Амос: запишано пророштво

rsz_1prophet_amos

По смртта на Соломон во 922 година пред Христа, десетте северни племиња се побуниле против царскиот дом на Давид во Ерусалим и, под водство на царот Јеровоам I, се уредиле како независна држава. Најчесто наречено само Израил, ова царство во Библијата е познато и како Самарија (неговата подоцнежна престолнина), Ефрем (основното племе на царството) и „дом Јосифов“ (таткото на Ефрем и Манасија). Ова Израилско царство постоело точно два века, завршувајќи во 722 година, кога асирскиот император Саргон II го презема, депортирајќи го народот во источниот крај на Плодната Полумесечина, во областа позната како Месопотамија. До денес овие депортирани ги нарекуваме „десетте изгубени племиња“.

Библиските извори причината за падот на ова бунтовно царство ја припишуваат на неговата упорна неверност кон Божјиот Закон, духовно опасниот политички и трговски сојуз со Феникијците, материјалистичко идолопоклонство и високото ниво на опресија (угнетување) поради трговската и неправедна економија. Израилските цареви оделе по патот на сиве овие различни зла.

Сепак, во текот на неговата историја, Бог постојано испраќал пророци во Северното царство, за да го предупреди за опасниот пат по кој упорно оди. Во 9 век најпознати вакви пророци биле Илија, Михеј и Елисеј. Во следните векови, една генерација пред падот на Израил и депортацијата, Бог им го испратил Амос кој ја предвидел и претскажал идната национална трагедија, сметајќи го ова за праведна Божја казна за нивната национална апостасија.

Има неколку работи што треба да се забележат за пророчката служба на Амос. Прво, тој бил социјален пророк, најмногу загрижен за воените ѕверства, политичката опресија и економската неправда. Во таа смисла, неговото служење ја продолжува пророчката тема, порано посведочена со осудата на Илија на неправдата на Ахав и Језавела (види 3Цар 21).

Второ, Амос е првиот „писмен пророк“ на Библијата, што значи дека бил првиот библиски пророк, чии опширни пророштва биле со намера запишани во една книга. Според тоа, тој може да се смета како преодна (транзициска) точка помеѓу поранешните пророци како Илија и подоцнежните како Еремија. Ова било нешто ново. Самиот акт на запишување на Божјите пророштва манифестирале еден свеж поглед, повишена претпазливост дека Божествената пророчка порака има една трајна важност, која се издига над ситуациите на нејзиното првично време и место. Некои, можеби и самиот Амос, верувале дека неговата порака има безвремена важност и дека неговите зборови вределе да бидат запишани за генерации што доаѓаат. Потеклото на книгата на Амос се заснова на ова убедување.

Трето, Амос, иако проповедал во Северното царство, самиот бил јужњак, еден од овчарите на селото Текоја во Јуда. Еден ден, некаде околу 750 година, одеднаш се појавил во северното светилиште во Ветил, близу границата со Јуда, и ја започнал својата служба на проповед на Словото Господово. Најмногу ги осудувал порокот и корупцијата, возвестувајќи дека Божјото трпение е речиси потрошено. Драматичното појавување на пророкот во Ветил наишло на отпор од страна на Амасија, свештеник на тоа идолопоклоничко светилиште, кој му напишал на царот Јеровоам II, жалејќи се на непожелното вмешување на Амос: Земјата не може да ги понесе сите негови зборови. Како одговор, Амос инсистирал дека неговото непожелно појавување во северното светилиште не е негова идеја. Тој бил совршено задоволен да остане овчар и собирач на диви смокви, но Бог го повикал да пророкува на Мојот народ Израил. Во овој контекст Амос ја претскажал катастрофата што наидува на Израил: Јеровоам ќе умре од меч, а Израил со сигурност ќе биде одведен во ропство (Амос 7,10-15).

Четврто, пророчката осуда на Амос не се ограничува само на една нација. Напротив, тој ја распространил својата порака кон најблиските соседи на Израил, Сирија, Филистеја, Феникија, Едом, Амон, Моав и неговиот сродник, Јуда. Сите нив ги осудил за цел еден ред социјални зла, вклучувајќи ги меѓународната продажба на робови, убиството на бремени жени и други зла поврзани со разузданото војување. Оваа поголема и поопшта димензија на неговата порака со сигурност е една од причините што пророштвата на Амос биле запишани за идните генерации.

отец Патрик Хенри Рирдон

Од книгата: Christ in His Saints

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *