Монахиња Јулијанија: Смислата и содржината на иконата (2)

Втор дел од написот во три дела

Ikonopis'_5_resized

Евангелието говори, дека чистите по срце ќе Го видат Бога (Мт 5,8). Чистото срце е смиреното срце, највозвишен пример на смирение ни е даден од Самиот Господ Исус Христос и кон Негово следење сме повикани сите. Достигнувањето, пак, на таа чистота на срцето е дело на животот и духовниот опит. Ниту од зборови, ниту од книги не може да се научи тоа. Преку активното следење на Христа, преку молитвата, при сосредоточеното внимание кон сè што човекот прави и мисли; од ден на ден, од година во година, по трошки, незабележливо се напластува во него духовниот опит. Без таквиот личен опит, духовниот свет е непостижен. За него може да се философира, и да се биде во него мртов и слеп. И ако правецот во духовниот пат е заземен правилно, тогаш човекот прво ќе почне да ги гледа своите недостатоци, своето вистинско лице без прикривање. Ќе го види патот по којшто оди, и каде има опасности, и како да ги избегне. Тоа е почетокот на просветлување на духовниот вид. Ние за него сите и се молиме постојано на утрените, и вечерните молитви, и во богослуженијата, и во другите молитвословија: Просветли ги очите мои, Христе Боже, за да не се случи некогаш на смрт да заспијам…, Ти, Која ја роди Невечерната Светлина, просветли ја мојата ослепена душа…

Познавајќи се себеси, се смируваме, по мерата на преуспевањето во смирението се очистуваме, ја привлекуваме благодатта Божја, која ги отвора духовните очи и дава дар за гледање на духовното.

Без таквото, макар почетно загледување во областа на духовниот живот, што може да даде во својата уметност човекот, кој е туѓ на тој живот? Образот, создаван од него, нема да биде соодветен на она што тој се дрзнува да го изрази во боите. Достигнувањето на чистотата на срцето е дело на целиот живот на христијанинот. За тоа се случуваат жалости, болести, страсти душевни и телесни, самите гревовни падови, за да може човекот, не во теорија, туку од опит да ја виде својата длабока немоќ и да се смири. Тој тежок пат на човечката душа во ова земно туѓинување кон Небесната татковина е запечатен во творбите на отците на Црквата, кои опитно го поминале него.

Историјата на Црквата изобилува со примери на високи и особени степени на духовно гледање.

Да си споменеме за преподобната Марија Египетска, која никогаш не го видела преподобниот Зосима, но која го повика него по име, нарекувајќи го неговиот чин и велејќи му да му предаде на игуменот на неговиот манастир, тој повнимателно да гледа на себе и на браќата, зашто во многу треба да се исправат. Преподобниот Андреј, заради Христа јуродивиот, кој го видел Покровот на Божјата Мајка во Влахерна, еднаш на градскиот пазар сретнал монах, кој сите го фалеле за добродетелниот живот, му ги исповедале своите гревови нему, му давале многу злато за раздавање на сиромашните. Поминувајќи покрај него, Андреј видел дека него го обвива страшна змија. Приближувајќи се, тој почнал да ја разгледува змијата, а горе, во воздухот, прочитал натпис со црни букви: „Корен на секое беззаконие е змијата на среброљубието“. Андреј ја видел, но монахот не ја видел својата беда. Таквите примери се многу. Старецот еросхимонах Гавриил, еден од нашите руски подвижници, раскажувал дека во детството го гледал она што се случува далеку и што другите не можеле да го видат. Неговите раскази ја плашеле мајката, проста, но длабоко верна селанка, таа го предупредувала и го молела да не се предава на тоа. Со годините таа негова способност исчезнала и повторно се појавила, кога тој веќе станал еросхимонах. Тој ги восприемал човечките мисли како јавен разговор, го гледал она што се случувало на растојание или душите на покојните и светиите. Баќушката разбрал, дека способноста да го гледа скриеното, на човекот му се дава само за чистотата на срцето. Откривајќи нешто за тоа, тој со умиление говорел: „Навистина е справедливо словото Христово – Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога (Мт 5,8), и не само Бога, туку во Бога и сето сокриено на овој свет ќе го видат“.

Затоа VII Вселенски собор за вистински иконописци ги признава светите отци на Црквата – тие творат уметност. Преку опит последувајќи го Евангелието, тие имаат просветлени духовни очи и можат да го созерцаваат она што треба да се изобрази во иконата. Оние, пак, кои само владеат со четката, се само извршувачи, мајстори на своето дело, занаетчии или иконици, како што ги нарекувале кај нас во Русија.

„Иконописот воопшто не е измислено од живописците. На живописецот му припаѓа само техничката страна на делото. Иконописот е пронајдок и предание на светите отци, а не на живописецот. Самите тие божествени отци наши учителски… кои ја објаснувале тајната на нашето спасение, ја изобразиле неа во чесните храмови, ползувајќи се со уметноста на живописците“ (VII Вселенски собор, акт 6.).

(продолжува)

иконописец монахиња Јулијанија (Соколова)

Прв дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *