За православното богослужение (2)

rsz_poklonenie

 Христијанството како свештен материјализам

Литургијата (и богослужението воопшто) не претставува само молитви, туку содржи и физички дејствија, обреди или чинови. Според христијанското учење, човекот не е само душа, туку и тело, така што материјалното само по себе е добро. Во таа смисла, православната Црква слободно ги употребува материјалните нешта во богослужението, не само конкретни елементи (леб, вино, масло, вода и сл.), туку и физички обреди, гестови… Некои противници на православната Црква или протестанти му забележуваат на Православието за неговата обредност, материјалност, потенцирајќи дека богослужението треба да биде, пред сè, духовно. Но, тоа веќе не би било Христијанство, туку гностицизам, дуализам, според кој материјалното е нешто лошо или непотребно. Човекот во Христа е спасен не само со душата, туку и со телото и, да напомнеме, новиот свет кој ќе следи по Општото Воскресение, всушност, е овој што го гледаме, но веќе обновен и преобразен. Во таа смисла, православната Црква го вклучува целиот човек во неговата полнота (со душа и тело, и преку молитви и преку обреди) во своето богослужение, коешто претставува опит на идниот свет.

Некои гестови на физичко богопочитување:

Коленичењето, кревањето на рацете, приклонувањето на главата, малите и големите поклони, целивањето итн. се религиски обичаи стари колку и самото човештво (универзални). Тие се прифатени и во христијанското богослужение, затоа што претставуваат природни и непосредни изрази на различни религиозни човечки состојби.

Стоењето е основна литургиска положба во православното богослужение. Старо предание, за кое сведочи и св. Василиј Велики, е дека во недела е забрането поклонувањето (доземи), затоа што неделата е денот на Воскресението (прв од седмицата, но и осми по однос на седумте пред него, т.е. претставува и символ на Царството Небесно). Преку Христа ние сме веќе во богосиновското достоинство и исправеното стоење сведочи за тоа. Седењето се ограничува на поучителните делови (проповед и сл.). Сп. Катизми (седални, т.е. псалми кога е дозволено седење) и акатист (неседален, т.е. молитва која се твори стоејќи).

Кадењето со темјан е обичај што постоел и во старозаветниот Храм. Првите христијани најпрво го отфрлиле, затоа што ги потсеќал на паганството (првите христијани затоа и биле гонети од римската власт, бидејќи одбивале да принесуваат жртви и кадење пред образот на императорот, кој се сметал за божествен и затоа ги обвинувале за атеизам). Природниот религиски симбол, кадењето, како симбол на преобразувачката сила (темјанот станува благоухание, прекрасен мирис) и богопоклонението (чадот се издигнува нагоре), е прифатено во Христијанството и се употребува пред важни моменти во богослужението, а исто така и како израз на богопочитување (кадењето на иконите и луѓето коишто се образ, икона Божја). Понекогаш темјанот се објаснува и како образ на благодатта на Светиот Дух која на невидлив начин е присутна во Црквата.

Литии (процесии) и входови. Првично процесиите се појавиле како реакција на природни катастрофи (земјотреси) кога луѓето излегувале надвор и усрдно се молеле за избавување, а потоа така и се одбележувале годишнините на тие настани. Потоа, тие настанувале како реакција на еретичките собранија (на пр. аријаните). Оваа пракса се развива при осветување на цркви, погреби на цареви, пренесување на мошти и сл. Без оглед на нејзиното потекло, таа во себе ја содржи идејата на движење, на од, кон Бога чие исполнување човекот го наоѓа во Царството Небесно. Во Литургијата, входот во олтарот и принесувањето е нашиот од кон Бога, а излегувањето на Светата Чаша е Божјото движење кон нас.

Свеќите исто така имаат своја литургиска улога (во контекст на значењето што го имаат и иконите како оприсутнување на оностраната реалност); првично тие ја носеле функцијата на осветлување на иконите и храмот, но добиваат и свое значење токму во богослужението: свеќи им се даваат на новокрстените, нововенчаните, на сите за време на опело; литургиските правила пропишуваат храмот да биде осветлен во едни, а замрачен во други моменти; според правилата, богослуженијата не смеат да се извршуваат без свеќи. Свеќите и светлината секогаш Го претставуваат Христос (Јас Сум Светлината на светот) и Просветлувањето што ни го дал: познанието на вистинскиот Бог.

Крсното знамение  е старо предание и ја изразува верата на Црквата во чудотворната сила на Крстот. Ние се осенуваме постојано за време на богослуженијата, особено славословијата (Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух…, или за време на возгласите итн.).

Тропар е кратка торжествена песна, во која е изразена темата на празникот (на пр. тропар на Велигден: „Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им даде“). Кондак е исто празнична песна како и тропарот, разликата е во историскиот развој. Секој празник има свој тропар и кондак.

Стихира е една песна, химна, која е дел од низа на такви песни (на пр.: на вечерна имаме стихири на Господи повикав [Господи возвах], а на утрена на Сè што дише [Всјакое дихание] итн.).

Канон е голем химнолошка композиција, составена од девет песни, која секоја содржи повеќе тропари. Кај нас се пеат обично само последните тропари (т.н. ирмоси) од овие девет песни (катавасијата, на пр.: Ќе ја отворам устата моја [Отверзу уста моја]… Ден е на воскресение [Воскресенија ден] итн.).

Постојат осум основни мелодии (гласови) со кои се пеат литургиските песни. Секоја химна си има свој глас (напев). Секој глас е владеачки (доминантен) во текот на една седмица, започнувајќи од вечерната богослужба во сабота. Секој глас си има свој воскресен тропар, што се пее кога гласот е доминантен. Бројот осум укажува на Осмиот ден, кој е символ на Царството Небесно, коешто ние мистично го предвкусуваме во Црквата.

Прв дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *