Молитвено одбележување на 50-годишниот јубилеј на МПЦ во Американско-канадската македонска православна епархија

На 26 ноември 2017 година, во катедралниот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген, Американско-канадската македонска православна епархија молитвено го одбележа големиот јубилеј – 50 години опстој на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Со Светата Архиерејска Литургија чиноначалствуваше надлежниот Архиереј, Неговото Високопреосвештенство г. Методиј, во сослужение на свештеници од Американско-канадската епархија.

IMAG0929IMAG0950IMAG0937IMAG0945

IMAG095320171126_121416_001

23915595_1922640007997288_6777950743261518947_n

Видео запис на Светата Архиерејска Литургија

Во прилог Ви ја пренесуваме и беседата на Митрополитот Методиј по повод чествувањето на педесетгодишниот јубилеј на МПЦ во Американско-канадската македонска православна епархија:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Возљубени браќа и сестри!

Господ ни дава секојдневна радост, меѓутоа денес радоста е трикратна, заради тоа што имаме три големи поводи да сме заедно и да празнуваме: најпрвин, големиот јубилеј на Македонската православна црква – 50 години автокефалност, потоа празникот на составувачот на Светата Литургија, составувачот на текстот на Светата Тајна на Благодарењето – свети Јован Златоуст и, конечно, сè уште сме во светлината на празникот на Денот на Благодарноста, којшто е уште еден повод да Му заблагодариме на Бога за сето она што ни го дал. Да Му благодариме најпрвин заради нашата Црква, зашто таа е нашиот вистински дом. 50 години автокефалност! Тоа е вистински јубилеј. Половина век самостојна Црква во којашто можеме на наш јазик, со наш клир, со наше свештенство, со наши закони, да живееме слободно и да ја исповедаме Православната Христова вера.

Да бидеме признати како автокефална Црква се започнува најпрвин со самопризнавање. Зашто, самиот збор признавање значи знаење; најпрвин треба да знаеме што сме, за и другите да знаат што сме. Да бидеме автокефални, тоа значи да бидеме самостојни во одлучувањето и знаењето што сме навистина. Тоа значи: да имаме свој устав – а тоа ние го имаме, да сме Црква со апостолско преемство – а и тоа ние го имаме, зашто нашата Црква постои од времето на светите апостоли и тие ја основаа. Да имаме свој клир, да имаме свое свештенство, да имаме свои владици, свештеници, ѓакони, монаси – а ние тоа го имаме, да имаме свети манастири, да имаме црковни образовни институции – и сето тоа се атрибути на една независна и жива Црква. И ние сме тоа. И тоа не треба да го забораваме, тоа треба да биде наш вистински атрибут. Зашто, ако ние тоа не го правиме, кој тоа ќе го прави?

Она што ни е потребно, пак, е тој вториот чекор, односно и другите да знаат кои сме и што сме ние. И токму затоа ни е потребно литургиското единство со сите други помесни Православни цркви. Сите оние што се добронамерни и што знаат дека во Македонија и секаде онаму каде што има Македонци од времето на свети апостол Павле, од првите векови на христијанството, два милениума и повеќе постои православно христијанство и дека Македонците се православни христијани. Тоа е она што ние денес го празнуваме. Не само 50 години автокефалност, туку и два милениума постоење како православни христијани. И зарем тоа не е доволна причина да Му благодариме на Бога?! Ќе Му благодариме, се разбира, и за нашите семејства, за сето она што го имаме. Токму затоа и во текот на годината го имаме Денот на Благодарењето, за да се сетиме дека сето она што го имаме Бог ни го дал. Треба на Бога да Му благодариме. И ние тоа денеска го направивме токму со Света Литургија, затоа што Светата Литургија уште се нарекува и Света Тајна на Благодарењето. Зашто Бог ни се дава нам и ние Му благодариме за тоа. Нека ни е честит јубилејот, нека ни е честит и празникот на Благодарноста, и по молитвите на свети Јован Златоуст уште многу јубилеи да славиме на независна, автокефална Македонска православна црква! За многу години!

Подготвил: Г.Г.

Еден коментар

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *