Сестра Васа Ларин: Православните канони во теорија и пракса

Во периодот од 08 до 11 мај 2014, во Волос, Грција, се одржа меѓународна конференција на тема „Православното канонско предание и современите предизвици“. Во ова видео сестра д-р Васа Ларин го презентира своето согледување на оваа мошне актуелна црковна тема. Во кратка форма ги претставуваме основните тези на ова експозе, затоа што изложеното помага подлабоко да се разоткрие и суштински да се разбере самиот феномен – црковен канон.

Догматските формулации на светите собори на Црквата претставуваат непроменливи вистини, тие се важни денес како што биле и во минатото, иако нашиот начин на нивното артикулирање, нашиот јазик, се менува. Проблемот настанува околу дисциплинарните прописи или канони, пропишани од соборите што разгледуваат секакви различни нешта: од тоа како треба да се облекуваат мажите и жените, какви треба да бидат нивните фризури до ерархискиот статус на константинополскиот епископ… Кога зборуваме за диспилинарните регулации и догматските вистини, ќе се обидам да ја сумирам нагласената тешкотија околу ова прашање:

Преданието се темели на два основни столба: мистичноста и историчноста. Проблемот настанува кога некои ја нагласуваа едната или другата страна. Таа антиномија во Црквата може да се види во различните богословски нијанси кај отците од Александрија наспроти Антиохија – алегоријата наспроти историјата. (Антиохијците со својот историцизам и историско-буквален пристап кон Светото писмо, Александријците со своето нагласување на мистичноста и алегоријата наспроти историјата). Сите ереси, барем христолошките, се наоѓаат токму во оваа динамика, (т.е. кога се нагласува едната страна на сметка на другата), а предизвикот на Црквата е да најде баланс, рамнотежа, затоа што и двата столба се важни. Тоа е така затоа што имаме работа со Богочовечкиот организам на Црквата и антиномијата Божествено – човечко, присутно во неа. Оттука и самата тензија. Како да се сочува балансот отсекогаш било проблематично.

Преку Воплотувањето, мистичното (мистеријата) се открива во историјата – тоа и е Христијанството. И во Преданието на Црквата постои тој човечки елемент што посредува при пренесувањето. Тој медиум е човечкиот јазик којшто е подлежен на промени. И токму оваа реалност е претставена во каноните.

Ако го негираме историскиот, променливиот аспект на каноните, како што согледал протоерејот Георгиј Флоровски, во опасност сме да стекнеме неисториски пристап кон Христијанството, којшто ни се заканува нашиот мал свет на Црквата (а тој станува сè помал во овој свет) да го претвориме во некаква митологија. Ова е нешто што децата го чувствуваат; како мали луѓето сакаат да одат во Дизниленд, но кога ќе пораснат воопшто не им се допаѓа да одат во свет што не е релевантен и што веќе не го говори нивниот јазик. Не треба да креираме меур во Црквата. Не треба да постои дуализам: вистински свет и еден наш заштитен од промени свет. (Ваквиот дуализам ќе ги оддалечи луѓето од Црквата).

Можноста или неможноста да се менуваат каноните во Црквата е поврзана со кризата на власта во Црквата: имаме општо чувство за некакво опаѓање на способноста да се создаде нешто ново, дека некогаш во минатото постоел златниот век на отците, но ние денес не можеме да го повториме тоа. Оваа идејата е многу посилна во латинскиот Запад. А тоа е латентно неверие во постоењето на Црквата, како Светиот Дух да ја напуштил Црквата. Длабоко во себе покажуваме неверие: како е можно да ги допираме/корегираме светите канони? Па, во суштина, Црквата е таа што ги создала нив, ги создала во времето и просторот, тие не паднале од небото. Црквата ги создала и продолжила да живее. Дали Црквата постои и денес? Да. Дали веруваме во Црквата? Она за што Црквата била способна тогаш во тоа време, способна е и сега да го стори. Идејата за падот на способноста на Црквата, за којашто говори Флоровски, продрела длабоко во нас и како да нè парализирала: не сакаме ништо да допреме, па и такви нешта што треба да се докоснат и осовременат (update).

Кодексот на црковните каноните што го имаме е комплетиран пред 1130 години. Значи, создаденo пред повеќе од илјада години (ок. 883 година), ова законодавство се смета за „стриктно дадено“, „полноважечко“ за целата Православна црква денес. На Трулскиот собор, каноните се наречени „свештени, божествени, трајни… на коишто се воздржуваме да додадеме или одземеме нешто“. Тоа е точката каде што сме застанале (нашата официјална позиција на Црквата). Но, како е можно ова, како е можно нешто да биде стриктно дадено и непроменливо за секојдневниот живот на христијаните?

Кога светите Кирил и Методиј ги преведувале светите текстови за новопокрстените Словени, се појавил и еден превод на свети Методиј, наречен „Синтагма (Устав) на Методиј“, којшто бил канонски кодекс за Словените со векови. Интересен е фактот, дека Методиј ги селектирал каноните што сметал дека се неопходни за овие новопокрстени луѓе, канони што се функционални, а самите преведени канони се 50% од оригиналниот грчки текст. Тој исклучил многу правила од апостолските, соборните и светителските канони, бидејќи сметал дека не се неопходни. Значи, тој не сметал дека канонскиот кодекс е нешто што не смее да се допре.

Позната ни е широко распространетата идеја меѓу православните денес, дека Црквата има целосно ригидна/непопустлива позиција по однос на црковното канонско законодавство. Сите сме пораснале со ова и така сме биле научени. За жал, оваа идеја е пропратена со визијата (претставата) за полноважноста (full force) на каноните, којашто не го поттикнува црковното единство, туку напротив поттикнува многумина да стапат во раскол со Црквата, бидејќи таквите доживуваат/гледаат некакво неканонско дејствување кај црковната ерархија. Си давам слобода да ја наречам оваа визија тенденциозна, бидејќи е селективна: некои исповедаат непоколеблива лојалност кон некои канони (на пример, 45. канон на светите апостоли што забранува молитва со еретици, којшто е особено омилен) и остануваат во раскол обвинувајќи ја ерархијата за неканоничност, а истите не се вознемируваат што многу други канони Црквата воопшто не ги пазела и тоа со векови. Една група на такви самопрогласени „вистински православни“ оди дотаму, што на службата во Неделата на Православието (првата во Великиот пост) на специјалната служба за тој ден додава анатема: „на оние што неразумно велат, дека каноните на светите собори и светите отци се застарени и неважни за нашето спасение – нека е анатема“. Тие го сметаат за ерес тоа, ако некој канон се смета за застарен и неважен за спасението.

Факт е тоа дека ние не пазиме многу канони и самото тоа имплицира/покажува, дека тие се застарени и неважни за нашето спасение. Можеби овој факт не е дефиниран со зборови, но со непазењето на тие канони, ние токму тоа го кажуваме.

Би сакала да го разгледаме самиот збор канон, да направиме еден егзегетски обид, за да ја разбереме фукцијата на каноните во нашето предание. Значењето на зборот канон е мерка, мерило (така се нарекувал во минатото стапот што служел како мерка во градежништвото). Истиот термин се употребува и по однос на светителите во Црквата, на пример во тропарот на свети Николај (грч. κανόνα πίστεως, слов. правило веры, мак. правило на верата), и тука канонот/правилото има смисла на нешто што нè инспирира/вдахновува/поттикнува (во духовниот живот), а тоа не значи дека секој треба да биде како свети Николај, да има бела брада, да се облекува како него или да го живее точно истиот живот. Канонот е нешто што инспирира и служи како некакво мерило во побожноста. Постои извесен вид на слобода во самите канони. Во минатото имало канонска легислатива, закони, давани од императорите, но црковните канони се разликувале од она што се нарекувало закон. По однос на црковните канони, имало и има слобода дадена на ерархијата и лидерите на Црквата да ги ползуваат каноните како инструменти/средство. Зашто тие се токму тоа – инструмент. Тие не ја дефинираат и оковуваат Црквата во некакви граници, тие се само средство.

Исто така, погрешно се толкува значењето на икономија (οικονομια – принцип на решавање на црковните прашања од позиција на снисходливост, практичност) како спротивност на акривија (ἀκρίβεια – строга точност при исполнувањето на правилата). Всушност, икономијата е целта на каноните (тоа не е едноставно флексибилност, снисходливост или попустливост). Икономија (Домострој) е изградувањето на Домот Божји и во таа смисла сè треба да служи на иконимијата, на Божествениот Домострој. Судот дали канонот може да се спроведе или не е суд дали да се гради или да се руши. И во овој параметар, Црквата има огромна слобода.

Еве некои канони што ние воопшто не ги пазиме:

  • 15. канон на Лаодикискиот собор (којшто има интересни литургиски прописи) забранува секому да пее во црква, ако не е ракоположен за тоа (чинам дека ова правило не се пази во повеќето Православни цркви, барем мене познати).
  • 69. канон на Трулскиот (Пето-шести) собор им забранува на сите лаици да влегуваат во олтарот (на жените обично им е забрането да ја преминуваат оваа граница, но јас не сум видела парохија каде ова им се забранува на мажите лаици).
  • 2. канон на свети Дионисиј Александриски забранува на жена да влегува во црква за време на месечен циклус (интересно е како ние се справуваме со овој канон, зашто сите добро знаеме дека постои). Многу свештеници го реформираат ова правило, зашто според ова, жената не смее да влезе во црква во таква состојба, но повеќето свештеници им дозволуваат ним да влезат во црква, но не им дозволуваат да се причестат. Значи, имплицитно ние го критикуваме/судиме овој канон, го модифицираме она што Дионисиј рекол. И се чини, дека ваквиот критицизам на дело е дозволен, но кога сакаме теолошки да го анализираме она што го правиме – тоа не е дозволено. Дозволено е да се критикуваат, изменуваат, модифицираат канони во пракса, но во моментот кога решаваме да дискутираме за тоа, во крајна линија, истото се смета за феминизам. Инаку, овој канон завршува со тоа што ја нарекува жената нецелосно чиста во телото и душата, а тука има теолошки проблем. Во принцип, Црквата не се согласува теолошки со овој канон.
  • 2. канон на Соборот во Света Софија од 879 г. (некои го сметаат за Осми Вселенски). Црквата денес во принцип не се согласува со овој канон што ја истакнува некомпактибилноста/неспоивливоста на монаштвото со ерархискиот чин: канонот експлицитно вели дека епископот не може да биде монах, поради обврските на послушанието и покајанието во монаштвото; тоа е несоодветно, бидејќи епископот е глава на сите. Очигледно ние не го пазиме овој канон.

Постои цел список на канони што денес воопшто не можеме да ги наречеме канони, не дека не ги пазиме од практични причини, туку затоа што Црквата не се согласува со нив во принцип… Ова нè соочува со еден чуден факт (како оној факт што го чувме претходно во еден друг реферат за правилото што забранува заедничка употреба на бања со Евреи). Денес Црквата во принцип не се согласува со некои вакви правила.

Што да правиме со оние канони што денес не можат ни да се наречат канони? Ова нè соочува со неопходноста да можеме да кажеме дека постои можност да бидат допрени самите канони. Но, ние самите си ги врзуваме рацете кога ги поставуваме каноните на исто достоинство со Светото писмо и ги издигнуваме до ниво, коешто тие го немаат. Зашто да ги промениш нив (доколку ги доживуваме како еднакви по достоинство со Светото писмо) значи да промениш нешто од суштината на нашата вера. На крајот на краиштата, погрешно разбрани, каноните не служат на единството на Црквата, туку го разоруваат, честопати јавувајќи се како изговор на луѓето да ја напуштат Црквата.

сестра д-р Васа Ларин

Подготвил: Георгиј Глигоров

Ознаки:

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *