Литургијата не треба да се „отстои“, таа треба да се живее

Прв дел од интервјуто во три дела

rsz_1andrejdudcenko

– Отец Андреј, од што бил наложен во вашата книга таквиот избор на теми, кои за Вас претставуваат најголем интерес – осмислувањето на црковниот живот, честотата на исповедта и причестувањето? Во што го гледате тука проблемот?

– Божествената Литургија била и останува не само главно богослужение на Православната црква, туку самата срцевина, на која сѐ се држи. Самата Црква како Тело Христово станува таква преку причасноста на Христос. Одземи ја Евхаристијата и сѐ ќе се растури. Ќе добиеме заедница што исповеда одредено учење, па нека е и многу добра, која живее според високи морални принципи, но ако таа не е причасна на Христа, не е соединета со Него во едно цело преку единството на Телото и Крвта – тогаш тоа ќе биде што било, само не Црква.

Божествената Литургија, на која се извршува Евхаристијата, и сега го зазема  централното место во црковното богослужение. Таа е центарот со кој се поврзани сите други свети тајни, што се извршуваат или на самата Литургија (или се извршувале во древноста), или се устремени кон неа.

Централното место на Литургијата во црковниот живот сега, за среќа, се осознава веќе многу подобро, отколку децении претходно. Во многу храмови веќе е тешко да си претставите Литургија без причесници. Сепак и сега има многу луѓе што го посетуваат храмот и редовно се причестуваат, но едвај ја разбираат смислата на она што се твори на Литургијата, освен дека на крајот доаѓа причестувањето. Токму во разоткривањето на смислата на Литургијата – наједноставната смисла, така да кажеме, којашто лежи на површината – и ја гледам главната задача на мојата книга.

Наједноставна смисла ја нарекувам онаа што може да се сфати од самите молитви и песнопенија на Литургијата, од дејствијата што ги прават свештенослужителите. Притоа треба да се обрати внимание и на историјата: кога во чинот на Литургијата се појавила некоја молитва или дејствие, и зошто? Каква смисла ставале во тоа христијаните тогаш?

Јас ги избегнувам „илустративно-символичките“ толкувања на Литургијата, кои не произлегуваат од нејзините молитви, туку се наметнати однадвор. На пример, входот со Евангелието на почетокот на Литургијата по пеењето на антифоните е процесија, во која сега е соединето она, што порано претставувало два акта: непосредното влегување на верните во храмот и принесувањето на книгата на Евангелието од ризницата во храмот. Притоа, во толкувањата на Литургијата често може да се сретне објаснување на тој „мал вход“ како излегување на Исуса Христа на проповед.

Веднаш се појавува разногласие: актот што до денес во литургиските книги се нарекува „вход“, се објаснува како „исход“, очигледно, затоа што во времето на појавата на тоа толкување тој навистина бил излегување, како и сега. Зашто сега процесијата најпрво излегува од олтарот, за повторно да влезе во него. Сепак, тој подоцнежен обичај не е одразен во молитвата на входот, која и денес, како и порано, зборува за влегување: „удостој нѐ нашиот вход да биде и вход на светите Твои ангели, кои сослужуваат со нас и заедно ја славословуваат Твојата благост…“

Во молитвата на входот, како и во сите други молитви на Литургијата, не станува збор за некаков илустративен „символизам“: тој акт го означува она што се случува сега со нас и за нас. Литургијата не е „свештена драма“, туку наше учество во вечерата Господова.

(продолжува)

протоереј Андреј Дудченко

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *