Иларион Алфеев: „Во секоја музика – Бах“… (1)

orig_Johann_Sebastian_Bach

Во музиката на Бах има нешто универзално, сеопшто, сеопфатно. Како што напишал поетот Јосиф Бродски: во секоја музика – Бах, во секого од нас – Бог. Бах е појава од сехристијански размер. Неговата музика е вон конфесионалните граници, таа е екуменична во најисконското значење на тој збор, затоа што припаѓа на вселената и на секој нејзин жител. Бах може да се нарече православен композитор во таа смисла, што во текот на сиот свој живот тој учел правилно да Го слави Бога: своите партитури ги украсувал со натписите „слава на Единиот Бог“ (Soli Deo gloria), „Исусе, помагај“ (Jesu, juva), пришто тие натписи не биле за него словесни формули, туку исповедање на верата, коешто се пронизува низ целото негово творештво. Музиката за него била богослужение. Бах бил вистински католик во исконското сфаќање на грчкиот збор „католикос“, што значи „целосен“, „сеопшт“, „вселенски“, затоа што тој ја разбирал Црквата како вселенски организам, како некое сеопшто славословие што се воздава на Бога, и својата музика ја сметал само за еден од гласовите во хорот што ја воспева славата Божја. И, секако, Бах во текот на сиот живот останал верен син на својата сопствена црква – Лутеранската. Впрочем, како што вели Алберт Швајцер, вистинска религија на Бах не било ортодоксното лутеранство, туку мистиката. Музиката на Бах е длабоко мистична, затоа што е основана на оној опит на молитва и служење на Бога, којшто е вон пределите на конфесионалните граници и е наследство на секој човек.

Како и секој пророк, Бах не бил вистински оценет во својата татковина и во своето време. Секако, него го знаеле како великолепен оргулист, но никој не го осознавал неговиот гигантски композиторски размер. Тогаш низ цела Германија одекнувала славата на Карл Филип Телеман – композиторот, чие име денес малку кому му е познато. Тогаш цела Европа се восхитувала од Гендел.

По смртта, Бах бил речиси веднаш и речиси целосно заборавен. Издадената посмртно „Уметност на фугата“ – највеличественото ремек-дело на композиторската вештина, творение со безмерна духовна длабочина – воопшто не било побарувано: на Карл Филип Емануел, синот на Бах, не му успеало да продаде повеќе од триесет примероци; на крајот на краиштата дошло до тоа да ја продаде на лицитација матрицата на тоа издание, за некако да ги покрие сносените губитоци.

Во 18 век, всушност, Емануел Бах бил сметан за голем композитор, а за творенијата на неговиот татко, Јохан Себастијан, знаеле само малкумина. Се раскажува дека еднаш Моцарт се појавил во црквата „Св. Тома“ во Лајпциг, за време на исполнувањето на мотетите на Бах. Откако слушнал само неколку тактови од баховската музика, тој повикал: „Што е тоа?“ и сиот се претворил во уво. По завршувањето на интерпретацијата, тој побарал да му ги покажат сите партитури на Бах што се наоѓаат таму. Партитури немало, но имало записи за одделни гласови. И Моцарт, откако ги распослалтие записипо рацете, по колената, по најблиските столови, почнал да ги разгледува и не станал, додека не завршил со читањето. Влијанието на Бах, безусловно, се одразило врз највеличественото и најдлабокото дело на Моцарт – Реквиемот. Меѓутоа, Моцарт бил само еден од малкуте исклучоци: на повеќето музичари од 18 век не им било познато името на Јохан Себастијан Бах.

Обновата на интересот за Бах во 19 век, пред сè, е поврзана со името на Менделсон. „Тој лајпцишки кантор е Божјо јавување, јасно, но, сепак, необјасниво“ – рекол Менделсон, откако се запознал со партитурите од делата на Бах. Кога дваесетгодишниот Менделсон во 1829 година во Лајпциг ги исполнил „Страданијата според Матеј“, тоа било вистински триумф – вистинско возрождение во живот на музиката на највеличествениот меѓу композиторите, за кои историјата некогаш знаела. Оттогаш Бах веќе не го заборавале, а неговата слава со текот на годините растела. Сите големи композитори по Менделсон, вклучувајќи ги Бетовен и Брамс, Шостакович и Шнитке се обраќале кон Бах како кон непресушлив извор на музичка и духовна инспирација. И ако во „галантниот“ 18 век музиката на Бах излегла од мода, бидејќи застарела и изгледала досадна, затоа, пак, во 19 и 20 век, па и сега, на почетокот од 21 век, музиката на Бах е современа како никогаш досега. Бах, со неговата длабочина и трагизам, е особено близок на човекот од нашето време, кој поминал низ сиот ужас и сите потреси на 20-тото столетие и конечно ја загубил верата во сите хуманистички обиди да се преобрази светот без Бога. На човештвото му требало неколку векови за да го осознае она што Бах го сознавал со целото свое битие: на земјата нема и не може да има вистинска среќа, освен единствената – да Му се служи на Бога и да се воспева славата Божја.

Самиот Бах се одликувал со длабоко смирение и никогаш немал високо мислење за себе. За свој позитивен квалитет, тој го сметал трудољубието. На прашањето, како достигнал такво совршенство во уметноста, Бах скромно одговарал: „Бев усрден. Кој ќе биде толку усрден, ќе го достигне истото“. Бах секогаш се сметал себеси за ученик, а не за учител. Во детството и младоста, при светлина од свеќа, скришно од своите родители ги препишувал партитурите на старите германски мајстори, многу километри одел пешки за да го слуша свирењето на знаменитиот оргулист Дихтрих Букстехуде. Но, и во зрела возраст не престанувал да ја препишува музиката на Палестрина, Фрескобалди, Телеман, вршел преработки на музиката на Вивалди и на другите италијански композитори, од кои во текот на целиот живот смирено се учел на комозиторската вештина.

(продолжува)

епископ Иларион Алфеев

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *