Великиот Пост е пост со голема буква

rsz_post_1 (1)

Кога во црковна средина ќе речат: „Постот таа година беше тогаш и тогаш“ или „Ќе дојдам кај вас за време на Постот“, обично се мисли на Великиот Пост, а другите три поста, во таков случај, специјално се нагласуваат. Бидејќи тој, во суштина, е пост со голема буква. Освен тоа, тој е единствениот пост меѓу црковните, во којшто и самото црковно богослужение е особено и специјално посно. Зашто, на пример, богослужението на Петровденскиот пост нема никакви особености во споредба со вообичаените, регуларни служби. Со богослуженијата на Богородичниот и Божикниот пост е исто. Има само 2-3 молитви што говорат дека се движиме кон Рождеството (во ирмосите, т.е. во катавасиите се говори за тоа), но, во принцип, самиот стил на богослужение останува ист.

А за време на Великиот Пост дури и „Господи помилуј“ го пеат на поинаков напев, за разлика од вообичаениот период. Се појавуваат сосема особени молитви како во домашната молитва на христијанинот, така и во храмот. И веќе со ова се сведочи, дека тоа време е навистина посебно.

Кога се говори за црковните пости, има смисла да се спомне нивното потекло

Во принцип, навиката да се пости, традицијата на пост, ја има во старозаветните устројства. Дури и во јудејската средина, на границата меѓу Заветите, имало обичај да се пости двапати седмично – обично во вторник и четврток. Соодветно на тоа, христијаните, за да не бидат укорувани дека „еве, Јудеите постат, а вие станавте христијани за да не ги пазите постите и да живеете полесно и послободно“, исто така решиле: „добро, и ние ќе постиме, но во други денови“. Така се појавиле средата и петокот, исто два дена во седмицата.

А што се однесува до големите пости, кај нив происходот е сугубо (двојно) интересен.

Што се однесува до Великиот Пост, тој има мисионерско потекло. Тие 40 дена првично ги постеле, не христијаните, ами паганите – оние пагани што сакале да примат Крштение. Се подготвувале за Крштение… Тогаш не било така едноставно, меѓу обврските ќе појдам во храмот, ќе се крстам, и ќе продолжам понатаму со своите работи. Тогаш се крштевале возрасни луѓе. Христијански семејства имало многу малку, па затоа децата практично не ги крштевале; во христијанските семејства крштевале, но повеќето биле возрасни, коишто веќе сознателно пришле кон Христа. И така, човекот се подготвувал за Крштение, но тој не се подготвувал со едноставно читање на книги, како што денес често се случува, кога човек изучува соодветна литература, оди на проповеди, на предавања, а потоа решава: „Веќе е време да се крстам“. Не, тоа било подготовка, во чиј процес човекот требало потполно да ја протресе својата душа. И затоа тоа било време на негов подвиг, на негови молитви, на негов пост. А потоа, претставете си: вие сте христијани и сте сретнале таму некојси Тит Ливиј, ваш сосед, кој сè уште е паган. Почнувате да му го проповедате Евангелието, да му зборувате за Христа. Тој ве слуша, со срце го прифаќа тоа и има намера да се крсти. И веќе е определено времето за негово Крштение, но тогаш не крштевале секој ден, туку во древната Црква крштевале само во неколку дена од годината. На пример, крштевале за Божик и Пасха, а имало и уште неколку такви денови во годината, но, пред сè, на Велика Сабота пред Велигден. И така, човекот почнува да пости, подготвувајќи се за Крштение. Тој почнува да пости, затоа што вие сте му Го проповедале Христа. Тој живее во соседната куќа. И влегува кај вас, тој пости, а кај вас на трпезата ставена кокошка. Вие сте христијанин, му раскажувате за Христа и притоа глодате коскичка. А него, кутриот, стомакот му се залепил за грбот, бидејќи пости. И затоа, чувствувајќи непријатност од ситуацијата, христијаните решиле и самите да постат во истото време – заради огласените, заради паганите, коишто ги приведувале кон Христа. И, на тој начин, во христијанската средина Великиот Пост првобитно се зародил како пост од солидарност, како сугубо време на молитви не толку за себе, туку за оние луѓе во светов, во којшто живееме и којшто се надеваме да го приведеме кон Христа.

Самите христијани не постеле на Великиот Пост, ниту на Четириесетницата, туку во тие времиња тие постеле на Страдалната Седмица. И нашиот Пост до ден-денес се состои од два дела – Светата Четириесетница и потоа Страдалната Седмица.

Страдалната Седмица веќе не е Четириесетницата и, всушност, тоа не е дури и Великиот Пост – туку тоа е посебно време. Може вака да се каже: Четириесетницата (првите 40 дена) е време, кога Му одиме на средба на Бога. Страдалната Седмица е време, кога Господ ни доаѓа нам во пресрет. Доаѓа преку страданија, преку апсења, Тајната Вечера, Голгота, слегувањето во адот и, конечно, кон Пасхата Он ги победува последните прегради, што нè одделуваат нас од Бога.

Потоа се појавува Петровденскиот пост. Ако го отвориме Апостолското предание на светиот Иполит Римски (споменик од III век), во него интересно се раскажува за настанувањето на Петровденскиот пост: „Ако некој човек не можел да пости за Страдалната Седмица – не можел да пости пред Пасха, тогаш нека пости една седмица по Педесетница“. Смислата на правилото е многу едноставно. Во тие времиња, во III век, за христијаните сè уште немало општа традиција на празнување на Пасха. Египетската црква ја празнува Пасха според својот календар, Римската – според својот, малоазиските цркви – според друг. Секој ја пресметувал Пасха на свој начин. И тоа им давало повод на паганите да ги навредуваат христијаните: „Како тоа, тоа е вашиот главен празник, а вие не знаете кога се случило тоа!“ Потоа, во IV век, Првиотвселенски собор прифатил еден датум за празнување на Пасха за сите – традицијата на Римската црква била распространета на сите останати.

Но, сега замислете си: како прво, не секој човек знае кога точно се празнува Пасха, затоа што, на пример, се наоѓа на патување. Кај него во Александрија, оваа година Пасха треба да биде на 20 април, тој оди на пат во Рим, стигнува во Рим на 15 април, надевајќи се дека уште 5 дена ќе попости до Пасха, ама во Рим веќе на 10 април ја одбележале Пасха. Во некоја смисла, испаѓа дека тој останал без Пасха, без пост, без сострадание – сострадание на Господа, Кој заради нас се распна.

Од друга страна, тогаш немало весници и не можело во секој храм и на секоја уличка да се купи црковен календар со распоредот на сите празници (каде сето тоа во III век?). И затоа луѓето многу често едноставно немале поим кога е Пасха – ако некој човек живее во некаква дивина и, особено, ако е принуден да замине од својот град по некоја работа. Денес пристигнувам во Екатеринбург, го застанувам првиот што го среќавам на станицата и прашувам: „Каде е вашата соборна црква? Треба да одам во епархиската управа. Каде е најблискиот храм?“ А во II-III век христијанската Црква живее во подземје, гонета од властите. И пробајте да ги прашате луѓето на улица: „Слушајте, каде тука кај вас се собираат христијаните? Во која пештера, во кои катакомби?“ Стигнувајќи во туѓ град, нема едноставно да ја најдеш христијанската заедница таму.

И поради таа причина, или поради болест, или да речеме, некој војник отишол во поход (а таму, разбирливо, не ти е до пост), затоа светиот Иполит Римски и вели, ако некој не можел да пости пред Пасха, нека пости една седмица по одминувањето на Педесетница. Пасхалната радост нека ја празнува со сите и да се радува, а потоа тој некако ќе надокнади. Но, сепак, се повторувала истата ситуација: „Како така, мојот брат пости, за него е период на пост, а јас заедно со него, разбирате, ќе јадам месо?“ И повторно, со време сите христијани почнале да постат по Педесетница.

Слични стории се поврзани со Богородичниот и Божикниот пост. Многу е важно да се сфати дека црковните пости не се само личен подвиг на секого од нас, туку подвиг на нашата взаемност, подвиг на нашата солидарност, кога се чувствуваме еден со друг сугубо поврзани.

Секако, никој не спречува да се пости и посебно – во време што секој за себе го смета за подобно. Постои само еден исклучок – црковните правила не дозволуваат да се пости на Пасха, затоа што Пасха е време на празник, и непријатно е сите да празнуваат, а ти сугубо да жалиш. И така, секој од нас во секое време од годината може по своја желба да пости или да не пости, но многу е подобро, ако христијаните го прават тоа заедно, чувствувајќи ја помошта на еден од друг и чувствувајќи ги молитвите еден за друг, удвојувајќи ги.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *