Биоетика: Абортус (1)

rsz_feto

Според моите набљудувања, најжестоки поддржувачи на абортусот, во мнозинство, се жените. Зошто е така?

Постои таков закон на човечката психологија дека човекот не може да убие човек. Не може тој да го направи тоа! Затоа на секое убиство во реалниот живот мора да му претходи виртуелно убиство – словесно. Не може да се убие човек, но може да се убие „црнец“, „семит“, „фашист“, „масон“, „комуњар“, „еретик“, „бунтовник“, „лудак“. Таквите можат да бидат убиени – „проклетникот“, „бандитот“… Човекот не може да биде убиен. И затоа таквата единка (тешко жената да се нарече поддржувач на абортусот) не го нарекува дете оној, кого таа сака да го убие. Затоа што тогаш, кога таа би признала и би рекла дека тоа е „дете“, таа веќе нема да може да го убие. Затоа таа го нарекува плод.

Напротив, кога жената очекува детенце, во кој месец и да се наоѓа, за неа веќе тоа е „бебе“. Едни жени разбираат дека ембрионот е веќе самостоен живот. А други сметаат дека тоа е само израсток во мајчинскиот организам со кој може да се постапи, да речеме, како со калта под ноктите – ќе земеш и ќе ја исчистиш. И во тоа за нив нема никаков морален престап.

Но, еве, на пример, во Индија првата година на детето ја празнуваат три месеци по неговото раѓање. Тие сметаат дека деветте месеци во утробата на мајката не е подготовка за живот, туку тоа е веќе живот.

Со жената која извршила абортус се случуваат многу лоши нешта. Пред сè, таа греши против самата себе, против својот организам кој се стреми кон исполнување на својот возвишен повик – да роди нов живот, а овде, од немајкаде, настанува удар со чекан по сите системи. Тоа е биолошка катастрофа.

Како второ, тоа е огромна психолошка траума.

Како трето, таа постапка фрла многу сериозна сенка на односот на душата со Бога.

Од Патријаршијата веќе одамна беше поднесено барање до Биолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет (МГУ) со молба да се каже, кој момент се смета за почеток на новиот живот: излегувањето на младенчето од лоното на мајката, сечењето на папочната врвка, првиот здив, почетокот на формирање на нервниот систем на ембрионот, првото делење на јајце клетката или, пак, едноставно оплодувањето? Ни одговорија: од научно гледиште за почеток на новиот живот се смета оплодувањето на јајце клетката. Овде започнува самостоен живот, зашто возникнала уникатна, никогаш до сега не сретната комбинација на хромозоми. И тоа веќе е нов живот.

Така што и од гледиште на науката и од гледиште на религијата (секоја религија) абортусот е убиство.

Дискусијата на поддржувачите и противниците на абортусот се сведува на едно прашање.

Поддржувачите сметаат дека плодот во утробата на мајката е дел од нејзиниот организам, затоа жената има право со својот организам да прави што сака. На пример, посакала кратка коса – ќе отиде и ќе се потстрижи, посакала да ги продолжи трепките – ќе ги продолжи. Посакала ли својата матка да ја исчисти – ќе отиде и ќе ја исчисти.

Противниците на абортусот велат дека зародишот – тоа е веќе нешто повеќе, отколку дел од организмот. Тоа е веќе самостоен живот. Да, тој не може да живее надвор од организмот на мајката. Но, одделно од мајката и луѓето не може да живее не само четиримесечниот зародиш, туку и четиримесечното новороденче. Сепак, убиството на новороденото бебенце се смета за убиство на самостоен живот. А ликвидацијата на тој живот за неколку месеци порано, зошто би се сметала за морално беспрекорна постапка.

Најстрашно е тоа што повеќето абортуси се прават не од медицински причини, туку од социјални. Луѓето не сакаат да имаат дете. Зошто? „Ние не ќе можеме да го прехраниме и достојно да го воспитаме“ – велат тие. Секако, денес е тешко да се живее. Но, да претпоставиме дека имам четири деца. По инфлацијата на рубљата во 1998 година нивото на мојата плата нагло се снижило. Ги собирам своите деца и им велам: „Вие знаете дека имаме проблем. Почнав да добивам многу помалку, отколку порано, и не ќе можам да ви дадам сè што имав во план. Затоа да избереме едно од двете: или сите ќе живееме многу победно и тогаш Вања ќе ги откаже часовите по тенис, Маша – часовите по јапонски јазик, а Петја ќе престане да оди на часовите по музика. Или, пак, да го зачуваме претходниот стандард на живот, но да ја убиеме најмладата Тањичка, уште повеќе затоа што таа е сè уште мала и ништо нема да разбере. Со тоа сите ние ќе заштедиме и парите кои би се потрошиле на Тањичка, ќе отидат на зачувување на претходниот стандард на живот“.

abortus1

Дивјаштво? Но зошто, пак, наполно се смета за нормално да се заштеди на сметка на животот на детето, кое се наоѓа во утробата на мајката? А која е разликата меѓу веќе роденото дете и сè уште не роденото? Тоа веќе чувствува. Јапонските лекари снимија филм „Безгласен крик“, кој кај нас дури го забрануваат да се прикажува во училиштата на постарите класови. Јапонските медицинари поставиле светловод во матката на бремена жена, дале светлина, а потоа снимале што доживува бебето во утробата на мајката за време на абортусот. А тоа вреска, кога со клештите му ги откинуваат рачињата, ножињата. Зашто од телото на мајката него на делови го вадат. Бебето чувствува сè што прават со него: како го троват со тутунот и наркотиците, со алкохолот. Како го убиваат…

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел   Втор дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *