Отец Александар Шмеман: За воскресението на телото
Четврта и последна беседа од циклусот за христијанското поимање на смртта
Сето она што го кажавме во нашите претходни беседи за смртта, сега директно нè води кон главната тема, срцевината на Христијанството – благовестието за Воскресението. Подвлекувам – не едноставно бесмртност на душата по нејзиното разделување со телото, не само некакво таинствено развоплотување на постоењето во некаков таинствен бестелесен ондестран свет, а имено воскресение.
„Ќе се кренат мртвите и оние во гробовите ќе се зарадуваат“. Како ли грмат овие зборови! Колку торжествено и радосно, како ветување, како предвремено набљудување на иднината, тие паѓаат во доцната ноќ на Велики петок, кога веќе низ мракот и жалоста на гробот, крстот, плаштаницата почнува нежно да се разгорува светлината на Пасхата која настапува и нараснува. И најдревното христијанско исповедање на верата, т.н. апостолски символ, вака едноставно тврди: „Верувам во воскресението на телото“.
По Воскресението на Христа, кога Он им се јавувал на исплашените и распрскани ученици, тие, според зборовите на Евангелието, мислеле дека гледаат привид. Но Он им рекол: не плашете се, Јас Сум. Допрете Ме, убедете се во тоа, бидејќи привидот нема тело. И потоа Он зел храна – риба и леб – и јадел пред нив (Лк 24,36-43).
Апостолите излегле од Ерусалим со проповедта за Воскресението и го проповедале воскресението на мртвите до крајот на земјата. И таа вера, таа радосна новост, тоа благовестие го примале, и заради него се радувале и со него живееле оние што го присвоиле благовестието на апостолите.
А за тогашниот свет, тоа било нечуена и апсурдна проповед. Тој свет сè уште некако можел, некако нечесно и неволно да поверува во бесмртноста на душата, но за него претставувало апсурд воскресението на телото. Кога за тоа апостолот Павле проговорил во Атина, во самото срце на грчката мудрост и просвета, философите што го слушале се насмеале и му рекле на Павле: Другпат сакаме да слушаме за тоа – и си заминале (Дела 17,32).
Но, слободно би рекол дека и денес, две илјади години по основањето на Христијанството, човекот тешко, речиси невозможно, ја прифаќа и разбира оваа проповед, да разбере зошто токму со неа стои и паѓа самото Христијанство. Да, ние ја празнуваме Пасха, да, несомнено нешто се случува во нас и со нас, кога секоја година слушаме како се разрушува ноќната тишина со еден единствен возглас: „Христос воскресна!“, со еден единствен одговор: „Навистина воскресна!“
Но, ако и тогаш започнуваме за размислуваме за смислата на сето тоа, за она што всушност ние празнуваме во пасхалната ноќ, на што и за што се радуваме и што значи таа радост за нас, за мене, тогаш тоа станува сè понејасно и понеразбирливо за нас.
Воскресение на телото – што тоа значи? Каде е тоа, телото, коешто се растворило во земјата и се вратило во таинствениот циклус на природата? Што, ќе воскреснат ли тие коски? Зошто ни е тело во оној, таинствен за нас, ондестран живот? Зар философите и мистиците од сите времиња нè не научија, дека токму во тоа е позитивната смисла на смртта, што таа нè ослободува нас од оваа, како што велат тие, темница на телото, од оваа вечна зависност од материјалното, физичкото, телесното и конечно ја прави нашата душа совршено лесна, бестежинска, слободна, духовна?
Но, можеби сите овие прашања ќе ни бидат поставени во поинакво светло, доколку подлабоко се нурнеме во поимот тело. Притоа, не апстрактно, не апстрактно философски, туку онака опитно, ако размислиме, со други зборови кажано, за учеството на телото, за неговото место во нашиот, во мојот живот.
Секако, од една страна е сосема очигледно дека телото на секого од нас е она што е изменливо и непостојано. Научниците – биолози пресметале дека сите клетки што го сочинуваат нашето тело, без исклучок, се менуваат на секои седум години. И на тој начин, физиолошки, на секои седум години ние имаме ново тело. Значи, она тело што на крајот од животот го полагаат во гроб – го закопуваат или палат, не е повеќе моето тело, како и сите претходни тела, зашто, на крајот на краиштата, телото на секого – не е ништо друго, туку волпотување на секого во светот, како вид на мојата зависност од светот, од една страна, и мојот живот, моето дејствие во светот, од друга.
Во суштина, телото е мојот однос кон светот, кон другиот, тоа е мојот живот како општење и како взаемност. Апсолутно сè во телото, во човечкиот организам, е создадено за таа врска, за тоа општење, за тој своевиден излез од себе. Секако, неслучајно во телото свое воплотување наоѓа љубовта, највисоката форма на општење; телото е она што гледа, слуша, чувствува и, на тој начин, ме изнесува мене од самотијата на моето јас.
Но тогаш, можеби, би требало да се каже обратно: телото не е темница на душата, туку телото е нејзина слобода, зашто телото е душа како љубов, душа како општење, душа како живот, душа како движење. И затоа, губејќи го телото, одделувајќи се од телото, душата, во суштина, го губи животот, умира, макар тоа умирање на душата да не е потполно исчезнување, туку успение или сон.
И навистина, секој сон, а не само сонот на смртта, е некакво умирање на организмот, зашто во сонот спие и почива токму телото, и тогаш нема живот, освен некаков илузорен, нереален (живот), нема ништо, освен сон. А ако е така, тогаш кога Христијанството говори за оживување на телото, тоа не говори за оживување на коските и мускулите, бидејќи и коските, и мускулите, и сета материја, и секое ткиво на нашиот свет се оние неколку основни елементи, на крајот на краиштата – атоми; и во нив нема ништо специфично лично – ништо вечно мое.
Христијанството зборува за обновување на животот како општење, тоа говори за она тело духовно, коешто ние самите за време на целиот наш живот сме си го создале со љубов, интерес, општење, исход од себеси; тоа не говори за вечноста на материјата, туку за нејзино конечно одухотворење, за светот што до крај и целосно ќе стане тело, а тоа значи – живот и љубов на човекот; за светот што до крај ќе стане приопштување кон Животот.
Култот на гробниците и спомениците не е христијански култ, зашто во Христијанството не се говори за растворување во природата на дел од материјата, што била нечие тело, туку за воскресение на животот во целата негова полнота и целосност, остварени со љубовта.
Во тоа е смислата на Пасха, во тоа е последната сила и радост на Христијанството. Победата ја проголта смртта (1Кор 15,54).
отец Александар Шмеман
Прва беседа Втора беседа Трета беседа
Подготвил: Георгиј Глигоров
„Култот на гробниците и спомениците не е христијански култ, зашто во Христијанството не се говори за растворување во природата на дел од материјата, што била нечие тело, туку за воскресение на животот во целата негова полнота и целосност, остварени со љубовта“. – ова ми е малку проблематично, па дури ако се разглоби води кон дуализам. Значи почитувањето на мошти паѓа во вода и нивната светост исто така бидејќи според о. Шмеман материјалното тело – плотта, не е дел од природата на човекот, па така ќе дојдеме на Платоновото: „Телото е затвор на душата“, или „кожен хитон од кој треба да се ослободи“. Значи ли тоа дека и древната Црква со тоа што подигала мартириуми и ја втемелила својата „Свјатаја свјатих“ на гробовите на мачениците ја утнала работата…?
Навистина, во еден момент во текстот како да се чувствува дека отец Александар некако платонистички говори за воскресението. Но, ако се има предвид полнотата на контекстот во сите четири беседи од овој циклус за смртта, воопшто не е така. Иако можеби не е најуспешно формулирано, тука најверојатно Шмеман говори за духовното тело, т.е. за преобразувањето на материјата. Мислам дека не треба многу остро да го судиме човекот, зашто ако некој жестоко го предизвикувал дуализмот во христијанството, еден од таквите е отец Александар Шмеман. Другите негови книги сведочат за тоа. Христос воскресе!