За причестувањето (3)
Значи, треба да се стремиме кон почесто причестување, но подготвени. Рековме, целиот наш живот треба да биде подготовка за тоа. Оние што живеат под духовно раководство: се трудат да живеат според Божјите заповеди, ги пазат постите, го исполнуваат молитвеното правило, го читаат редовно Светото писмо, се исповедаат и имаат благослов од духовникот, можат редовно да пристапуваат кон Причеста. И причестувањето да биде дел од еден нормален животен ритам. Оние, пак, кои не го пазат сево ова, не треба да пристапуваат без да се исповедаат и да добијат благослов од свештеник. „Кого да пофалиме – вели св. Јован Златоуст – дали оние што се причестуваат еднаш или оние што се причестуваат често, или пак оние што ретко се причестуваат? Ниту оние кои еднаш, ниту оние кои често, ниту пак оние кои тоа ретко го прават, туку оние што со чиста совест се причестуваат и чиј живот е непорочен. Таквите нека пристапуваат секогаш, а оние кои не се такви нека не пристапуваат ниту еднаш“.
Прашањето – колку пати, треба секој лично да го разреши со својот духовен отец; духовниот отец, познавајќи ја духовната состојба на чедото, може да ја одреди честотата на причестувањето. Ние по природа, по онтологија, не сме достојни за Причеста, тоа е Дар Божји; можеме да кажеме, дека само по мерата на сознанието за сопствената недостојност стануваме навистина подготвени за неа. Од друга страна, да решаваш да не се причестуваш е да се признаеш себеси за мерка на Божествениот Дар. И затоа единствен правилен пристап е причестувањето од послушност (кон Бога): „Не сум достоен, Владико Господи, да влезеш под покривот на мојата душа. Но, бидејќи, како Човекољубец, Ти сакаш да живееш во мене, дрзнувајќи се, пристапувам; повелаш, и ги отворам дверите кои Ти единствен ги создаде“ (како што се вели во една од подготвителните молитви за Причест). Растејќи под духовно раководство, човекот треба постепено да дојде до момент кога со благослов на духовникот ќе може и сам (со веќе создаден внатрешен духовен критериум), во согласност со својата совест и слобода (испитувајќи се, според зборовите на ап. Павле), да пристапува кон тајните и да возрастува во духовниот живот.
Кај нас има свештеници кои не дозволуваат или не го препорачуваат честото причестување од некои само ним познати причини. Свештениците што ги одбиваат верните од причестувањето, исто така, можеме да кажеме, дека не постапуваат правилно (освен ако човекот е по некоја причина под епитимија или очигледно неподготвено и несознателно пристапува). И тука особено внимание заслужуваат зборовите на Христос, упатени кон апостолите: Кој е тој верен и разборит настојник (=свештеник), кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им ја дава потребната храна (=Причеста) навреме (Лк 12,41-44).
Кај нас честопати можат да се забележат вакви примери: човек со години редовно да оди на Литургија без да се причестува, а притоа да не чувствува жал поради непричестувањето. Но, самиот овој факт единствено говори дека тука нешто не е во ред, дека не се разбира смислата на Литургијата, а со тоа и на самата Црква. Литургијата е онаа свадбена гозба, која Отецот ја приготвил за Својот Син, но поканетите откажувале да дојдат (сп. Лк 14,15-24). Да се биде на Литургија, а да не се причестиш, е како да одиш на свадба и да не јадеш од јадењето. Тоа е навреда за домаќинот – Бог. Доколку сме православни христијани, потребно е да си ги поставуваме често следниве прашања: кое е нашето извинување, што е она што нè попречува да пристапуваме кон Светата Причест? Грев ли е или нешто друго, без одложување веднаш да го разрешиме и да се отповикаме на Божјата покана, за кога ќе дојде часот да не го слушнеме следново: Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни (Мт 22,8).
Подготвил: Георгиј Глигоров