Библиската археологија како аналитичка дисциплина
Од средината на 19 век, кога започнале систематски археолошки истражувања во Палестина и библиските земји на Блискиот исток, пред библиската археологија стоеле две задачи: прво, теренски експедиции и ископувања за откривање на нови артефакти; второ, осмислување на најдените артефакти во врска со раскажувањето на Светото писмо.
Руските истражувачи имале можност да изведуваат теренски истражувања само до Револуцијата во 1917 година, и притоа ископувањата во основа се вршеле на „руско тло“ во Ерусалим од страна на архимандритот Антонин (Капустин) и соработниците на Рускиот археолошки институт во Константинопол. Честопати руските научници биле ограничени со археолошките истражувања: местата на ископување, изведувани од страна на западните експедиции во Палестина, зад Јордан и Сирија, биле посетувани од професорите А.А. Олесницки, М.Д. Муретов, соработниците на Императорското православно палестинско општество и Рускиот археолошки институт во Константинопол. Основната заслуга на руската школа по библиска археологија пред Револуцијата се состоела не во ископувањата, туку во решавањето на втората научна задача – во аналитичкото осмислување на откритијата на западните истражувачи на артефактите во светлината на библискиот текст и древните писмени извори. Имено, до таквата методологија во својата работа се придржувале професорите на духовните академии А.А. Олесницки, В.П. Рибински, И.Г. Троицки, А.П. Лопухин.
По 1917 година во Русија истражувањата, поврзани со библиската археологија, биле прекинати. Световната археологија во СССР сѐ до крајот на Втората светска војна обраќала мало внимание на археологијата на библиските земји. Во западната наука, напротив, првата половина на 20 век се карактеризира со блескавата дејност на извесни истражувачи, финансирани од религиозни организации кои секогаш се стремеле своите пронајдоци да ги проанализираат во врска со библиските повествувања. Големиот број на ископувања во Палестина и другите библиски земји се заслуга на американскиот научник Вилијам Фоксвел Олбрајт (William Foxwell Albright, 1891-1971) и неговите следбеници – Ернест Рајт (Ernest Wright), Нелсон Глук (Nelson Glueck) и др. Водејќи се според текстот на Светото писмо, како според компас, Н. Глук открил повеќе од 1000 објекти во областа при Јордан и уште 500 во пустината Негев, потврдувајќи ја со тоа точноста на библиските опишувања на многу настани.
По Втората светска војна ретките археолошки експедиции на советските световни научници првенствено биле упатувани во околубиблискиот регион: Сирија, Анадолија, Месопотамија, игнорирајќи ја поради идеолошки причини Палестина. Во СССР првенствено се воделе теоретски истражувања поврзани не со изучувањето на Библијата, туку со истражувањата во областа на историјата, културата и литературата на земјите од древниот Блиски исток (со тоа се занимавале конкретно И.М. Дјаконов, В.К. Афанасјева, И.Ш. Шифман и др.). Почнувајќи од 1960-тите години, таа дејност се дополнувала со преводи на дела на западни автори: Л. Вули (Leonard Woolley), Е. Церен (Erich Zehren), О.Р. Гарни (Oliver R. Gurney), С. Крамер (Samuel Cramer), А.Л. Опенхејм (A. Leo Oppenheim), Е. Вардиман (E. E. Vardiman), Т. Јакобсен (Thorkild Jacobsen) и др.
Црковните истражувачи по возродувањето на духовните академии во 1946 година биле потполно лишени од можноста да одат на ископувања, затоа прашањата на библиската археологија ги допирале во рамки на лекциите, посветени на Светото писмо. Почнувајќи од 1970-тите години специјален курс по библиска археологија се предавал во Санкт-Петербуршката (Ленинградската) духовна академија. Во тоа време на црковните научници им било достапно само мало ограничено количество на западни извори, затоа сестрано обработени курсеви по библиска археологија се појавиле само во последните неколку години, кога се отвори можноста за слободен пристап до западната литература. Впрочем, како и претходно, црковните истражувачи биле лишени од можноста да одат на ископувања – сега веќе не поради идеолошки, туку поради економски причини. Но, поради тоа вредноста на нивните аналитички работи не се намалува. Напротив, промената на методите кон теренските ископувања во западната археологија во втората половина на 20 век покажала, дека теоретскиот правец кој доминирал уште пред Револуцијата во руската библиско-археолошка наука, во денешно време придобива особено значење и вредност.
Во западната теренска археологија во последниот половина век коренито се променила методологијата на археолошките истражувања – почнал да се користи комплексниот пристап. Помина времето на истражувачи – самци од првата половина на 20 век, па макар тие и да се многу истакнати. Сегашниот комплексен пристап бара археолошките ископувања да се водат од големи групи на научници од различен профил, во кои спаѓаат специјалисти по стратиграфија, географија, геологија, климатологија, палеоботаника, палеозоологија, антропологија, историја на техниката и по компјутерска техника, без која не е возможно да се обработува огромно количество на собрани податоци. Финансирањето на таквите зафати веќе не е на грбот на религиозните организации – работите се изведуваат не само со средства на големи универзитети, туку и при поддршка на државни министерства и сектори. Обратната страна на комплексниот пристап првенствено е неговата фактолошка задача – експедициите се повикани најточно и сестрано да го зафиксираат процесот на изведуваните ископувања во сите аспекти, но притоа не се поставуваат цели или задачи, поврзани со библиската тематика.
Таквиот пресврт на настаните поттикнал некои западни научници набрзина да известат за „смртта на библиската археологија“. Всушност, може да се зборува не за „смрт“, туку за ослободување на библиската археологија од обврската задолжително да трага по нови артефакти, нешто што им дозволило на библиските археолози да се фокусираат на анализата на фактичкиот материјал.
Во утврдувањето на погледот врз библиската археологија како на првенствено теоретска дисциплина помагаат и промените на крајот од 20 век во сферата на општата археологија. Треба да се прави разлика помеѓу процесот на теренските ископувања од аналитичкото осмислување на најдените артефакти и изградувањето на целосна слика за древните епохи врз нивна основа. Фактички, во општата археологија веќе се појави таков правец како теоретска археологија чија вокација, за разлика од теренската, е да се занимава исклучиво со аналитички задачи. Затоа и библиската археологија може да претставува аналитичка библиско-богословска дисциплина. Слично на руските истражувачи пред Револуцијата, современиот библиски археолог веќе не се смета себеси обврзан да изведува теренски работи; неговата вредност како специјалист се состои, пред сѐ, во умешноста да го осмисли она што е најдено од другите истражувачи и комплексните експедиции, и да го поврзе тоа со текстот на Светото писмо и другите писмени извори.
За илустрација на оваа мисла подолу ќе се разгледаат неколку значајни примери на археолошки откритија во последните 50 години, кои имаат значење за изучувањето на Светото писмо.
(продолжува)
свештеник Димитриј Јуревич