Смилен Марков: Верата не треба да се упростува

rsz_1smilen_markov
Денес многу често на христијаните им се укажува дека за верата треба да зборуваат на упростен начин, со што не би го обременувале без потреба современиот човек, кој веќе е прејаден од сложеноста на светот во кој живееме. Големиот христијански философ и богослов со руско потекло Сергеј Аверницев на ваквото расудување во една прилика одговорил на следниот начин: „Не бива да изгледа просто! Простите објаснувања се соодветни за другите вери. Во христијанството ништо не е просто и вештачкото упростување на учењето на верата претставува сурогат“.
Би можело да се рече дека утрешниот празник Педесетница е најсложениот и многуслоен христијански празник, од кој произлегуваат сите останати христијански празници. Овој празник е синтеза на буквално сите значења на Откровението, но е и радикална иновација во разбирањето на човечката улога во контекст на религијата и историјата. На Педесетница сите дотогашни религиозни практики се преобразуваат и добиваат потполно нова смисла. Сега човекот се преобразува во место во кое обитава Бог, човечкиот дух станува Божји дух, човечкиот јазик – Божјо слово. Низата од значењата на овој празник тргнува од аграрните култови поврзани со првите плодови од жетвата; минува преку Пасхата како исход од ропството, но и од смртта; и завршува со првиот плод на новата твар – раѓањето во Црквата.
На Педесетница Црквата, собрана на едно место, го вкусува првиот плод на новата твар, ја жнее победата посеана од Сејачот. Педесетницата е исполнувањето на дерзновените Христови зборови дека оние што веруваат во Него не само ќе ги прават Неговите дела, но ќе прават и „поголеми дела“ (Јован 14,12), а тоа значи – ќе се охристоват преку дарот на Духот. Тој дар не е едноставно харизма, еден или друг вид на служба во Црквата, туку е Тајната на Троица, во која постоењето е љубов. Во светлината на сето тоа не се апсурдни тврдењата на некои писатели дека собитието на Црквата го означува крајот на религијата и почетокот на Божјото Царство.
Д-р Смилен Марков (главен асистент на Православниот богословски факултет во Велико Трново)
Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *