За гостољубието и милостината (1)
Ава Касијан раскажуваше: еднаш преминавме од Палестина во Египет кај еден од отците и, кога тој нè прими со љубов, го прашавме: зошто во времето кога ги примате туѓите браќа не го пазите правилото на вашиот пост, како што ние го пазиме во Палестина? И старецот им одговорил: постот е секогаш со мене, а вас не можам да ве имам секогаш при себе. Постот, иако е полезно и неопходно нешто, сепак тој е во нашата волја, додека делото на љубовта го исполнуваме од неопходност, бидејќи таков е законот Божји. И така, примајќи еден од вас како Христа, како должник ќе служам со секоја усрдност. Кога ќе ве отпуштам, ќе можам да го воспоставам правилото на постот. Зашто не можат сватовите да постат кога младоженецот е со нив. Кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш по своја волја ќе постат (сп. Мк 2,19-20).
Мајка Сара рекла: добро е да се прави милостина, макар некој отпрвин ја твори неа од човекоугодие, но од човекоугодието преминува во страв Божји.
Некогаш во Скитот била дадена заповед да се пости оваа седмица и да се отпразнува Пасха. Се случило некои браќа од Египет да дојдат кај ава Мојсеј. Старецот им подготвил малку варено јадење. Соседите, видувајќи го димот, им рекле на клириците: еве, Мојсеј ја престапи заповедта на отците и подготви варено јадење. Тие рекле: кога ќе дојде, ќе му кажеме. Кога дошла саботата, клириците, знаејќи го величествениот живот на ава Мојсеј, му рекле пред народот: ава Мојсеј! Ти ја престапи човечката заповед и ја исполни Божјата заповед.
Убаво