ќе се воплотеше.

Во Новиот завет Христос е наречен „откуп“ за нашите гревови (Мт 20,28; 1Кор 1,30). Искупувањето или откупот претставува одредена цена која се плаќала за слобода на робовите и за живот за осудените на смрт. Преку гревопадот човекот потпаднал во ропство на гревот (Јн 8,24) и потребно било искупување за да биде ослободен од тоа ропство. Отците го поставувале прашањето: кому Христос му платил откуп за луѓето? Некои велеле – на ѓаволот, но таа идеја остро била отфрлена како богохулна (св. Григориј Богослов). Некои (на Запад, Анселм Кентербериски) сметале дека откупот е платен на Бог Отец: со гревопадот била прогневена Божествената Правда која имала потреба од задоволување (оваа теорија има јуридички карактер, според неа гревот не е победен, туку човекот само се избавува од одговорноста за него). На Исток, пак, ова е отфрлено: Бог Словото… ја принел спасителната жртва на Отецот, на Самиот Себе како Бог, и на Духот (на цела Света Троица). (Оној Кој принесува и се принесува, прима и се раздава – се вели за Христос во една литургиска молитва). Не гневот на Бог Отец, туку Неговата љубов е причина за крсната жртва.

Во што се состои спасението и победата над смртта и ѓаволот? Св. Григориј Ниски сметал дека ѓаволот „се измамил“, т.е. Христовото тело послужило како „јадица“; тој се нафрлил на човечкото, не знаејќи дека под тоа „се крие“ Божеството – па така бил победен. Слично на она што стои во пасхалната беседа на св. Јован Златоуст: „Адот се огорчи… прими тело и се допре до Бога, прими земја и го сретна небото…“

Х28552.bристос го принесува искупеното од Него човештво како дар на Бога (она што Адам требаше). Воплотениот Христос ја воипостазирал (оличностил) целата човечка природа, се уподобил во сè нам освен во гревот, ја поминал секоја возраст, сите можни страданија дури до богооставеност (Мт 27,46) и смрт. Тајната е во тоа што Божеството на Христа ниту за момент не се одделило од човештвото („Во гробот телесно, во адот со душата како Бог, во рајот со разбојникот, и на Престолот Си бил Христе со Отецот и Духот, сè исполнувајќи, Неопислив“ – се вели во една пасхална песна). Сè било осветено и преобразено, дури и самата смрт. И дејството на Голготската искупителна жртва се распространува на сите што веруваат во Него, коишто се крстени и членови на Телото Христово, Црквата. Во Личноста на Христа се остварува единство меѓу Бога и човекот, човечката природа е обожена (по Воскресението таа е во прославена и совршено преобразена форма; на пример, телото Христово не е ограничено од простор и време). Христос се вознесе и седи оддесно на Отецот (т.е. човечката природа е соединета со Бога и обожена преку Христа).

Спасението е извршено и дарувано, само треба да се прими преку причасност/учество во животот на Црквата, која е Телото Христово. Без Црквата нема спасение, затоа што спасението (обожувањето) не е возможно надвор од Личноста на Христос. Како што спасението преку Христа се случи слободно (Бог слободно се воплоти, а човештвото, во лицето на Богородица, слободно ја прифати таа иницијатива), така и спасението на секој човек се случува слободно, преку соработка/синергија со Бога која се состои во активно учество во подвижничко-светотаинскиот живот на Црквата. Во Црквата, преку светите тајни, а особено Евхаристијата, верните веќе го предвкусуваат тој живот на заедничарење со Бога.

Прв дел    Втор дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *