За ропството на гревот
Така, ако сме осознале некој предлог како зло, но не сме го избркале, туку продолжуваме да комуницираме со него, тогаш тој постепено ќе нè убедува. Отпрвин вели: „Не велам дека сега ќе отидеш и ќе го направиш тоа. Но, понекогаш е неопходно така да се постапи. Не, јас лично нема да те убедувам. Но, некои, сепак, треба да ги задавиш со голи раце. Еве, мојот сосед од соседниот стан… јас лично нема, но, ако некој од друг од соседен стан го задави, би го поздравил тоа“.
А потоа, ако тоа е веќе допуштено, во следната етапа велиш: „Не, сепак, јас самиот би го сторил истото. Не, не веднаш, но ако се создаде ситуација, секако, ќе го сторам тоа“. Целото сиже на „Злосторство и казна“ кај Достоевски се гради според таа шема. Најпрво Расколников го слуша разговорот на двајца офицери во таверната. Таа мисла му светка во главата, потоа почнува да ја отфрла, доаѓа до заклучок дека некој Наполеон има право да докаже дека не е плашливо суштество. Наполеон, а не лично Расколников. Потоа доаѓа до заклучок, дека „старицата – лихварка, старата дама, сепак, некој треба да ја тресне. Но не лично јас, туку би било многу полезно за доброто на човештвото“. А потоа доаѓа до заклучок: „Па што, и јас лично го можам тоа“. И завршува така, како што завршува.
Па, за да бидат ваквите авантури помалку, човекот треба да се противи на таквите грешни помисли. Зашто, кога човекот ќе се согласи на грев – тоа сè уште не е сè. Затоа што и понатаму може да продолжи некоја борба. Гласот на совеста, сепак, може да потшепне дека не треба така. Уште нешто. И понатаму човекот може да се најде во состојба на заробеност. Гревовното ропство е кога мојата душа не го посакува злото, но гревот ме влече. Се каам за тој грев, во принцип не го сакам него, макар со некој дел од својата душа, но немам сили да се избавам од него. Тоа е ропство од страна на гревот. Но, полоша состојба е онаа што се нарекува „страст“ – кога човекот сознателно и целосно се стреми кон гревот. Тој не му се предава едноставно така, туку со наслада. Тоа е ропство од страст. Кога човек потпаднал во состојба на страст или дури во ропство, тогаш избавувањето од гревот е веќе многу тешко. Затоа е подобро да се нападне гревот, додека тој е сè уште мал.
Имајќи се предвид тоа, во православната традиција во очи на Великиот Пост се пее страдалниот псалм – 136 псалм „На реките вавилонски“. Тоа е псалм кој раскажува за Израил кога бил во Вавилонското ропство – VI-V век пред Христа. Откако израилските племиња ги одвеле во ропство, се збиднала целосно обична историја. Луѓето се навикнале, земјата била добра (во Месопотамија земјата е плодородна), климата е добра, таму не ги навредувале многу, секој имал свое парче земја. Освен тоа, сепак тие се Евреи. Многу бргу се зафатиле со бизнис, трговија, многу бргу почнале да процветуваат. И почнале да ја забораваат својата татковина. Но, не само што почнале да ја забораваат својата татковина, тие почнале да Го забораваат и Бога. И покрај другите нешта, почнале да им се поклонуваат на локалните пагански богови. Тогаш пророците се обидуваат да го разбудат народот од хибернацијата: „Не спиј! Разбери, ти си тука во ропство, колку и да ти е слатко овде. Ова не е твоја земја. Не заборавај Го Бога – ти имаш друг повик! Месијата сè уште треба да дојде – Искупителот на сите!“ И тогаш се раѓа 136 псалм. „На реките вавилонски, таму седевме и плачевме, кога си спомнувавме за тебе, Ерусалиме. Нека ме заборави мојата десница, ако те заборавам тебе, Ерусалиме. Нека се исуши јазикот мој, да се залепи за моето непце, ако споменот за тебе, Ерусалиме, не го поставам за почеток на мојата радост. Помнете ги оние што нас нè поробија, тие дојдоа при нас и рекоа: ’Ајде, запејте ни некоја од вашите песни, запејте ни нешто весело‘. ’А како да запееме песна Господова на туѓа земја?‘“ И потоа плачот на прогонството завршува со страшни зборови: „Бедна ќерко вавилонска! Блажен е оној што ќе ти возврати. Блажен е оној што ќе го стори со тебе она, што ти ни го направи нам. Блажен е оној што ќе ги разбие децата твои од камен“.
Невидена работа: христијаните се подготвуваат за Великиот Пост – времето на покаен подвиг, времето на простување, помирување. И одеднаш главното песнопение на Црквата во тие денови пее: „Блажен е оној што ќе ги разбие децата твои од камен!“ Каква крвожедност! Имено, тука треба да се разбере духовната смисла на тие стихови. Ние сме христијани, ние сме новиот Израил. Одведени сме во ропство. Нашиот Ерусалим е нашето срце. Бидејќи Ерусалим буквално означува „свет Град“. Каде Господ живее, таму е Неговиот свет Град. Живее ли Бог во некакво камено здание? Не. Апостолот Павле вели, дека „Бог не живее во ракотворни храмови“. „Зар не знаете, дека вашите тела се храм на Духот, Кој живее во вас?“ – пишува апостолот Павле. Срцето човечко е храм. Таму треба да царува Господ! Таму, внатре во нас, треба да биде Царството Небесно! А ние во нашиот секојдневен живот, во нашиот бит, се откажуваме од Царството Христово. Зошто се откажуваме? Затоа што вистинскиот граѓанин на некое Царство е само оној што го слуша својот Господар. А ако ние му кажеме на императорот: „Знаеш, ајде вака, да се договориме. Во 8.20 ќе појдам во градот и таму не ме вознемирувај. Потоа ќе се вратам вечерта, ќе прочитам вечерна молитва – од 10.00 до 10.20 повторно ќе бидам твој граѓанин, а сето останато време твоите укази за мене не претставуваат закон“. Што ќе направи императорот со таквиот граѓанин, кој така ќе му се обрати? Па, тешко дека ќе го пофали.
Зашто ние токму така се однесуваме со Бога. Му велиме: „Знаеш што, ние Ти служиме Тебе оттогаш дотогаш. Потоа забораваме и за молитви и во текот на денот не Те ни спомнуваме. Забораваме на Твоите заповеди и живееме според стихиите на овој свет. Сите лажат, па и ние лажеме. Сите крадат, па и ние крадеме“. Сите поминуваат покрај туѓата беда, и јас ќе поминам. А потоа ќе се вратам дома и ќе речам: „Ох, да, христијанин бев, сега по вечерата ќе прочитам 5 минутки од Псалтирот или нешто друго“. Евангелието нас нè предупредува: „Кој кому му служи, тој е и негов слуга“. За да се наречеме себеси слуги Божји, треба да се има голема смелост. Зар не лажеме, кога велиме дека сме слуги Божји? Слуги на Бога ли сме или слуги на нешто друго? Слуги на гревот? Што е тоа што навлегува во нашиот живот, што е тоа што го потчинува него?..
Од нашите срца направивме република. Секој од нас претставува подвижен парламент, Државна Дума. И во секого од нас се одвива директен пренос – моето расудување (или, на пример, не моето расудување, туку мојата лична волја) е спикерот, претседателот на Парламентот, кој седи на сцената и вели: „Сега збор има петтиот микрофон, сега вашата фракција нека се произнесе, ве молам. Што ќе кажете во врска со ова прашање?“
А јас имам цела маса на фракции. Настапува некоја вечер и фракцијата на расудувањето вели: „Ајде да одиме, време е да прочитаме некоја книга“. Фракцијата на срцето понизно забележува, многу понизно: „Па, може… ама чија книга?.. Можеби нема да пречи да се помолиме? Го знаеш патот до храмот?“ Постои и фракцијата на стомакот која многу гласно говори: „Треба да се јаде! Какви книги, какви молитви, батка?!“ Постои уште мноштво други фракции со свои специфични проблеми. Тие се многу, а јас сум еден. Фракциите се многу, а во секој конкретен момент можам да правам само едно нешто. И спикерот, т.е. мојата лична волја, решава: „Еве, ќе склопам пакт со оваа фракција. Твојата волја. Вашиот збор, господине Маузер, ќе биде исполнет вечерва“. Со надеж дека волјата на таа фракција, којашто е нападна, разбирате, ќе биде исполнета, напладне таа престане да настојува, а јас во тоа време сум почнал да се занимавам со некои други работи. И тогаш, во мене се случува една бесконечна парламентарна расправија. Сите бараат „концензус“. Понекогаш го наоѓаат, но најчесто не. Тука нема Царство Небесно. Нема диктатура на совеста. Има нешто сосема поинакво.
И затоа Црквата пред почетокот на Великиот Пост напомнува: „Ние сме робови!“ Ајде да ѝ погледнеме на вистината в очи. Не сме супер христијани. Во текот на годината ја загубивме радоста заради Христа… радоста на Пасхата! Она прекрасно чувство, дека навистина не сме робови, туку синови! Она пасхално чувство на соучество во Тајната на Христа веќе го загубивме… Ајде сега да се погледнеме и да размислиме: каде сме? Се чини дека веќе сме во Вавилон. Нè поробија нашите страсти и нашите гревови. Штом е така, од каде може да се започне востанието? Од сознанието на фактот, дека не треба така да се живее. Не смее така да се продолжи животот. И човекот треба да се сепне и да каже: „Каде ме повел патот? Каде сум?“
Преподобниот Серафим Саровски за вакви случаи го дал овој совет: „Треба почесто да се прашуваш: Господи, како ќе умирам?“ Како ќе умирам?.. Еве, ако сум во оваа состојба, како сега, и мојот живот на ова заврши, што ќе се случи? Каков ќе се појавам пред Бога?
И така човекот сфаќа дека е во неправилна состојба, ропска. Значи, треба да се бори за загубената слобода. За слободата да биде христијанин, за слободата да живее според совеста. И тогаш се дава совет, како да се стекне слободата: разбивај деца! Оние вавилонски деца се символ на гревот. Тој грев те заробил на тој начин, што најпрво постепени гадни мислички навлегле во твојата глава, а потоа се развиле во дебели, закоравени страсти. Затоа, додека малечката гадна и грешна мисличка не се развила во огромна страст, токму тука фати ја и разбиј ја од камен. А што е каменот? Каменот на верата е Исус Христос. Преку молитва кон Христа се разбиваат гревовните помисли. Штом почувствуваш дека во твојот духовен простор навлегол крадец и разбојник – викни! Повикај кон Христа: „Господи, помогни!“ Тоа и ќе значи, дека не му дозволуваш на тој грев да те пороби и ќе можеш од него да се избавиш
ѓакон Андреј Кураев
Г.Г.