За иконите, моштите, крстот…

rsz_st-george-receives-relics-christ1

Почитувањето на иконите е древна црковна традиција. Според преданието, првата икона се појавила при животот на Христос: едескиот цар Авгар, кој бил болен од лепра, пратил свој слуга со молба до Христос да дојде и да го излекува; доколку не може, слугата требало да го наслика Христовиот лик и да го донесе; Христос си го измил лицето, го зел платното, се избришал и на платното се изобразил неговиот лик. Има историски сведоштва дека тој Неракотворен образ се чувал долго време во Константинопол.

Во 7-8 век делувала иконоборечката ерес, којашто била осудена на Седмиот вселенски собор во 787 година. Најголем бранител на иконопочитувањето бил светиот Јован Дамаскин. До 843 година иконите целосно се враќаат во црквите (првата недела од Великиот пост, Неделата на Православието е посветена на тој настан).

Честопати, особено од протестантите, се осудува иконопочитувањето како идолопоклонство и прекршување на втората Божја заповед: Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш, бидејќи Јас Сум Господ, Бог твој (2Мојс 20,4-5). Но, во Стариот завет не било забрането секое изобразување (на пример, имало херувими во старозаветното светилиште; ако е така, тогаш секоја фотографија треба да ја фрлиме).Оваа заповед, пред сè, зборува за неописливоста на невидливиот Бог и е директно упатена против идолопоклонството, против паганската пракса на соседните народи на Израил.

Но, она што не било возможно во Стариот завет, преку воплотувањето на Бога во Христа станало апсолутно возможно. Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот – и животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ви го навестуваме вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави (1Јн 1,1-2). Христос, воплотеното Слово, е слика (образ, икона) на невидливиот Бог (Кол 1,15).

incense-and-iconОдбраната на иконите била одбрана на верата во Воплотувањето Христово, сведоштво дека Бог стана човек, сведоштво за Неговата физичка реалност. За православните иконата не е идол, туку символ и знак на Неговото присуство во Црквата. Светите отци, следејќи го свети Василиј Велики, истакнувале дека „честа што му се оддава на образот (иконата), преминува на Првообразот“. Ние се молиме, не на дрвото и боите, туку на образот, личноста што е насликана. А бидејќи луѓето се создадени според образ (икона) Божја, таа чест оди до Првообразот, до Самиот Бог. Затоа во Црквата не се кадат само иконите, туку и луѓето, а со тоа се оддава почит на Самиот Бог, бидејќи луѓето се Негов образ (икона). Освен тоа, сликањето на иконите е опит на Црквата (светите отци одредиле како треба да се сликаат тие, а зографите само го исполнуваат тоа дело). Според тоа, иконите се доживуваат и како „прозорец кон другиот свет“, кон Вечноста. На иконите и фреските не се претставени произволни ликови од човечката фантазија, ниту, пак, тие се претставени реално како што биле во секојдневниот живот, туку како преобразени личности какви што се тие прославени во Вечноста.

Иконата може да има и поучна функција (честопати за иконите велеле дека се Библија за неписмените). Во оваа улога и протестантите ги користат изображенијата на Христа. Тие, отфрлајќи ја православната икона, своите списанија ги исполнуваат со изображенија на Христа во жанрот на стриповите.

За Црквата посебно значење има и Крстот – оружјето на смртта, коешто станало оружје на спасението. Крстот е символ (сфатен како присуство на она што укажува) на Самиот Христос и има чудотворна сила. Православната црква верува дека во крстот е присутна Христовата енергија, па затоа христијаните, не само што го изобразуваат него во храмовите, туку го носат на градите и се осенуваат со крсниот знак, нешто што претставува древна апостолска традиција.

Иконите, светите мошти, крстот, не се едноставно предмети или образи, туку за православните тие се материјални сосредоточија, во кои присуствува несоздадената Божествена енергија, благодатта. Истото може да се каже и за светата вода, крсниот знак, зборовите на Светото писмо што се читаат за време на црковните служби, богослужбените предмети, темјанот, свеќите – сето тоа се символи во реалистичната смисла на зборот, материјални, тварни знаци на присуството на духовниот свет.

На православното Христијанство му е туѓ духот на дуализмот, според кој материјалното е зло или, во најблага смисла, нешто непотребно или само минливо. Човекот е суштество коешто припаѓа на двата света, материјалниот и духовниот. Сè што е создадено од Бога, само по себе е добро и свето. Царството небесно што го очекуваме, не е нешто што ќе биде само духовно, туку тоа е целото паднато создание, овој свет, но веќе преобразен (и во таа смисла продуховен) и одново роден.

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *