За смислата и значењето на православниот храм

rsz_hram

Терминот Црква има двојно значење. Под зборот црква ние подразбираме две нешта: заедницата на христијаните (Црква со голема буква) и самото богослужбено место на христијаните, храмот (црква со мала буква). Крстените членови на православната христијанска заедница во Литургијата се остваруваат како Црква, т.е. Тело Христово, па оттаму и самото место на литургиските заедничарења почнало да се именува така – црква (онаму каде што Црквата се остварува како таква). Во таа смисла, самата архитектура на православните цркви има особено литургиско значење, симболика, која се разбира само во контекст на Литургијата. Денешната форма на црквите се образувала во тек на подолг историски развој. Денес постои разнообразие во националните стилови на црквите, но сепак, самата суштина, идејата, која се поврзува со Литургијата, е истата. Бидејќи Литургијата претставува предвкус на Вечноста и Царството Небесно, оттаму и црквата се доживува како „небо на земјата“.

Во првите времиња од своето постоење, Црквата се собирала по приватните домови и таму се служела Литургијата (како такви биле и гробовите на мачениците). За првите христијани, идејата за особени свети места, храмовите, кои биле типични за паганството (многубоштвото), била сосема туѓа. Затоа што веќе самите луѓе, христијаните, се самиот Храм каде што живее Бог. Денешното почитување на христијанските храмови, црквите, произлегло од причина, што тоа се конкретни места каде што христијаните се остваруваат како Црква, т.е. духовен Храм на Самиот Бог. Освен паганските храмови, првите христијани ги отфрлале и сите оние обичаи што ги потсеќале на паганството, на пример, темјанот и кадењето. Но, со добивањето на христијанската слобода и со масовното распространување на Христијанството, Црквата применила поинаков метод: наместо потполно да ги отфрла паганските храмови и обичаи, таа почнала да ги преобразува, т.е. онаму каде што било возможно, ја задржувала формата, но ја менувала суштината, исполнувајќи ја со христијанска содржина. Па затоа многу пагански храмови биле претворени во христијански цркви, пагански празници во христијански, почнало да се употребува и кадењето со темјан, но веќе во друга смисла – христијанска.

Денес православниот храм се дели на три основни дела: нартекс (преддворје), наос (брод) е централниот дел и олтар.

Во нартексите во старо време стоеле огласените (катихумените), оние што не биле крстени, но се подготвувале за тоа. Исто како и оние што, од некоја причина, биле привремено изопштени од заедницата на Црквата и не се причестувале. Обично во овој дел имало и баптистериум (крстилница), каде што катихумените се крштевале, па потоа преку процесија биле воведувани во централниот дел на храмот, со што се означувало нивното присоединување кон Црквата и можноста да учествуваат во нејзините свети тајни.

Наосот (бродот) е местото на верните, каде се собрани и преку Литургијата го предвкусуваат Царството што треба да дојде. Порано надворешните (некрстените) немале пристап тука за време на Евхаристијата (сп. Двери, двери… е повик кој укажува дека надворешните, некрстените, треба да излезат, затоа што следи тајната на Христовото присуство зад затворени врати, кое е дозволено само за посветените, крстените).

Олтарот го сочинуваат три дела: во централниот дел е светиот Престол (Трпезата), лево (север) е местото наречено проскомидија (протезис) каде што свештенослужителите ги подготвуваат елементите (лебот и виното) за Литургија, десно (југ) е ѓакониконот, каде што се чуваат свештеничките одежди. Олтарот во себе содржи три смисли: прво, го претставува Небото, Престолот Божји, каде што Христос преку Своето дело нè вознесе; „горно место“ се нарекува местото зад светата Трпеза (обично има трон) и таму епископот или свештеникот за време на Литургијата застануваат за време на читањето на Апостолот и Евангелието (кога се пее Трисветата ангелска песна), а со тоа се символизира Христовото вознесение и седењето оддесно на Отецот. Оти свештенослужителот за време на Литургијата е икона на Христос. Второ, Трпезата е местото на Тајната Вечера, во која ние учествуваме (во таа смисла олтарот ја символизира и одајата на таа вечера). Литургијата, всушност, е таа иста вечера која ние на мистичен начин ја вкусуваме. Трето, тоа е местото на Христовата жртва која ја принел за нас еднаш засекогаш (затоа и се нарекува олтар). Оти Литургијата е учество во таа Христова жртва. Во таа смисла, олтарот се објаснува како изобразување на Христовиот Гроб, изворот на нашето Воскресение (но ова е подоцнежно и второстепено литургиско објаснување и тука може да се објасни зошто свештеникот ги затвора и отвора дверите одвреме-навреме). Ако според некои толкувања, Литургијата е изобразување на Христовиот живот, во случајот на Великиот вход – тоа е символ на Христовото одење на Распетие и Смрт, затворањето на дверите би символизирало запечатување на Христовиот Гроб од страна на стражарите итн. Но, спомнавме претходно, дека ова се второстепени толкувања, кои нас нè прават не учесници, туку набљудувачи на службата, која во овој случај би претставувала некој театар. Самата смисла на Литургијата, пред сè, се содржи во литургиските молитви, кои свештеникот ги чита во името на целата Црква. Литургијата не е нешто што набљудуваме пасивно, туку нешто во што активно учествуваме. Ако Литургијата е предвкус на Вечноста, тогаш олтарот е символ (во реална смисла) на одајата на Тајната Вечера, т.е. на свадбената гозба во Царството Небесно, која е отворена за нас.

oltar

Сите делови од црквата се украсени со икони и фрески на Христос, Богородица, ангелите и светиите. Но, тоа не се едноставно украси, туку имаат своја литургиска функција. Светите икони ја претставуваат онаа реалност, која не е видлива со физичките очи, но сепак присутна во Црквата. Литургијата е дело на целата Црква (земната и небесната), а ние, всушност, сме само видливиот дел на Едната Црква. Значи, иконографијата, свеќите и другите свети украси имаат само едно единствено значење: единство на Црквата на земјата со небесната Црква, или поточно, нивната идентичност. Собрани во храмот, ние претставуваме видлив дел, видлив израз на целата Црква, чија Глава е Христос и чии членови се Божјата Мајка, пророците, апостолите, мачениците и светиите, исто како и нас. Во таа смисла, целта на иконостасот не е да нè оддели од најсветото место, туку попрво да нè приближи кон духовната реалност, која иконите ја изобразуваат (сп. иконите се „прозорец кон духовниот свет“). Само во Литургијата (Евхаристијата) православниот храм ја исполнува својата функција. Тој не може да биде цел сам по себе. (Колку е спротивно на ова оној култ на свети места, црквички, манастирчиња, што се градат на секој чекор, од сонување и сл. со што го стекнуваме менталитетот на претхристијанскиот пагански дуализам, отфрлајќи го вистинското Богопоклонување во дух и вистина [сп. Јн 4]).

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *