Црковната ерархија
Во Стариот завет свештеници биле само оние луѓе што припаѓале на племето на Левиј; тие принесувале жртви и богослужеле, додека учеството на обичниот народ се сведувало само на пасивно присуство. Пристапот до најсветото место во Храмот (Светињата на светињите) било достапно само за првосвештеникот и тоа само еднаш во годината. Со делото на Христос оваа ситуација е променета: Он како вистински Првосвештеник по чинот на Мелхиседек (Евр 7,3) се принел еднаш засекогаш како Жртва. Веќе жртвите се укинати (тие биле само укажување на Христовата голготска жртва), завесата на Храмот е раскината и пристапот до Најсветото место е овозможено, т.е. веќе не постои поделба – во Црквата сите луѓе се род избран, царско свештенство, свет народ… (1Птр 2,5-10).
Освен тоа, уште од апостолско време во Црквата постоело ерархиско свештенство, т.е. избрани луѓе што имале особена служба на претстојателство и поучување. Во Црквата има три степени на такво службено свештенство: епископи, свештеници (презвитери) и ѓакони.
Епископ (надгледувач, супервизор – самото име е назив на главниот меѓу слугите, што укажува дека станува збор за особена служба: сп. кој сака да биде најголем меѓу вас, нека ви биде слуга; љубовта како основа на служењето). Тие се претстојатели, возглавители на собранието на верните т.е. Евхаристијата (Литургијата). Во старо време, секоја локална заедница на верните, собрана на едно место, имала свој епископ (подоцна се појавува епархијата како заедница од повеќе такви заедници, парохии). Епископот е икона Христова во Црквата, тој ја олицетворува полнотата на Црквата и нејзиното единство, и неединството со него значи раскинување со Црквата. Заедницата со владиката значи единство со Црквата: „каде е епископот – таму нека бидат и верните, зашто каде е Христос – таму е и соборната Црква“ (Св. Игнатиј Богоносец). Соборна црква е секоја помесна Црква, епархија, возглавена од епископот.
Епископите (владиците) ги возглавуваат црковните области – епархиите, кои се сочинети од одреден број парохии. Свештениците ги возглавуваат парохиите (одделни храмови), а ѓаконите им помагаат на епископите и свештениците при свештенодејствијата.
Свештенството на епископите и свештениците произлегува од царското свештенство на целиот народ Божји, кој е Телото Христово, Црквата, а тоа е свештенството Христово (во таа смисла, ерархиското свештенство е само израз на поредокот што постои во Црквата). Но, тоа не значи дека секој може да служи како свештеник. Не, народот не може без свештеник кој е ракоположен, но и свештеникот без народ, исто така. Оној што ја води Литургијата претставува уста на Црквата; за разлика од Стариот завет, тука сите христијани учествуваат активно во богослужението и се рамноправни со свештеникот (одговараат Амин, Мир на сите – И на твојот дух, итн.).
Според учењето на Црквата, моралното поведение на свештениците не влијае врз дејствителноста на светите тајни. Во старо време имало една ерес, донатизам, која учела дека моралната чистота на свештеникот е услов за ефективноста на таинствата. Во богослужението, всушност, свештениците се како средство на Самиот Христос: Христос е Оној Кој ги крштева луѓето, ја служи Евхаристијата, причестува…
Г.Г.