За Богородица

deaconandincense588_resized

Колку високо е поставена жената во Црквата може да се суди од почитувањето на Богородица, која се прославува како „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. Во лицето на Пресвета Богородица Црквата го прославува мајчинството: како Мајка на Христа, таа е и Мајка на Црквата која е Неговото Тело. Значи, во Црквата во ерархиското свештенство се реализира татковството, а во Мајката Божја – мајчинството, и на тој начин Црквата ја доживува својата полнота. Интересно е тоа што протестантите, коишто им допуштиле на жените ерархиско свештенство, самите не ја почитуваат Богородица.

Почитувањето на Богородица е древно Преданиannuncia08е и произлегува од опитот на Црквата. Според учењето на Православната црква, Марија е Приснодева (Секогашдева): Таа била Дева пред, за време и по раѓањето на Христа (тоа е значењето на трите ѕвезди на нејзината икона). Таа по смртта, исто како нејзиниот Син, воскреснала на третиот ден. Марија е првата човечка (создадена) личност во која веќе совршено се остварила конечната цел на човековото создание – соединувањето со Бога; Таа веќе го вкусила и воскресението и „учеството во Божјата природа“ (во таа смисла, Таа е на границата меѓу несоздаденото и создаденото).

Постои разлика меѓу Римокатоличката и Православната црква околу учењето за Богородица. Според римокатолиците, Богородица е родена на девствен начин, исто како и Христос, затоа што Таа требало да биде толку чиста, за да Го прими Бога со Воплотувањето. Догматот за непорочното зачнување е туѓ на православното Предание: според ова, Марија е одделена од потомството на Адам, коешто ги носи последиците од гревопадот, првородниот грев како сила што дејствува во паднатата природа, којашто, пак, требало да биде исцелена. Според свети Григориј Палама и православното светоотечко Предание, Дева Марија во себе го воплотува максимумот на чистотата, возможна во рамките на творението. Таа чистота е резултат на последователни очистувања коишто имале место во природата на нејзините предци, како и во нејзината природа. Таа била света, не по силата на некоја особена привилегија, дека била исклучена од општата судбина на човештвото, туку затоа што била запазена од секаков грев, без да биде исклучена нејзината слобода.

Во врска со ова, да напомнеме дека ние не го наследуваме личниот грев на Адам, туку последиците од гревот. Првородниот грев сфатен, не како лична вина, туку како сила што дејствува во природата. Во Светото писмо има два цитата, коишто на прв поглед се противречни:

Татковците да не бидат осудувани на смрт заради децата, и децата да не бидат казнувани со смрт поради татковците; секој да биде казнет со смрт за својот грев (5Мојс 24,16)

и

Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено (2Мојс 20,5).

Првото се однесува на тоа дека не ја наследуваме личната вина на Адам, додека второто се однесува на последиците на гревот (не дека Бог казнува, туку го распределува злото создадено од човекот). Последицата на гревот, сфатена како гревовна сила, го заразила целиот човечки род и тоа генетски се наследува (сп. Кој ќе се роди чист од нечист? – Јов 14,4). Преку слободата и подвигот, овој ефект може да се намали или зголеми (на пример, иако нема правило, понекогаш забележуваме дека од лоши родители произлегуваат лоши потомци и обратно). Во таа смисла, предците на Марија учествувале во намалувањето на овој ефект, како и самата Таа, без да се наруши слободата. Таа била родена природно, т.е. е дел од паднатото човештво, иако гревот во неа немал сила, зашто, според православното Предание, таа не знае за личен грев.

Воплотувањето се извршило со дејството на Светиот Дух, Кој ја направил Дева способна да Го прими во себе Божеството. Човештвото, што Синот Божји го примил од Дева, ја поседувало бесмртноста и нераспадливоста на природата на Адам пред гревопадот, но Христос доброволно го потчинил на нашата падната природа. Он го примил и она што било противприродно, последиците од гревот, но Самиот останувал надвор од првородниот грев по силата на Своето девствено раѓање. Он ја примил целата човечка реалност каква што била после падот, освен гревот, па затоа таа природа била подложна на страданија и смрт.

Богородица Го родила Христа на надумен, девствен начин, без да биде нарушена нејзината девственост со Раѓањето. Во една воскресна црковна песна се вели дека Христос „воскреснал како што се родил од Богородица“ т.е. поминувајќи низ запечатен простор. Црковното Предание уште во Стариот завет препознава праобрази, укажувања за ова: капината што горела, а не согорувала, преминот преку Црвеното море, Светињата над светињите, ковчегот на заветот, неоросеното руно на Гедеон итн.

За жената во Црквата

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *