Библискиот концепт на мирот

rsz_hristos_pantokrator_13v_vizantiya_konstantinopol_118h89_gretciya_afon_m-r_vatoped_1

Идејата на мирот е една од централните во Светото писмо. Според Библијата, Бог го создал светот да битисува во мир, т.е. да биде самиот хармоничен и во заедница со Својот Творец (таквата идеја можеби се крие во старословенскиот, односно црковнословенскиот корен, каде зборот мир го означува и создадениот космос и состојбата на хармонија; двата термина ги разликува една мала ортографска разлика: миръ – мир и мїръ – свет). Но, Библијата ни сведочи дека таа замисла Божја за мир била нарушена уште на самите почетоци од човечката историја. Како последица на прародителскиот грев, овој свет продолжил да суштествува во изопачена состојба во која постојано се нарушувале хармонијата и мирот со дисхармонија (хаос) и војни. Според паганскиот светоглед, војната (немирот) била природен факт кој во светот претставува проекција на вечното непријателство меѓу боговите. Но, според Светото писмо, војната не е норма, туку резултат на изопачената состојба на светот поради гревот. И познати ни се веќе епизодите со Каин и Авел, Ламех и многу други. Во условите на паднатиот свет, војната станува неопходна и за верните на Бога (на пр., Авраам оди во битка за да го ослободи Лот и неговиот имот, 1 Мојс 14 гл.). Но, сепак, мирот е нешто што постојано се посакува (во 1 Мојс 13,1-9 Авраам го избегнува конфликтот, во 34 гл. Јаков ги укорува своите синови поради колежот и грабежот на туѓинците по повод обесчестувањето на нивната сестра). Како некаков исклучок се појавува идејата за „свештена војна“ со хумани барања да се поштедува животот, да не се уништуваат посевите и сл. (5 Мојс 20,10-11,19). Иако во името на справедливоста се вовел законот на одмазда (2 Мојс 21,23-25), како идеал се сметал мирот и од човекот се барало да му простува на навредувачот. Во месијанските и есхатолошките пророштва на Стариот завет се вели дека денот кога луѓето „ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои – во српови“, претставува време кое е неодделив дел од Божјата замисла за човекот (Ис 2,2-4; Мих 4,1-4).

Обично под поимот мир ние подразбираме состојба на спокојство и тишина, отсуство на конфликти, антитеза на војната, хармонија во меѓучовечките релации, слобода од стравови, страсти, морални конфликти. Македонскиот „мир“ е превод на еврејскиот „шалом“, кој во современата употреба има значење на „Пријатен ден“, но самиот термин доаѓа од Библијата и има повозвишена смисла од изразување на добри желби. Тоа е теолошки термин со многу пошироко значење.

Во старозаветните текстови, терминот шалом има повеќекратно значење и, зависно од ситуацијата, различно може да се преведе. На пр. во 2 Цар 11,7 се вели: Урија дојде кај него, и Давид го распраша за положбата (шалом) на Јоав, за положбата (шалом) на народот и за текот (шалом) на војната. Веднаш ја забележуваме чудната употреба на овој термин (што заедничко може да има меѓу војната и мирот?, или види Суд 8,9 и Ис 53,5). Во свештените текстови, „шалом“ го има значењето на полнота, завршеност, добробит, мир.

Терминот шалом (שָׁלוֹם) се среќава околу 250 пати во Стариот завет, но што мислеле библиските автори кога го употребувале тој поим? Со него тие ги означувале сите оние нешта што претходно ги споменавме, но и уште многу повеќе. Шалом е врвот (печатот) на свештеничкиот благослов во 4 Мојс 6,24-26  со што се означувало најдоброто нешто што може да се очекува од Бога. Тој е врв и во описот на Исаија за праведниот цар што доаѓа, со кој пророкот ја означува една од титулите на Месијата (9,6: „Кнез на мирот“) како Оној што ќе донесе совршен мир. Езекил говори за „завет за мир“ како ветување за благословена иднина (34,25; 37,26). Кај библиските автори, шалом почнува да придобива есхатолошко значење и со него се означувал, пред сѐ, мирот со Бога, а преку Него со целата природа, собитие кое ќе има место во месијанските времиња. Тој месијански мир во пророчките текстови се осликува како совршено царство, во кое божествената правда и хармонија ќе го обземат не само Израил како човечко општество, туку и целиот свет, целиот универзум, како творение Божјо: Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заедно; лавот ќе јаде слама како волот. Новороденче ќе игра над змиина дупка, дете ќе протега рака кон змиино гнездо. Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господ, како што водите го полнат морето (Ис 11,6-9). Мирот Господов не е само мир меѓу луѓето, туку и со сето создание.

Во Новиот завет се употребува еден грчки термин, речиси еквивалентен на еврејскиот шалом, ειρηνη. Тој се среќава во песната на ангелите при раѓањето на Исус (Лк 2,14), тој претставува стандарден поздрав во посланијата (Рим 1,7), се наоѓа во срцето на благословите во литургиската пракса (Фил 4,7). Тој означува речиси исто што и терминот шалом, но самиот поим веќе придобива нова смисла и со него се дефинира она што Бог го направи за луѓето преку Исуса Христа. Неговата идеја е веќе апсолутно месијанска, есхатолошка, христолошка. Самото Евангелието е, всушност, порака за мир. Порака за помирувањето на луѓето со Бога и на луѓето меѓу себе преку Христовото дело. И она Царство на мирот, за кое говореле пророците, е всушност Црквата Христова. Во неа преку Христа се остварува помирувањето меѓу порано поделените народи на различни основи. Во лицето на Исуса Христа се појавува Оној очекуван Кнез на мирот: Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив (Ефес 2,14). Овде, во овој цитат, св. ап. Павле прави алузија на еден историски факт, имено, постоењето на пагански двор во Иродовиот храм, кој со ограда бил одделен од дворот на Израилците. Во Христа, таа преграда е надмината и Црквата е место во кое нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско... (Гал 3,28).

Но, зошто Го нарекуваме Исуса „Цар на мирот“, кога Самиот Он вели: Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч (Мт 10,34). Во Новиот завет, мирот звучи некако чудно воинствено (Рим 16,20). Во Ефес 6,13-15 „евангелието за мирот“ е дел од Божјиот оклоп. Значи, библискиот поим за мир има пошироко и повозвишено значење од нашето поимање на тој термин. Станува збор за мир и единство во Христа, но не за мир по секоја цена. Како најдобро објаснување на овој стих можат да послужат зборовите на св. Јован Златоуст: „Затоа што тогаш особено и се населува мирот, кога се отсекува она што е заразено со болеста, кога непријателското се одделува. Само на тој начин е можно небото да се соедини со земјата. Зашто и лекарот само тогаш ги спасува останатите делови од телото, кога од него го отсекува неизлечивиот дел; исто така и воениот началник го воспоставува спокојството, кога ја разрушува согласноста меѓу заговорниците.“ Понатаму Златоуст продолжува: „едномислието не е секогаш добро; и разбојниците биваат согласни. И така, војната не била последица на Христовата определба, туку акт на волјата на самите луѓе. Самиот Христос сакал сите луѓе да бидат согласни во делото на благочестие; но бидејќи луѓето се поделиле меѓу себе, затоа и се појавила војната.“

Веднаш ни станува јасно дека мирот, како хармонија меѓу луѓето, е нешто што повторно и во Новиот завет има есхатолошка димензија, т.е. совршениот мир меѓу луѓето ќе се оствари во есхатонот, во Царството Небесно, а не во историското време. Затоа мирот за кој сега говориме, всушност, има поинакво значење; станува збор за устројство на душата, за состојба на личноста. Во еврејскиот јазик со шалом, како што рековме, се изразува полнота, комплетност, но и спокој на душата која не е под влијание на надворешните околности. Кога Христос зборува за мирот во Новиот завет, тој мисли за духовниот мир кој произлегува од Него: Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува (Јн 14,27). Овој мир не е од овој свет, туку претставува еманација на мирот на Царството Небесно. На истото мисли и ап. Павле кога мирот го набројува како еден од плодовите на Светиот Дух (Гал 5,22), што значи дека тој е енергија Божја која произлегува од Неговата суштина, т.е. дека мирот е присуство на Самиот Бог. Такво е значењето на зборот мир и во литургиската пракса на Црквата. Пред секој важен момент во богослужението, свештеникот се обраќа кон верниот народ со зборовите: „Мир на сите“, благодатно пренесувајќи го небесниот мир Христов. Како што во старозаветните времиња шалом бил поздрав, со кој се пренесувал мирот од месијанските времиња, така и во новозаветните времиња истиот поздрав претставува дарување на Христовиот мир од Неговото идно Царство што верните го очекуваат.

Ние христијаните духовно не припаѓаме на овој свет, но живееме и делуваме во него. Нам ни е даден императивот да бидеме мирољупци и миротворци: ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе (Рим 12,18). Но, во овој свет тоа не е целосно возможно. Најважно е, преку извршувањето на Божјата волја, преку единството со Христа, да го стекнеме Неговиот мир што надвишува секој ум (Фил 4,7). Зашто Тој е вистинскиот мир, Кој со совршен мир (преку Крстот, не противејќи му се на злото) го победи светот (Јн 16,33) и ни ги дарува и Својата победа и Својот мир. Само човекот кој го стекнал и го одржува тој мир може да го пренесе истиот на оние што го опкружуваат и да придонесе во остварувањето на мирот меѓу луѓето, на мирот со природата и со Бога. Еве како нашиот богослов и академик Петар Хр. Илиевски расудува за ова: „Мирот треба да се шири во концентрични кругови. Најпрво човек мора да се помири и да се соедини со Бога откако ќе ја урне преградата што го дели од Него преку лични подвизи на вера, молитва, кроткост и љубов до саможртва за другите. Тогаш ќе завладее нелицемерен мир во неговата душа, и тој ќе може со мир да зрачи и кон другите, во семејството и во пошироката средина… Помирувањето со Бога не е декларативно повторување на зборовите: ’Господи, Господи!‘, а усогласување на практичниот живот со Божјите етички принципи. Тогаш човек постига урамнотеженост и хармонија меѓу неговите мисли и волја со мислите и волјата Божја, што резултира со внатрешен мир кај него лично, а потоа и со луѓето околу него. Сѐ додека не се усогласи практичниот живот на човекот во вечните морални принципи, неизбежна е раздвоеност на личноста и невозможно е човек да постигне вистински мир со себе и со другите. Така, неопходен услов за вистински и траен мир меѓу луѓето во светот, како што рековме, е прво човек да воспостави мир со и во Бога. Гревот е основната пречка што го нарушува душевниот мир на човека и што стои како преграда меѓу него и Бога, Којшто е ’Бог на љубовта и мирот‘ (2 Кор 13,11). Следствено, прв и основен услов за постигање мир е да се отстрани таа пречка и човек со чисто и милозливо срце да се однесува кон сѐ околу него.“

Во Светото писмо, мир (шалом) е едно од имињата Божји (Суд 6,24; Ефес 2,14) и него можеме да го поставиме во конекција со поимот шехина, со кој се изразувала присутноста на славата Божја во Храмот, т.е. на Самиот Бог меѓу Својот народ. Вистинскиот шалом, вистинскиот мир е Самиот Он. И во таа смисла, мирот (за кој говори Библијата) не е отсуството на конфликт, туку присуството на Бога и единството со Него и покрај надворешните вознемирувања.

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *