За борбата со блудната страст (1)
Ава Антониј говорел: мислам дека телото има природно движење (нагон), но тоа не дејствува без душата да посака, а има во телото и едно движење без похота. Има и уште едно движење што се случува од јадење, од распламтувањето на телото со храна и пиење. Жарот од нив во крвта произведува возбуда во телото. Затоа и апостолот Павле рекол: не опивајте се со вино од кое произлегува блуд (Ефес 5,18); исто така и Господ во Евангелието им рекол на Своите ученици: пазете да не бидат обременти вашите срца со прејадување и пијанство (Лк 21,34). Кај подвижниците има и уште едно движење, кое произлегува од лукавството и зависта на демоните. И така, треба да се знае, дека движењата во телото ги има во три вида: едно природно, друго – од неумереност во храна и трето – од демоните.
Ава Геронтиј Петриски говорел: многумина, кои биле искушувани од телесните желби, не се соединувале телесно, туку блудствувале со мислата и, запазувајќи го телото девствено – блудствувале во душата. Затоа, возљубени, добро е да се исполнува словото на Писмото: најмногу чувај го срцето свое (сп. Изреки 4,23).
Кога го прашале ава Кир Александриски за блудната помисла, тој вака одговорил: ако ти немаш помисла, тогаш си безнадежен – бидејќи, ако немаш помисли, тогаш имаш дело. Тоа значи: кој не се бори со гревот во умот и не му се противи, таквиот го извршува него телесно, а оној што ги врши таквите дела (поради својата бесчувствителност) не се возмутува со помисли.