„Во секоја музика – Бах“… (2)
Бах живеел во епохата на барокот. Но, неговата музика не е условена со особеностите на таа епоха. Освен тоа, Бах како композитор се развивал на страна, спротивна од онаа, во која се развивала уметноста од неговото време. Епохата на Бах се карактеризира со стремежот на уметноста кон страната на осветовувањето, хуманизацијата: на прво место сè повеќе и повеќе се издигнува човекот со неговите страсти и пороци, а во уметноста сè помалку место останува за Бога. Веќе синовите на Бах ќе живеат во „галантниот век“ со неговата бесмисленост и лекомисленост. Кај Бах сè е обратно: со текот на годините во неговата музика сè помалку има човечко, а сè повеќе божествено. Во музиката на доцниот Бах има повеќе готика, отколку барок: слично нешто на старите готички катедрали во Германија, таа целата е устремена кон небото, кон Бога. Последните творенија на Бах – „Музички принос“ и „Уметност на фугата“ – конечно нè водат од епохата на барокот назад во времињата на Букстехуде и Пахелбел.
И тука доаѓаме кон клучниот момент: уметноста на Бах не била „уметност“ во нејзиното современо сфаќање, таа не била заради уметноста. Кардиналната разлика помеѓу уметноста на древноста и средновековието, од една страна, и уметноста на новото време, од друга, е во нејзината усмереност: древната и средовековна уметност била усмерена кон Бога, новата се ориентира на човекот. Главниот критериум на вистинитоста во древната уметност е верноста на традицијата, вкоренетоста во опитот на претходните поколенија. Во новото време, пак, главен критериум на автентичната уметност постанува неговата оригиналност, новина, несличност со она што претходно е создадено. Бах се наоѓал на границата на тие две култури, на тие два светогледа, два спротивставени погледи на уметноста. И тој, безусловно, останал дел од културата, која била вкоренета во традицијата, во култот, во богослужението, во религијата и која само по Бах се отстранила од своите религиозни корени.
Бах не се стремел да биде оригинален, не се стремел во ништо да направи нешто ново. Секојпат, кога творел ново сочинение, тој прво ќе ги отсвирел за себе делата на другите композитори, од коишто го црпел вдахновението. Тој не се плашел да позајмува од другите теми, што често биле положени во основата на неговите фуги, хорали, мотети, кантати и концерти. Бах не се чувствувал себеси како изолиран гениј, којшто се возвишува над своите современици, туку, пред сè, како неодделив составен дел од големата музичка традиција, кон којашто припаѓал. Тајната на шокантната оригиналност, неповторливост, новина на неговата музика е токму во тоа, што тој не се откажувал од минатото, туку се потпирал на опитот на своите претходници, кон кои со благоговение се однесувал.
Бах бил човек на Црквата. Тој не бил само длабоко религиозен лутеран, но и богослов, кој добро се разбирал во религиозните прашања. Неговата библиотека го вклучувала полното собрание на делата на Лутер, а исто така и такви дела како „Вистинското Христијанство“ на Арндт – книга, што во Русија во 18 век ја читале светителите Димитриј Ростовски и Тихон Задонски.
Многу може да се каже за лутеранството на Бах и за неговото време, но најглавното, ми се чини, се состои во следното. Многу современи православни и католици се навикнале да се сметаат себеси за носители на црковната Традиција (со голема буква), а лутераните и другите протестанти за претставници на либералното, омекнато, полуцрковно Христијанство. Во епохата на Бах не било воопшто така. Лутеранството историски возникнало како реакција на недостатоците на средновековната Католичка црква, коишто се сметале за повреда на првичната чистота, строгост и јасност на христијанската вера и црковната пракса. Главен стремеж на лутераните било да се врати Христијанството кон она, што тие го сметале за првична Традиција, којашто датира од првите векови на Христијанството. Од многу причини тоа не им успеало. Но, постоел огромен стремеж кон традиционалното Христијанство, кон вистинското Христијанство, кон она Христијанство, што, како што сметале Лутер и неговите следбеници, било загубено во средновековниот католицизам. И лутераните создале своја Традиција, кон која строго се придржувале во текот на неколку векови.
Еден познат современ богослов, кој на стари години се обратил од лутеранство во Православие, во својата книга „Бах како богослов“ искажал мислење дека, ако сите поетски творби на Лутер по некаква причина денес се загубат, нив без никаков труд може повторно да се реконструираат од баховските партитури. Навистина, Бах напишал музика за повеќето црковни химни на Лутер. Имено, тие химни легнале во основата на таа црковна традиција, која со таква усрдност ја граделе лутераните од времето на Бах. И самиот Бах бил дел од тој творечки процес.
Во времињата на Бах светот веќе почнал да се движи кон пропаста на револуцискиот хаос, кој во периодот од крајот на 18 век до почетокот на 20 век ќе ја опфати цела Европа. Помлад современик на Бах бил Волтер, хуманист и деист, предвесник на идејата на „Просветителството“ (Ренесансата). Четириесет години по смртта на Бах избувнала Француската револуција, која постанала прва во редот на крвавите пресвртници, сторени во името на „човечките права“ и кои однесоа милиони човечки животи. И сето тоа се правело за човекот, повторно, како и во претхристијанските, пагански времиња, во кои тој бил прогласен за „мерка на сите нешта“. А за Бога како Творец и Господар на вселената почнале да забораваат. Во векот на револуциите луѓето ги повториле грешките на своите древни предци и почнале да подигаат вавилонски кули – една по друга. А тие – една по друга – паѓале и ги погребувале своите градители под своите урнатини.
Бах живеел надвор од тој процес, затоа што целиот негов живот течел во друга димензија. Тој бил потчинет не на световниот, туку на црковниот календар. Кон секоја недела Бах бил должен да напише „свежа“ кантата, кон Страдалната седмица пишувал „Страданија“ (Пасии) – според Матеј или според Јован, кон Пасха пишувал „Пасхален ораториу“, кон Божик – „Божикен“. Имено, со таквиот ритам на црковните празници, со ритмот на свештените споменувања се определувал целиот строј на неговиот живот. Културата на неговото време сè подалеку одела од култот, а тој се подлабоко навлегувал во длабочините на култот, во длабочините на молитвеното созерцание. Светот сè побрзо се хуманизирал и дехристијанизирал, философите се усовршувале во пронаоѓањето на теории, кои требале да го усреќат човештвото, а Бах Му воспевал песна на Бога од длабочините на срцето.
На прагот од 21 век ние јасно гледаме: никакви потреси не можеле да ја поколебат љубовта на човештвото кон Бах, како што не можат да ја поколебат и љубовта на душата човечка кон Бога. Музиката на Бах продолжува да биде онаа карпа, на која се разбиваат сите бранови на „морето житејско“.
епископ Иларион Алфеев
Г.Г.