Берѓаев: За достоинството на Христијанството и недостоинството на христијаните (3)

3. Христијанскот220px-Berdyaev2о човештво во својата историја извршило трајно предавство кон Христијанството. Од почеток го извртувало Христовото учење и лошо го остварувало, потоа сосема отпаднало од него и на крајот, што е и најголема нискост, почнало да го проколнува Христијанството за зло, што самото го вршело во христијанската историја. Кога го критикуваат Христијанството, имајќи ги предвид грешките и пороците на христијанското човештво, луѓето го критикуваат извртувањето и неисполнувањето на Христовата вистина од страна на човекот. Имено заради тие човечки гревови, пороци и извртувања тие одпаднале од Христијанството. Човекот го извртува Христијанството и истиот тој човек станува против извртувањето – и против самото Христијанство. Во Христовите зборови, во неговите завети, во Светото Писмо, во Светото Предание, во учењето на Црквата, во Житијата на светиите нема да најдете ништо од она против коешто стануваат критичарите на Христијанството. Треба да се споредат идеален принцип со идеален принцип, реален факт со реален факт. И кумунизмот може да биде заштитуван со аргументи, дека во праксата тој е лошо остварен и извртен, исто како и Христијанството. Кумунистите пролеваат крв, насилствуваат, лажат, за да ги остварат своите цели. За да ги оставрат своите цели и христијаните пролевале многу крв насилствувале и лажеле. Меѓутоа, да се израмнат на таа основа Христијанството и кумунизмот би била очебијна грешка. Во Евангелието, во Христовите завети, во учењето на Црквата, во образите на светиите, т. е. во совршената реализација на Христијанството ќе ја најдете благата вест за доаѓањето на Царството Божјо, повик кон љубов кон кроткост, кон саможртва, кон служење на ближниот, кон чистота на срцето. Таму нема да откриете повик кон насилство, кон злоба, кон одмазда, кон корист. Но, кај Маркс, вдахновителот на кумунизмот во самата негова теорија, во неговата идеологија, ќе видете повик за насилство, за злобна омраза во една класа кон друга, за одмазда, за краткољубива борба за интереси и ниту помен за љубов, саможртва, кроткост, духовна чистота. Христијаните во историјата и насилствувале, и одмаздувале, и пројавувале користољубие. И, не ретко се прикривале зад името на Христа, но никогаш во тие собитија не ги исполнувале Христовите завети. Противниците на Христијанството сакаат да посочуваат собитија кога христијаните прибегнувале кон крвави насилства за да ја заштитат и распространат христијанската вера. Тој факт, самиот по себе, е неспорен, но тој докажува само тоа, дека христијаните биле исполнети со страсти, дека нивната природа не била просветена, дека во својата гревовност тие го изпачувале најправото и свето дело и, дека не го сфаќале духот на својата вера. Кога Свети Петар во својата желба да го заштити Исуса извлекол нож и како што го удрил слугата на правосвештеникот му го одсекол увот, Исус му рекол: Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож од нож ќе загинат“ (Мт 26,51-51).

Божествената вистина на Христијанството којашто луѓето ја восприемаат, се прекршува во огревовената природа на човекот, во неговото ограничено сознание. Христијанското откровение и христијанскиот религиозен живот, како, впрочем, и секое откровение и секој религиозен живот, го претпочитаат не само битието на Бога, туку и битието на човекот. И, ете – човекот – дури и да се просветува од светлината на благодатта којашто доаѓа од Бога, ја восприема самата Божја светлина сообразно со устројството на своето духовно око, ги поставува на Божественото откровение границите на својата природа, на своето сознание. Бог му се открил на еврејскиот народ и тоа е опишано во Библијата. Но, гревот, љубомората, јароста, одмаздата, што ги пројавува Бог – Јахве во Библијата не се својства на Бога земени од Неговата внатрешна природа, туку само образ на Бога, преточен во сознанието на еврејскиот народ како начин за восприемање на Бога од народ на кого што му биле својствени гнев, јарост, љубомора, одмазда. Христијанската вистина не само што ограничено се восприемала од луѓето, туку и се извртувала. Од луѓето се извртувало и учењето за Бога, Кого не ретко го претставувале како источен деспот, апсолутен монарх; и учењето за искупувањето си го претставувале како решение на судски процес помеѓу возбудениот од навреди и гневен Бог против нарушувачот на Неговата волја – човекот. На сличен начин извртено, човечкото ограничено сфаќање за христијанските догми доведувало до отпаѓање од Христијанството. Се извртувал и самиот поим за Црквата. Таа се сфаќала надворешно, се поистоветувало со хиерархијата, со обредите, со гревовите на обичните христијани; на неа се гледало пред сè надворешно, како на институција. По длабокото и внатрешно разбирање на Црквата како духовна организација, како мистично Тело Христово (дефиниција на свети апостол Павле) останувало во втор план, достапно само за малкумина. Литургијата и Светите Тајни се восприемале како надворешен обред и кон нив се однесувале како кон церемонии. Длабоката таинствена смисла на Литургијата останувала скриена за псевдохристијаните. И затоа, тие лесно ја напуштале Црквата соблазнувајќи се од пороците на духовништвото, од недостатоците на духовните организации, кои мошне потсетуваат на државните организации, од надворешното однесување на обичните христијани кон верата, од лицемерното благочестие.

Секогаш треба да се помни, дека во Црквата има Божествена и човечка страна, дека животот во Црквата е богочовечки живот, синергија меѓу божественото и човечкото. Божествениот темел на Црквата е вечен и непогрешлив, свет и чист: тој не може да се изопачува и портите на адот нема да го надвладеат. Божествената страна на Црквата е самиот Христос – Главата на Црквата, евангелската природа на учењето, основните начела на нашата вера и црковните догми, Светите Тајни, дејствието на благодата на Светиот Дух во Црквата. Човечката страна, пак, е огревовена и изменлива. Во неа може да има и аномалии, болести, пропаѓање, оладување како што може да има и творечки импулс, развој, збогатување, препород. Гревовите на луѓето, на црковната хиерархија, не се гревови на Црквата земени од нејзината божествена суштина и воопшто не ја намалуваат светоста на самата Црква. Христијанството се спротивставува на грешната човечка природа, го сака нејзиното просветување и преобразување, а човечката природа му се спротивставува на Христијанството и се труди да го изопачи, се води постојана борба помеѓу божественото и човечкото, при што божественото го просветува човечкото, а човечкото го извртува божественото. Христијанството го издигнува човекот, го поставува во центарот на светот. Синот Божји станал Човек, примил човечки образ и со тоа ја осветил човечката природа. Христијанството му ја посочува на човекот врвната цел на животот, говори за вистинското потекло на човекот и за неговото високо назначение. Но Христијанството, за разлика од многуте други учења, не ѝ ласка на човечката природа во нејзината гревовна, падната состојба. Тоа од човекот бара херојско самоопределување.                                                     Човечката природа поразена од првородниот грев е со намалена зафатнина. Таа тешко ја прима божествената вистина на Христијанството, тешко ја разбира богочовечката правда возвестена со доаѓањето на Христос – Богочовекот.  Христос нè учи да Го љубиме Бога, и да го љубиме ближниот, човекот. Љубовта кон Бога и љубовта кон човекот, кон човечкото суштество – неразделно се сврзани помеѓу себе. Низ Бога, низ единиот Отец ние ги љубиме ближните – нашите браќа – и низ љубовта кон браќата, кон ближните, ни се открива љубовта кон Бога. Ако се сакаме еден со друг, Бог прибива во нас и љубовта Негова е совршена во нас (1Јн 4,12). Христос е Син Божји и Син Човечки. Он ни го откри и совршеното соединување меѓу Бога и човекот, ни ја откри и човечноста на Бога и божественоста на човекот. Но, природата на човекот тешко ја восприема таа полнота на богочовечката љубов. Тој (човекот) ја восприема Вистината парцијално. Ту се сеќава кон Бога и се одвраќа од човекот, готов е да Го љуби Бога, но и кон човекот се однесува со нељубов, со рамнодушност, со жестокост – како што било во средните векови;  ту, пак, се враќа кон човекот, готов е да го љуби и да му служи, но повторно се одвраќа од Бога, со омраза е и против самата идеја за Бога како штетна за доброто на луѓето – како што е во поново време хуманизмот,  во хуманистичкиот социјализам. Напаѓајќи ја Богочовечката Вистина и одделувајки ја љубовта кон човекот од љубовта кон Бога, луѓето го напаѓаат Христијанството, обвинувајќи го за она, за коешто самите се виновни.

(продолжува)

Николај Берѓаев

Прв дел    Втор дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *