Божјата Мајка – наша Мајка
Како ја нарекувате Неа? Многумина оваа извонредна света личност ја нарекуваат Дева Марија, додека во православното Предание повеќето ја нарекуваат или Пресвета, или уште подобро, Богородица (Онаа која Го родила Бога). Ние ја почитуваме Богородица како најголема меѓу светиите, како „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. Богородичниот пост трае две седмици и нè подготвува за празникот Успение (Голема Богородица), кој секоја година го празнуваме на 15/28 август. Еден од начините на подготовка за овој празник е и да се разбере, зошто зборот Богородица е толку важен, и зошто некои истиот ги збунува.
Бог е несоздаден, што значи дека Он нема почеток. Он е бестелесен, што значи дека не може да биде роден. Па, како може Бог да има мајка? Пред да одговориме на ова, запомнете: она што најмногу восхитува кај светиите е тоа дека нештата не се вртат околу нив. Не станува збор за нивната чест или нивната слава. Ние ги почитуваме светиите, поради нивното единство со Христос, бидејќи тие нè упатуваат кон Него. И затоа зборот Богородица е многу важен.
Во раната Црква имало некои што не сакале да ја нарекуваат Дева Марија со називот Богородица. Наместо тоа, сакале да ја нарекуваат Христородица (Онаа која Го родила Христа). И Црквата реагирала на следниов начин: во ред, Таа Го родила Христа. Но, Кој е Христос? Така, во 431 година Црквата се собрала во градот Ефес на Третиот Вселенски собор, на кој потврдила дека Дева Марија, всушност, е навистина Богородица: бидејќи Таа Го родила Христа, Личноста Која е потполн човек и потполн Бог. Тоа е тајната на Воплотувањето, кое го славиме секој Божик. Значи, Светата Троица (Отецот, Синот и Светиот Дух) отсекогаш постоела, уште пред да постои универзумот, уште пред да постои времето, уште пред да постои пред. Оној Кој е бестелесен, Синот Божји, второто Лице на Света Троица, вистинскиот Бог од вистинскиот Бог, прима тело. Словото Божјо, Кое постоело невидливо пред сите времиња, примило на Себе сè што нас нè прави луѓе: тело, душа, ум, емоции итн. Поинаку речено, Синот Божји постанал човек. И како што сите деца се раѓаат од мајки, и Христос се родил од мајка, иако нејзиниот Син истовремено бил и Син на Бог Отецот.
Богородица имала неверојатна улога при откривањето на Бог на Самиот Себе на светот. Всушност, Неа можеме да ја наречеме најголемиот мисионер на сите времиња, зашто Таа ни Го дарувала нам Христос… Буквално. Ние Богородица ја доживуваме толку сериозно и ја поставуваме на високо, затоа што Воплотувањето е навистина сериозно нешто. Ѕидот што го разделуваше Бога од човекот е разрушен! Ништо не е како порано, спасението дојде во светот! И тоа спасение не е апстрактно. Туку многу реално и многу личносно. Нашето спасение се случува при соединувањето со Христос, при станувањето буквално член/орган на Неговото Тело. Како што вели апостолот Павле: Сите вие што во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Гал 3,27). Можеме да ја видиме оваа вистина како е прикажана за нас многу јасно при подножјето на Крстот. Во неговото Евангелие, свети Јован ни раскажува за моментот кога Христос погледнал од Крстот и ги видел Богородица и Неговиот возљубен ученик, најверојатно самиот свети Јован, како стоеле еден до друг. Кога Исус ја виде Својата мајка и ученикот кого го љубеше, ѝ рече на мајка си: „Жено, ете ти син!“. А на ученикот му рече: „Ете ти мајка!“. И од тој час ученикот ја зеде при себе (Јн 19,26-27).
Да се биде христијанин значи да се биде инкорпориран во Христовото Тело, буквално да се биде соединет со Христос. И при самото тоа ја стекнуваме и можноста Христовиот Отец да Го нарекуваме наш Отец (како во Господовата молитва). И како што Христовиот Отец станува наш Отец, Христовата Мајка станува наша Мајка. Ние ја почитуваме Богородица, бидејќи нашето спасение е вистинско! Синот Божји стана човек и ни го даде дарот на бесконечен живот со Него во Неговото Царство. Он станал човек со тоа што се родил, како што сите ние сме се родиле. Он бил роден од најголемата меѓу светиите, од жена исполнета со љубов и големо смирение, што ретко ја гледаме сама на иконите. Таа Го дарува Христос на светот со тоа што Го родила Него, Синот Божји. И Таа продолжува да Го дарува Христос на светот, зашто секогаш кога ќе ја погледнеме Неа, Таа ни укажува кон Него.
Па, да бидеме пчелата и да ја почитуваме нашата Мајка, Мајката Божја.
Биди пчела и живеј го Православието.
Извор: Be the Bee – God’s Mother, Our Mother
Подготвил: Георгиј Глигоров