Отец Андреј Дудченко: Литургијата – учество во Тајната Вечера

Втор дел од написот во три дела

rsz_vecherya21

Да ја разгледаме Последната вечера како што таа е опишана во Новиот завет. Што се случило таму? Исус ги собра Неговите дванаесет блиски ученици, селективно одбрани. Тоа биле луѓе што Му верувале на Исус и на кои Самиот им се доверувал, без оглед на знаењето дека еден ќе го предаде. Секој може да биде дел од кружокот на Дванаесетте, како што и тие биле избрани без оглед на нивниот социјален статус или други надворешни доблести. Едноставно, тоа биле луѓе што Го слушнале Исус и биле спремни да остават сè и да Го следат. Ова бил главниот критериум за избор на учениците. И Исус се собрал со овие дванаесет во горницата и направил некои многу едноставни нешта. Не е важно дали тоа било пасхална вечера или не – да го оставиме ова прашање на библистите. Знаеме дека оброкот вклучувал леб и вино. Исус го зел лебот, кажал благослов, го прекршил и им го дал на учениците. Истото го сторил и со чашата: ја зел, благословил, благодарил и им дал на учениците, велејќи: „Земете, јадете, ова е Моето тело… Пијте од неа сите, ова е Мојата крв.“ Истите едноставни нешта коишто ги вршиме на нашата Литургија. Но, истите се покриени со различни слоеви на елаборирани обреди што се развиле во текот на времето, и нам не ни е лесно да го идентификуваме основното јадро што се крие под сета оваа византиска красота на пеење, процесии, обреди, одејанија итн. Едвај можеме под раскошот да ја ѕирнеме рамката на она што се случува. Престанавме да ги разбираме основните теми како базично јадро на литургискиот настан. Дали ние собрани за Литургија се идентификуваме самите себе како ученици, исто како и апостолите на Последната вечера? И дека не сме се собрале по наша иницијатива, туку дека Исус нè повикал да се собереме? Ние сме луѓето на кои Исус им Се доверува Самиот. Ние сме одговорни за нашиот Учител и за сè она што нè учел. Исус го доверил Словото и самото дело на лебот и виното на апостолите, велејќи: „Правете го ова во Мој спомен“. И овие луѓе се веќе задолжени со она што ќе следи понатаму – не само со себеси, но и со делото што им е доверено. Значи, во црквата ние учествуваме во Вечерата. Ги слушаме истите зборови, учествуваме во истата служба, го јадеме истото јадење, ги примаме истите Дарови – Телото и Крвта на нашиот Господ, и ние сме тие што сме повикани да го продолжиме тоа, извршувајќи го делото што Исус им го доверил на учениците. Ние треба да сме луѓето што се одговорни и задолжени за продолжување на Неговото дело.

Тука се појавуваат неколку второстепени работи, вклучувајќи и такви од техничка природа, но најглавниот проблем е нашиот однос кон Литургијата. Треба да ги истражиме сите можности за да ја направиме нашата Литургија политургиска. Учеството на верните не треба само да се охрабри, туку тоа треба да претставува суштина на литургиското служење. Прво, потребно е да се собереме заедно во црква, или подобро речено, како Црква, донесувајќи ја нашата едноставна храна – лебот и виното (ја нарекувам едноставна, затоа што лебот и виното е вообичаена општа храна за сите, но потребен е голем труд на повеќе луѓе за да се произведе – и тука започнува Литургијата, Литургијата пред Литургијата!), потоа се молиме заедно, Му благодариме на Бога и учествуваме во еден дијалог, а потоа заеднички ја јадеме Господовата вечера.

Сега не би можел да презентирам исцрпно истражување за можностите околу литургиската реформа. Би можеле да ги читаме молитвите наглас, да го обновиме соборното пеење, да го размениме поздравот на мирот итн. Секако, би требало да се обидеме да ги направиме сите овие нешта, како и некои други добри работи. Сè додека она што се случува на Литургијата се доживува низ призмата на заедничкото учество и заедничката одговорност, не би требало да менуваме многу во Црквата. Црквата е сочинета од малечки евхаристиски заедници. Поточно, според делата на отец Николај Афанасјев, секое евхаристиско собрание е Црквата. Евхаристијата е настанот во кој Црквата се открива и исполнува себеси. При потрагата по соодветни начини да се возобнови црковниот живот, би можеле да се обратиме кон нашите западни браќа и истражувачи, и православни и католички, како и кон нашето заедничко наследство на древната Црква, за да пронајдеме модели и опити на литургиски живот. Треба да ги откриеме методите и плодовите на западното литургиско движење и на Вториот Ватикански собор, обидувајќи се да ја направиме Литургијата политургиска, како и опитот на Православните цркви на Запад коишто веќе имплементирале значајни литургиски реформи, како што е Православната црква во Америка (OCA).

Треба да се забележи дека во западната Црква, каде што се појавило литургиското движење, литургиската ситуација била многу полоша од Православната црква. Најверојатно ова им помогнало на нашите католички браќа да се кренат од оваа ситуација и да возраснат до овој степен по однос на Литургијата. Ако ја споредиме сегашната реформирана миса со православната Литургија, прво што ќе воочиме е идентичноста на структурата и ќе сфатиме дека овие служби се исти во своите основни аспекти. Секако дека постојат одредени нијанси, но јадрото па и формата на служењето, неговите основни елементи се многу слични и дури идентични. Од друга страна, оригиналната структура, видливоста и восприемањето на литургиското јадро, како и учеството на народот, многу повеќе се манифестира во реформираниот католички обред. Затоа, како православен презвитер, би потврдил дека католичката Литургија е навистина политургиска од онаа што се служи во повеќето наши Православни цркви денес.

(продолжува)

протоереј Андреј Дудченко

Прв дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *