Библијата – свештена книга на Откровението и Заветот

Уште од првите денови од постоењето на Црквата, кога сè уште немало апостолски книги, Стариот завет перманентно влегол во нејзиниот живот. Псалмите биле првите молитви на христијаните, во библиските пророштва за нив се разоткривала икупителната тајна на Месијата. Духовниот опит на старозаветните претечи на Богочовекот станал онаа почва, на која се изѕидало зданието на евангелската вера. Во ризницата на Словото Божјо Христијанството постојано црпело вдахновение и поука. Без да се познава Стариот завет, тешко ќе биде да се разберат многу аспекти од црковниот живот. Светите тајни, богослужението, религиозно-моралните принципи на Црквата, нејзиното богословие, погледот на минатото, сегашноста и иднината – сето тоа е тесно поврзано со Стариот завет.

Задлабочувајќи се во него, Црквата оди по патот, покажан од Самиот Господ, Кој рекол: Истражете ги Писмата (Јн 5,39). Во деновите на земниот живот Он Самиот често се молел со зборовите од Стариот завет, се повикувал на него, возвестувајќи го Царството Божјо. Жителите на Ерусалим се восхитувале на Неговото познавање на Писмото (сп. Мт 4,4; 21,42; 22,29.31-32.36-40; 27,46; Јн 5,47; 7,42; 10,35). Господовата молитва, приказните и целата проповед на Спасителот во целост се основаат на духот и буквата на Стариот завет (сп. на пр., Мт 5,5 и Пс 36,11; Мт 7,15 и Ер 23,16; Мк 1,1-12 и Ис 40,3; Мк 13,24 и Ис 13,10 и мн. др.). Затоа блажениот Ероним вели дека „непознавањето на Писмото е непознавање на Христа“ (Толкување на Исаија, Пролог).

На тој начин, за луѓето кои ја примале Благата Вест Христова, Стариот завет станал света книга. И потоа кога се појавила новозаветната писменост, таа била присоединета кон Стариот завет, формирајќи една христијанска Библија.

Зборот „Библија“ е грчки превод на староеврејскиот збор сефарим – книги. Така уште во претхристијанскиот период почнале да ги именуваат боговдахновените сведоштва на Откровението, запишано од мудреците и пророците на Израил (Дан 9,2).

Постојат вистини за Бога, светот и човекот, кои разумот, даден на луѓето, може и треба да ги открива со своите сили. Природните закони, тајните на вештините, сегашноста и минатото на народите, па дури и самото битие на возвишеното Начело – сето тоа се познава од човекот со природните усилби на неговиот дух. Друго нешто е Откровението. Во него е дадено она што излегува надвор од границите на надворешниот опит, на земниот разум. Тоа е дар на љубовта Божја, која ги приопштува луѓето кон тајните на Творецот и Неговите замисли.

Во Библијата го нема зборот „религија“; Библијата учи за „познание“ на Бога (Ис 53,11), Кој говори со верните, пред сè, преку Своите избраници. Обично се мисли дека главно Откровение на богопознанието е монотеизмот, чистото еднобожие на Стариот завет. И навистина, сите други верувања само се приближувале до познанието за еден Бог, но никогаш не дораснувале до вистински монотеизам. Едни Божеството го гледале како безлична Сила, разлеана во светот, други паралелно со Него поставувале второстепени богови, трети верувале во две возвишени начела: зло и добро. Некои мудреци (во Грција и Индија) тврделе дека Бог во Својата суштина е недостижен, а паганството на боговите им припишувало човечки својства, па дури и ниски страсти. Само во Стариот завет се открива единствениот Бог, Кој го надминува секое битие, сокриен и неспоредлив со човекот и природата, но во исто време Он е Жив Бог, личносен, Кој ја излева Својата љубов врз созданието.

Околу 140 година Маркион Синопски се обидел да го отсече Новиот завет од Стариот. Тој тврдел дека „жестокиот Бог“ од древните книги на Библијата не е Оној љубовен Отец, Кој бил возвестен од Христос. За таа цел Маркион требал да ги изопачи и исече новозаветните текстови. Црквата, во лицето на св. Јустин Маченик и св. Иринеј Лионски, решително го осудила ваквиот обид. „Не почитуваме еден Бог како наш, а друг како ваш – му говорел св. Јустин на Јудеецот Трифон – туку признаваме еден и ист, Кој ги извел вашите татковци од египетската земја ’со крепка рака и подигната мишка‘, не се надеваме на некој друг (бидејќи и не постои друг), освен Оној на Кого вие (се надевате) – Богот на Авраам, Исак и Јаков“ (св. Јустин, Разговор до Трифон Јудеецот, 11). Всушност, Господ Исус никогаш не учел за поинаков Бог и во Својата проповед поаѓал од Откровението за Бога, дадено во Стариот завет (види на пр. Мт 22,31-32). А апостолот Павле сите верни ги нарекувал духовни потомци на Авраам, родоначалникот на старозаветната религија (Рим 4,16).

Бог, Кој се открива во Стариот завет, не е безлична космичка сила, туку Творец Кој создал сè со Својата волја и Словото. Он е свет (евр. кадош), т.е. има неискажлива природа, апсолутно различна од сè што е создадено (Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што небото е повисоко од земјата, така и Моите патишта се повозвишени од вашите, и Моите мисли се повозвишени од вашите мисли – Ис 55,8-9). Но, Бог не е ладната првопричина на деистите, рамнодушна кон светските случувања, туку благ Промислител. Он е Бог на правдата и справедливоста, непомирлив кон злото, Он е и Бог Спасител, Кој простува, исцелува, ја води тварта кон возродување и обновување. Он ја пројавува Својата мудрост во светот, но најмногу од сè ја открива и остварува Својата волја во настаните од човечката историја. Богот на Библијата е наречен „љубоморен“, затоа што Он од човекот очекува апсолутна верност и љубов; паралелно со Него не може да биде толериран никаков „идол“, никакво „поинакво служење“; Он треба потполно да царува во срцата и животот на луѓето. За да го подвлечат и истакнат односот на Живиот Бог кон светот и човекот, библиските писатели понекогаш прибегнувале кон антропоморфизми, т.е. како да Му даваат „очи“, „раце“, човечки чувства. Сепак, тоа е алегоричен јазик на Писмото, подобен на условниот, символичен јазик на иконата.

Конечно, Богот на Библијата е Бог на Заветот. Он создава духовни врски меѓу Себе и човекот, води со него дијалог, го повикува да соучествува во Своите творечки замисли. Он не бара едноставно покорно претстоење, туку активно служење. Во тоа е смислата на Заветот (сојузот, договорот), склучен од Него со избраните луѓе. На тој начин, библиската религија е богочовечка, а нејзин венец е Богочовекот.

протоереј Александар Мењ

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *