Христос: Една Божествена Личност во две природи (поголеми историски христолошки ереси)
Втор дел од написот во три дела
Според учењето на Православната црква: Христос е второто Лице на Пресвета Троица, Синот Кој е едносуштен со Отецот и Светиот Дух. Таа иста Личност од Вечноста влегла во времето и ја примила полнотата на човечката природа. Значи една Божествена Личност во две природи: Божја и човечка.
Вистината за Христос која Црквата ја носела од самиот нејзин почеток, дека е Он истовремено Бог и човек, подлабоко богословски ќе се разработи дури во периодот на христолошките спорови (4-7 век), кога Црквата ќе се справува со многу ереси. Овие лажни учења или ќе го умалуваат Божественото, а истакнуваат човечкото во Христа, или обратно, ќе го умалуваат човечкото, во полза на Божественото. Богословската задача на Црквата била да определи како се соединиле двете природи во таа Божествена Личност и во што се состои полнотата на човечката природа, која Христос ја примил. Црквата ја пазела вистината, водејќи се по принципот: сè што е примено од Бога е спасено (исцелено).
Аријанство: една од најголемите ереси што учела лажно за Христос, популарна во 4 век. Според ова учење, Христос не е Бог, туку возвишено создадено битие, прва творба на Бога. Осудено на Првиот вселенски собор во Никеја 325 г. (Црквата ја определила својата вера со терминот едносуштен, дека Синот има иста природа со Отецот), но оваа ерес постоела и по соборот (денешните Јеховини сведоци се едно ехо од неа).
Аполинаријанство: Бог Словото примил човечко тело и душа, но не и дух (ум), наместо ум во Христа било Божеството, кое се слеало со човештвото и создало со него една природа. Човештвото било како некоја корица на Божеството, но Бог не станал полноцен човек. Осудено на Вториот вселенски собор во Константинопол 381 г.
Несторијанство: учење дека Христос имал две личности; Бог Словото се вселил во човекот Исус како во храм. Затоа Несториј ја викал Богородица – Христородица, зашто според него Таа родила само човек, човечка личност. Ова се појавило, затоа што мислеле дека, ако Бог ја примил целата човечка природа, тогаш Он требало да прими и човечка личност. Но, Црквата го осудила ова погрешно учење на Третиот вселенски собор во Ефес 431. Според православното учење, Христос е Една Божествена Личност; Личноста на Бог Син ја воипостазирала, оличностила човечката природа).
Монофизитство (Евтихијанство): Христос не бил две природи, туку од две природи се формирала една хибридна (мешана) природа. Оваа ерес била осудена на Четвртиот вселенски собор во Халкидон 451, кога Црквата ја определува својата древна вера во Богочовекот: Христос е една Божествена Личност, едносуштен на Отецот по Божество и едносуштен нам по човештво. Овие две природи во Личноста на Христос се соединети неслеано, неизменето, неразделно, неразлучно (засекогаш). Со каква внимателност пристапиле отците кон изразување на неискажливото: се определува само како не се соединети (апофатика) за да се избегнат ересите што ги слеваат, смешуваат или разделуваат двете природи. Самиот начин на соединување, сепак, останува тајна за човечкиот ум.
Моноенергизам (6 век): двете природи во Христа имаат една енергија (дејствие).
Монотелитство (7 век): во Христа има само една волја – Божествена (противници на ова – преподобен Максим Исповедник и светиот папа Мартин Римски. Ова е класичен пример дека вистината не е условена од мнозинството; во време кога целиот христијански свет бил заразен од ереси, само овие двајца биле носители на православното учење, на вистината која подоцна ќе восторжествува). Монотелитите верувале дека Христос има една волја и ја врзувале неа за Неговата личност, а не за природата, како православните.
Последните две ереси се поврзани со монофизитството; тие ја отфрлаат самостојноста на двете природи на Христос и учеле дека Божјата волја целосно ја проголтала Неговата човечка волја. Двете ереси биле осудени на Шестиот вселенски собор во Константинопол 680-681 г. И човекот, како и Бог, има суштина и енергии. Како и Божјата, така и човечката суштина е неспознатлива, а спознанието се случува преку енергиите. Кога опишуваме нечиј карактер (персоналитет), ние ги опишуваме неговите енергии, како тој делува во светот. Волјата и енергијата (дејствието) се поврзани со природата и затоа ги нарекуваме природни. Ако ги врзуваме за личноста, тогаш тоа би значело дека Света Троица има три волји и три енергии, а тоа води кон тритеизам (тробожие). Па така, Христос имал две природи, две природни волји и две природни енергии (дејствија), кои се соединети неслеано, неизменето, неразделно, неразлучно. Човечката волја е во хармонија со Божествената, таа ѝ се потчинува нејзе. Човечката волја слободно го избира само доброто и нема никаков конфликт меѓу неа и Божествената волја. Ова се гледа во гетсиманската молитва на Спасителот: Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но, не како Јас што сакам, туку како Ти (Мт 26,39). Таквата молитва не би била возможна, доколку Божјата целосно ја проголтала човечката. Пресвета Троица има една природа, една волја и едно дејствие. Христос како Бог имал иста волја со Отецот и Духот, а како човек има друга, која се потчинува на совршената и добра Божја волја. Во Евангелијата имаме многу примери на пројавување на двете природи (волји и дејствија) во Христа: Христос како човек не знае каде е погребан Лазар, а како Бог го воскреснува, како Бог прави чуда (Божја енергија), но како човек чувствува глад (човечка енергија) итн.
Како што гледаме, сите овие ереси Го прават Христос или помалку од Бог, или помалку од човек. Во тоа е и суштината на ереста (што значи: избор) – да се избере и истакне само едно нешто од полнотата на верата.
Подготвил: Георгиј Глигоров